ВЕЛОРЕПОРТАЖА (1)

Возењето велосипед во Скопје е како трчање бос во поле со коприви! (ФОТО)

Ентузијаст, акробат, авантурист, роб на сообраќајна структура... Скопскиот велосипедист добива разни квалификации. Тој е продукт на различни дефиниции и манифести за урбаниот изглед и патните релации, истовремено дел од процесот на социо-културно „пркнување“ на Скопје. Мора да научи акробации и нагли движења цик-цак ако сака да се адаптира во сообраќајната џунгла. Кочниците, амортизерите, задолжителното бело светло, мачкиното око или рефлектирачката лента нема многу да помогнат ако немаш очи и на тилот.

 

Урбаните скопски транспортни текови знаат да бидат екстремен предизвик. Возењето велосипед низ Скопје понекогаш е како летање со авион над исландскиот вулкан Ејафјалаокул. Како пливање во сезона на медузи. Како трчање бос во поле со коприви.

Скопските коловозни артерии годишно одземаат десетици животи на пешаци и велосипедисти, кои, за жал, спаѓаат во категоријата ранливи учесници во сообраќајот. Истовремено, периодов, се отвораат дискусии што често одат во правец на полемика од типот: сообраќајна (не)култура, брзо возење версус нефункционална инфраструктура, како можни „аргументи“ за црната листа на сообраќајки. Сето тоа е со позитивна критика и притисок за побезбеден транспорт.

Едното е поврзано со другото. Инфраструктурата ја креира културата. Улогата на инфраструктурата, од техничка перспектива, подразбира можност да се движиш непречено низ неа. Но каде е мојот личен избор за превозно средство ако немам слобода да стигнам од точка А до точка Б? Ако не сум третиран еднакво со другиот вид транспорт? За попријателска велосипедска средина се потребни атрактивни и удобни патеки, кои генерираат помалку стрес, а се осветлени за ноќни тури. Исто како и коловозите.

Неодамна еден австриски експерт по сообраќајна социологија и психологија, Ралф Рисер, подвлече дека инфраструктурата, исто така, има и општествена улога. Бидејќи она што го гледаме во јавниот простор до одреден степен го одразува она што општеството го мисли за различните типови корисници на патот. Па, ако ја погледнете велоинфраструктура во Скопје, вие ќе завршите со мислење или разбирање за ставот на креаторите на транспорните политики и модели на Скопје.

Оваа (пре)долга уводна ментално-сообраќајна гимнастика нема поента доколку некој не се качи на точак, сврти педали низ Скопје, па да сфати „колку е саат“. Едноставно, некои искуства мора да бидат забележани, подвлечени, па да дискутираме за инфраструктура и третман кон велосипедистите. Затоа, на точак и... авантури по скопски улици! Од студентскиот „Гоце Делчев“ до Железничката станица. Ракописот е апсурден, хаотичен и духовит, заради спонтано урбано доживување. Сите средби со граѓани, коли, семафори, знаци, дупки, контејнери... не се случајни. Одраз се на секојдневната велорута. Фотографиите не се сечени, лепени и монтирани, автентични се! За време на создавањето на велорепортажава нема загинати или прегазени граѓани. Така што, текстов нема да влезе во рубриката Црна хроника.

„Гологанов“ веќе не е „Рибар“, но дали стана „Велосипедист“!?

Тргнувам од проширената улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (бивша „Иво Лола Рибар“), на раскрсницата кај студентскиот дом „Гоце Делчев“. Тука велосипедскиот и пешачкиот простор се споени во иста зона. Во „превод“ - тротоар поплочен со бекатон, од десна страна покрај проширени коловозни ленти. Ова е еден од поновите градежни зафати на градските власти. Еден од пофункционалните за велосипедизам. Ќе стане дел од коридорот на проектот „Скопје велоград“. Така кажаа на телевизија. 

Наспроти објектот на архитектот Георги Константиновски, некогашна осмислена градба-симбол на студентската полетност, најпрво наидувам на автобуска станица, насред патека. На 30-40 метри подолу поставени се контејнери на ЈП „Комунална хигиена“, зеле добар дел од патеката. Слободно можеш да се залеташ на точак и со шише да дадеш „кош“! Нема бонус поени за забивање, но бонусот доаѓа ако погодиш со амбалажата во жолтиот контејнер (за пластика). На мешовитата велосипедско-пешачка патека наидувам и на дупка. Недостигаат бекатон-плочки. Можеби се разлабавиле, па си ги присвоиле локални дечки... Во секој случај, одлично место да се повежба скок во воздух!

По „Олимпико“, каде што почнуваат куќите и вулканизерите, тука насред патека паркирана црвена кола и „инцидентно“ оставено комби за утовар-растовар на најблиското продавниче. Нема простор минување за велосипеди, колички за бебиња, за инвалидски колички. Мора симнување на коловоз, бидејќи момците од продавницата треба да си завршат работа. Заборавете на лекциите по логика и законите на физиката, ова е убава можност за развивање летачки способности! Да прелетат над возилата! Понатаму, на патеката уште една автобуска постојка, па уште едно застанато комби. Од оние со аргумент „се враќам за пет минути“.

„Што сликаш!?“, ми довикнува човек од страна. „Сообраќаен прекршок“, одговорив.

„Е, го откри Марс. Море фати се нешто за работа“, почна да се дере човекот.

Фин муабет. Продолжувам понатаму. Во земјата на палмите, во егзотичниот дел од метрополата, кога поминувам покрај палморедот покрај „Гологанов“, сѐ уште нема црвен означен дел за велосипеди. Возам по мешана велосипедско-пешачка патека. Мора да признаам, ако нема минувачи, има доста простор за разминување на точаци. И тука, нормално, забележувам шахти, автобуски станици, но се наоѓа и по некоја дупка од некогашна/идна бандера или свелика. Импровизирана обележана велопатека (со црвени бекатон-плочки) почнува кај ресторанот „Македонска куќа“, на аголот кај некогашна „Алумина“. Оди натаму покрај паркот накај Центар, накај Млечен. По пат на еден дел обраснала трева - не се гледа левиот граничник на патеката. Ова е прилично нов тротоар, нели? Следуваат знак на пат, семафори, луѓе чекаат јавен превоз на автобуска. Мало цик-цак и нема гајле! Како на скијачки слалом. Има и вдлабнати, напречно пропаднати плочки. Прекрасна локација за симулација за скок, за ридско-планински трки!

Мапата на „Гугл“ покажува 1,9 километри од улицата „Московска“ (кај „Гоце Делчев“) до раскрсницата со „Рузвелтова“. Според моите пресметки, на овој сегмент на возниот дел од патеката изброив 5 автобуски станици, 2 знаци, 24 шахти, 1 локација со контејнери, 3 дупки од бандери/светилки, 1 жолто столпче, 2 коли, 2 комбиња и 9 семафори. Нема потреба повторно да ги споменувам локациите со пропаднати/извадени плочки. Тоа одзема од возбудата.

Кога веќе сме кај возбудливи и непредливи нешта, треба да се потенцираат и парчињата распрскано стакло од нечија шофершајбна, наспроти Министерство за економија. Којзнае од кога стојат овде. Веројатно имало судир, сообраќајка, па стаклата од улицата брзо се преместени на патеката. Сѐ што не е на коловозна лента не пречи. Решен проблем. Како што не пречи ниту локацијата на раскрсницата пред „Треска“ - на размер од 8-10 метри се поставени семафор, бандера за светло, кутија за електрика, бандера за камери, дрво и семафор. Сето тоа во делот на пешачко-велосипедската зона.

Од другата стана на „Гологанов“, пак, се развива поинаква интензивна приказна. Различна димензија за транспорт. Овде нема место за велосипеди. Иако стои таков знак. На патеката „никнуваат“ дрвја, лимени и пластични контејнери, паркирани се коли и мотори. Исто така, стандардите укажуваат на 2,2 метри за висината на патеката, но овде гранките и лисјата на дрвјата се спуштени и до 1 метар височина, па следува бесплатно „шишање“.

Освен тоа, недостига каква било патека од кружниот тек кај Каталичка црква до пред Млечен ресторан. Проширувањето на „Гологанов“ редовно учествуваше во отчетите. Репризно по стопати одекнува на ТВ како оваа улица е комплетно обновена, средена и претворена во протечен булевар, со растоварен сообраќај. Еве, уште еднаш повторувам, јас не возам автомобил - па како за мене е „средена“ оваа улица? Дали да се симнам по коловозната лента, да вртам брзо педали со надеж дека нема да завршам на нечија хауба, под нечии „мишелинки“ или да се пикам на она метро тротоарче со бандери, семафори, знаци, пукнатини?

Најадекватна е изјавата на Холанѓанецот Ралф ван дер Зејден, директор на „Ај бајк Белгрејд“ (I Bike Belgradе) и поранешен советник во Хаг: „Скопје има голем потенцијал за велосипедизам. Но од моето присуство тука и ’средбата’ со возилата, забележав дека понекогаш не треба да пиеш утринско кафе, туку само да се повозиш со велосипед, а адреналинот и стравот ќе те разбудат!“, рече Холанѓанецот при својата неодамнешна посета на Скопје.

Зејден живее во Белград и се обидува таму да поттикне искра, а властите да инвестираат во велосипедска инфраструктура, наместо велосипедот да  го третираат како рекреативна дисциплина. Неговата матична земја, пак, е позната по лалињата и ветерниците, но Холандија е и единствената земја во светот со повеќе велосипеди отколку луѓе - 19 наспроти 17 милиони. Сепак, Холанѓаните не се толку толерантни кога станува збор за узурпирањето велопатеки. Муабетот ми е - ако се случи да се паркира кола на црвена патека како во Скопје, ништо чудно да се соберат десет велосипедисти, да го кренат и да го дислоцираат возилото.

Холанѓанецот го зедов за пример и во однос на неговите констатации што треба да значи еден „Велоград“  - велосипедите да имаат еднаков третман со сите моторизирани возила, без страв дали ќе се „залепиш“ во контејнер на патот, дали некој ќе те „собере“ под гуми. Едни непречени и обележани велосипедски коридори заедно со ажурноста на сообраќајната полиција и пајак-службата, но и соодветни „Зони 30“, може да донесат дополнителен стимул за ваквиот екотранспорт. Инфраструктура што ќе овозможи социјална сигурност и ќе ги минимизира конфликтите со сите учесници во сообраќајот. Од позитивен агол, Скопје во 80 отсто е рамен град, има солидна клима и просечна температура од 13,5 Целзиусови степени. Долг е 20-ина километри, со шаховска поставеност на булевари и помали сообраќајни артерии, па ги има сите предуслови да стане велосипедски град. Но дотогаш, како што велеше едно другарче, „ај да те видам вози точак без да пцуеш!“.

(ПРОДОЛЖУВА)

Бојан Шашевски  

Премиерот имаше добра прилика во највисокиот светски политички форум, поексплицитно да ги образложи причините за спорот за името.

повеќе

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе