Според податоците на Управата за извршување на санкции

Во последните три години Иванов помилувал најмногу разбојници, убијци и осуденици за финансирање тероризам

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во последните три години помилувал вкупно 271 затвореник. Според податоците на Управата за санкции, во 2016, 2017 и 2018 година, 268 затвореници биле делумно помилувани, а тројца целосно.

Претседателот со помилувањето дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.

Најмногу помилувани во последните три години се разбојници - дури 45, потоа 38 затвореници што биле осудени за тешка кражба, 35 осуденици за кривичното дело недозволено поседување и држење оружје. Иванов ослободил и 27 убијци и 18 осуденици за финансирање тероризам.

Претседателот целосно помилувал тројца затвореници.

Листата на осуденици што се помилуваат од претседателот ја разгледува Комисијата за помилување, кое е работно тело на претседателот на Република Македонија и е составена од единаесет члена, од кои еден е претседател на комисијата.

Комисијата за помилување работи на седници што ги свикува претседателот на Комисијата по сопствена иницијатива и врз основа на заклучокот на Комисијата.

Комисијата на седницата ја разгледува поединечно секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови.

Годинава нема целосно помилувани осуденици, а во минатата година целосно бил помилуван еден затвореник, осуден на кривичното дело затајување. Во 2016 година претседателот целосно помилувал двајца осуденици: еден осуден за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот и еден за кривичното дело прикривање.

При подготвувањето на предлозите Комисијата се води по следните критериуми: природата, видот и тежината на извршеното кривично дело; личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики; влијанието на актот за помилување врз средината од каде што го извршил кривичното дело; возраста на извршителите на кривични дела; и за осудените жени се зема предвид дали тоа се мајки на малолетни и незгрижени деца.

Според последните податоци од Управата за санкции, во 2018 година биле помилувани 24 затвореници. Од нив најмногу, или 7, се затвореници што издржувале казна затвор за злоупотреба на безвизниот режим и шенгенскиот договор и 6 затвореници што биле осудени за убиство.

Во минатата 2017 година претседателот делумно помилувал 121 затвореник.

Најмногу од помилуваните, или 20 затвореници, издржувале казна затвор за разбојништво, а биле ослободени и 19 затвореници осудени за тешка кражба. Oд затвор биле пуштени и по 10 затвореници осудени за кривичните дела тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, за убиство и за финансирање тероризам. Ослободени биле и осум затвореници што издржувале казна затвор за шверцување мигранти, шест осуденици за кривичното дело злоупотреба на безвизниот режим и шенгенскиот договор, четворица што биле осудени за нанесување тешка телесна повреда, и по двајца осудени за кривичните дела насилство и убиство во миг и организирање група за трговија со малолетници и шверцување мигранти.

Ослободени биле и 11 осуденици што биле осудени за кривичните дела повреда на правото од производствен или заштитен пронајдок, запуштање и малтретирање дете, затајување, измама, измама во службата, лихварство, тешки дела против општата сигурност, посредување во вршење проституција, грабнување, изнуда, примање поткуп.

Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.

Во 2016 година претседателот Ѓорги Иванов на слобода пуштил вкупно 123 осуденици. Од нив најмногу или 25 од ослободените биле осудени за кривичното дело разбојништво. Ослободени биле и 22 затвореници за недозволено држење на оружје и распрскувачки материи, но и дури 11 затвореници што издржувале казна затвор за убиство.

Претседателот помилувал и 19 затвореници осудени за тешка кражба, осум затвореници осудени за кривичното дело финансирање тероризам, петмина за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот. Ослободени биле и шест затвореници што биле во затвор за измама, петмина осудени за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, и пет осуденици за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот.

Од затвор биле пуштени по тројца затвореници осудени за кривичните дела тешки дела против животната средина и за шверцување на мигранти, потоа по двајца затвореници што издржувале казна затвор за грабнување, за насилство, за изнуда, за измама и за предизвикување општа опасност. Помилувани биле и седум осуденици што издржувале казна затвор за кривичните дела убиство во миг, тешки дела против сигурноста, перење пари, царинска измама, загрозување со опасно орудие, спречување на службено лице во вршење службена должност.

Предлозите и мислењата членовите на Комисијата ги доставуваат до претседателот на Република Македонија, кој ја донесува конечната одлука. Претседателот на Република Македонија дава помилување на поединечно определени лица за кривични дела предвидени со законите на Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон и одредбите на Законот за помилување.

Помилување не може да им се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, кривични дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членот 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Д.В.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе