Владата предлага осум уставни измени

Владата на Република Македонија на последната владина седница донесе предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија во повеќе области, во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целисходно функционирање на системот.

Измените околу кои се предлага да се пристапи треба да овозможат нов квалитет, прецизирање на соодветните области, економско зајакнување и поставување на повисоки критериуми во функционирањето на системот.

Уставните измени кон кои предлагаме да се пристапи се однесуваат на 8 функционални целини и тоа: промена на називот на Народната банка на Република Македонија; дефинирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена;воведување на институтот Уставна жалба;промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија; промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за  одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд; прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг; создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона и пристапување за измени на Уставот на РМ, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија, соопштија од Владата.

Првата измена се однесува на Народната Банка на Република Македонија која е едно од обележјата за независност на државата, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.  Поаѓајќи од ова нејзина суштинска улога, целта на измената во овој сегмент е да се интервенира во називот на оваа институција во насока на нејзино реименување во Банка на Република Македонија.

Втора измена ќе овозможи попрецизно дефинирање на брачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со кој ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители.

Третата измена се однесува на создавање на можност за воведување на институтот Уставна жалба. Во Република Македонија на граѓаните досега не им стоеше на располагање овој институт кој е претходно воведен во повеќе држави. Неговата цел е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот.

Со можноста орган во Република Македонија да одлучува за заштитата на правата на граѓаните се воведува силен механизам за заштита за уставно загарантираните права и слободи, и ќе се влијае на намалување на тужбите до Судот за човекови права во Стразбур.

Четвртата измена се однесува на составот на судскиот совет на РМ. Токму заради унапредување на судскиот систем воочена е потребата за унапредување на положбата на судската власт преку имплементирање на највисоките европски стандарди. Во таа насока, се предлага промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија и зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите. Имено, со оваа иницијатива се предлага промена на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција – министерот за правда и Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија од составот на Судскиот совет.

Исто така, се предлага зголемување на бројот на членови на Советот кои се избираат од редот на судиите, односно се предлага постојниот број од 8 да се зголеми на 10.

Зголемувањето на бројот на судиите членови на Судскиот совет се предлага заради натамошно јакнење на независноста на судството.

Наведените измени се предлагаат заради усогласување со меѓународните стандарди во областа на правосудството кои се преземени во најголемиот број европски држави, како и исполнување на Препораките на ГРЕКО. Со тоа ќе се зајакне независноста и самостојноста на судската власт, посебно во процесот на избор и разрешување на судии.

 Петата измена предлага воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител.

Еден од меѓународните стандарди во сферата на независноста на судството е оној кој гарантира дека при одлучувањето за дисциплинските санкции судијата има право да поднесе жалба до повисока судска институција.

Шестата уставна измена се однесува на воведување на уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и лимитирање на јавниот долг. Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми коишто гарантираат фискална дисциплина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока и тоа: Германија, Шпанија, Словенија, Австрија, Полска, Италија, и други.

Во насока на создавање на силна финансиска дисциплина нашиот предлог е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60% од БДП.

Седмата измена е создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди. Со создавањето на финансиската зона ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за  привлекување на меѓународни финансиски трговски друштва. Со оваа можност се отвора вратата на сериозни и големи финансиски трговски друштва кои би биле во функција на креирањето на економски развој.

Осмата измена се однесува на Државниот завод за ревизија за кого предлагаме пристапување за измени на Уставот на РМ, со цел дефинирање на ДЗР како уставна категорија. Реализацијата на оваа измена е во насока на јакнење на независноста на оваа институција.

Предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет. Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани, стои во соопштението на Владата .

 

.  

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе