Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во Скопје

Вградено целосно вештачко срце, прво во Македонија

Во светски рамки се изведени вкупно 1.800 вакви операции, а нашата земја влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува оваа најтешка и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје е направено првото вградување на целосно вештачко срце во Македонија. Пациентот, маж на 46-годишна возраст од Штип, со исклучителна срцева слабост, по оперативниот зафат е во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро.

Операцијата, којашто траеше повеќе од пет и пол часа и заврши во средата рано наутро, комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.

Вградувањето на целосно вештачко срце, како комплексна кардиохируршка операција, ја вброи Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во самиот врв на светските здравствени установи кои вршат зафати со механичка срцева потпора. Воедно, ова е огромен исчекор и за македонската кардиохирургија, со што нашата држава се вбројува во малкуте земји во светот каде што се извршени вакви операции.

Проф. д-р Александар Николиќ

„Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфициенција, функционираше со само 15 отсто од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е најдоброто решение, особено кај пациенти кај кои срцевата инсуфициенција е присутна и во десната и левата комора и е значително покомплексна интервенција, за разлика од вградувањето вештачка  LVAD-пумпа, којашто дава механичка поддршка единствено на левата срцева комора”, изјави проф. д-р Николиќ.

Вградувањето вештачко срце е најтешката и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата. Самата операција траеше околу пет и пол часа и на огромна радост сè се заврши беспрекорно. Пациентот е во стабилна здравствена  состојба, свесен е и контактибилен. Позитивно сме изненадени од брзината на неговото заздравување, вели шефот на тимот, проф. д-р Николиќ.

Ова операција на вградување вештачко срце е прва во Македонија, а втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње” во Белград, исто така изведена од проф. д-р Николиќ.

„Со вградувањето на првотo вештачко срце, ‘Аџибадем Систина’ и понатаму докажува дека е лидер во воведување нови интервенции. За изведување на оваа специфична интервенција нашиот кардиохируршки тим помина стручна едукација во Германија, изведена од страна на експертите од компанијата Syncardia, којашто е светски лидер во производството на механички срца. Преку оваа едукација, тимот кардиохирурзи стана единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија. Вкупно во светски рамки се изведени 1.800 вакви операции, а Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија...”, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.

Во Клиничката болница наведуваат дека доколку не беше изведено вградувањето на вештачко срце кај овој пациент, прогнозите за неговото преживување ќе се сведуваа на неколку денови или на неколку недели. Оваа операција на пациентот ќе треба да му овозможи пристоен и поконфорен живот во следните шест години, за да може да ја дочека транасплантацијата на донорско срце. 

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце.

 

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе

Тесла преку проектот Варденклиф покажал дека енергетските ресурси се неограничени.

повеќе