ОПСТРУКЦИИ ОД ВРХОВЕН СУД ЗА „ТАРГЕТ“ И „ТВРДИНА“

Вангеловски не ја пушти Комисијата да го чешла предметот за притворот на Грујевски и Бошковски

Комисијата при Советот за утврдување на факти денес не успеа да изврши увид во списите на предметот во јавноста познат како „Таргет“ и „Тврдина“, бидејќи претседателот на Врховниот суд и наредил на судската полиција да не ја пушта Комисијата во судот. Од Советот за утврдување на факти соопштуваат дека со ваквиот потег претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски сторил повреда на законот и најавија кривична пријава.  

Советот го известил претседателот на Врховниот суд дека на ден 13 септември во 11 часот ќе врши увид во списите на предметите познати во јавноста како “Таргет-Тврдина“.

„Согласно известувањето, Комисијата на ден 13.09.2017 година во 11,00 часот се јави во Врховниот суд на РМ, при што од страна на судската полиција не и беше дозволено да влезе во судот заради остварување на увид во списите на предметите. На барање на членовите на Комисијата да им се објасни, кој не го дозволува нивниот пристап во судот и извршување на потребното службено дејствие – увид во списте на предметите, судската полиција усно објасни дека Претседателот на Врховниот суд на РМ, им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа Претседателот на Врховниот суд на РМ по телефон го повика Претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, се додека на судот не му биде доставен основот поради кој Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејствие, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе сносиме последици. После телефонскиот разговор помеѓу Претседателот на Комисијата и Претседателот на Врховниот суд, Претседателот на Комисијата и членовите ја напуштија зградата на Врховниот суд и одлучија да ја известат јавноста дека биле спречени да извршат службено дејствие предвидено со закон“, се вели во соопштението на Советот за утврдување на факти.

Од Советот додаваат дека ваквиот начин на однесување на претседателот на Врховниот суд, претставува спречување во вршењето на овластувањата што ги има Комисијата, согласно член 42 од Законот за Советот за утврдување на факти, каде е наведено дека податоците и доказите кои се од интерес за утврдување на факти во врска со утврдување одговорност на судија ги прибира Комисијата, а државен орган, единица на локална самоуправа или физичко лице или правно лице кај кого се наоѓаат тие докази, должни се без надомест да ги достават до Советот.

„Во конкретниот случај со неовозможување на увид во списите заради прибавување на податоци и докази кои се од интерес за утврдување на фактите во врска со утврдување на одговорност на судиите кои постапувале по горенаведениот предмет, направена е повреда од страна на Претседателот на Врховниот суд, за што овој Совет ќе поведе и кривична постапка за негова одговорност пред надлежниот јавен обвинтиел“, се вели во соопштението.

Од Советот за утврдување на факти напоменуваат дек јавноста треба да биде известена дека ова не е прв пат Пптседателот на Врховниот суд и судиите во Врховниот суд секогаш во минатото кога беа повикувани од страна на Советот за утврдување на факти, да дадат изјава или да им се овозможи пристап до информации кои ги има Врховниот суд на РМ по конкретни предмети, беа вршени опструкции од нивна страна на начин што не постапуваа, одговараа на барањата на Советот за утврдување на факти или не се одзиваа на поканите да присуствуваат на распит и слично. И денешното однесување на Претседателот на Врховниот суд на РМ претставува повторување на нивното претходно однесување и понатаму тече опструкцијата, додаваат од Советот за утврдување на факти.

Комисијата на 6-ти септември изврши увид во овој предмет во Основниот и во Апелацискиот суд, а потоа најавија дека ќе се врши увид и ќе се проверува работењето на судиите од Врховниот суд.

По ваквата најава редакцијата на МКД.мк се обрати до Врховниот суд за да добие информација дали до нив е испратено некакво барање од Советот за утврдување на факти за вршење на увид во овој предмет и дали има датум кога тоа ќе се случи. Од таму, прво бевме препратени до Советот за утврдување на факти, а потоа дополнително ни беше кажано дека таква информација Врховниот суд не може да ни обезбеди.

 Од Советот за утврдување на факти велат дека увидот на предметите „Тврдина“ и „Таргет“ е со цел да се прибават потребните факти заради изготвување на извештај.

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија на 25ти август одража седница на која го разгледа извештајот во врска со формиран предмет по допрен глас и поднесената иницијатива од страна на Здружението за истражувања, анализи и развој „Зелена Лупа“ Скопје, за сторени неправилности од страна на судиите кои одлучувале во постапката по судските предмети познати во јавноста како „Таргет“ и „Тврдина“ кои СЈО ги спои во еден предмет. 

Комисијата треба да утврди дали судиите сториле неправилности при донесувањето на нивните одлуки и по изготвениот извештај Советот ќе треба да одлучи дали ќе се поведе постапка за утврдување одговорност на судиите пред Судскиот Совет на РМ или ќе ја одбие иницијативата.

Грујевски и Бошковски се обвинети во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ на СЈО за нелегално прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. По нив МВР распиша меѓународна потерница, откако полицијата по одлуката на Врховниот суд да им биде определена мерка притвор, не ги најде дома.

 

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе