Единица за специјални задачи

Успех на „тигрите“: Спартанците од Македонија четврти во Европа по издржливост на натпреварот Спарта 300

Тимот на Единицата за специјални задачи - Тигар го освоија 4. место на ниво на специјални полиции од 20 земји. Четворица припадници на Тигар со нивниот тим лидер и помошник-командир во ЕСЗ, Радош Ефремов, со гордост можат да кажат дека тимот од Македонија по издржливост и спремност се веднаш зад тимовите на специјалните полиции - Унгарија, Израел и Чешка, кои ги зазеле првото, второто и третото место.

Замислете си дека треба да истрчате една милја или 1,6 километри со панцир тежок 10 килограми, па продолжувате со правење на 100 згиба, 200 склека, 300 „чучњеви“ и на крај пак да истрчате 1,6 километри, и сето тоа за време од најмногу еден час. Или пак да направите 25 згиба, 50 дигања со тежина од 60 килограми, 50 склека, 50 скока на кутија, 50 стомачни и сето тоа додека во рацете држите 60 килограми, а од лево и десно има две точки што мора да се допрат со нозете.

Ви звучи неверојатно но ова се само две од вежбите што четворица припадници на Единицата за специјални задачи - Тигар успешно и без грешки ги направија на натпреварот „Спарта 300“ на ниво на специјални единици од Европа. Овој натпревар се одржа минатиот месец во унгарскиот Центар за антитероризам - ТЕК во Будимпешта.

Нашите специјалци го освоија 4. место на ниво на специјални полиции од 20 земји. Тимот од четворица припадници на Тигар со нивниот тим лидер и помошник-командир во ЕСЗ, Радош Ефремов, со гордост можат да кажат дека тимот од Македонија по издржливост и спремност се веднаш зад тимовите на специјалните полиции - Унгарија, Израел и Чешка, кои ги зазеле првото, второто и третото место.

Натпреварот „Спарта 300“ се одржува седма година по ред. ЕСЗ Тигар четврта година по ред учествува на овој врвен професионален натпревар во издржливост и перформанси. Се натпреваруваат во пет вежби, сите од дисциплината кросфит, или по дефиниција, константна варијација на функционални движења извршени со висок интензитет. Вежбите претставуваат комбинација на олимписко дигање тегови, гимнастика, трчање, пливање, основни кардиовежби преку кои се подобруваат севкупната флексибилност, сила, брзина, издржливост и агилност. Секој ден вежбање кросфит носи нов предизвик на нова вежба направени да вклучуваат разни мускулни групи, кардиовежби, издржливост и снага. Тренинзите на кросфит опфаќаат скокање со јаже, мавање кетлбел , превртување на гума во тежина од околу 100 килограми, склекови, склекови од стој на раце, кревање на карики, чучњеви, спуштања, извлекувања, исфрлања, подигнувања на тегови и мртво подигнување, а во исто време се трча, се скока на кутија и на јаже. Но комбинацијата од повеќе вежби мора да се изврши во даден рок од неколку минути до еден час најмногу.

Со тимот од ЕСЗ Тигар се сретнавме во нивната база додека тренираа на игралиштето кое за жал, нема многу од справите потребни за тренинзи, ниту пак услови потребни за редовните вежби, но потребни и за работните ангажмани на специјалците.

Од вежбите што ни ги демонстрираа нашите соговорници, но и од разговорот што го водевме, се уверивме дека станува збор за екстремно силни и психофизички спремни специјалци. Со досегашните резултати и со нивната упорност и истрајност во тренинзите се надеваат дека наредната година ќе се вратат со медала од натпреварот во Будимпешта.

Ни раскажаа дека за „Спортфит 300“ се подготвувале интензивно една година претходно.

„Во кросфитот нема еден ист тренинг, не знаеш за што се подготвуваш и секој ден различно се тренира. Вежбите опфаќаат трчање, скокање на кутии, дигање тежини, пливање, олимписко дигање. Ова е многу многу, повеќе од Ијронмен. Овде има комбинација на сила, издржливост, кондиција и експлозивност. Кросфитот е измислен уште во 90 години во Америка со цел да се подигне психофизичката состојба на припадниците на специјалните единици на војската, се усовршува од време на време и се постигнуваат се поголеми професионални успеси“, ни објаснува еден од четворицата специјалци од Тигар, а воедно и државен првак на Македонија во кросфит.

Самите вежби носат имиња што се користат на глобално ниво и со кои им се оддава почит на загинати припадници од специјалните полиции. Најпозната е вежбата „Марфи“, именувана по американски снајперист што загинал во акција. Вежбата е трчање една милја со панцир тежок 10 килограми, правење на 100 згиба, 200 склекови, 300 чучњеви и повторно да се истрча една милја, и сето тоа со 10 кила на себе. Времето потребно за извршување на оваа вежба е ограничено на еден час. Екипата на Тигар оваа вежба ја заврши за 45 минути.

Нашите соговорници ни ги објаснија вежбите, а од тоа што го слушаме не можеме ниту да замислиме дека овие припадници на ЕСЗ, кои не се постари од 26 години, се вистински спартанци токму поради успехот што го постигнале до сега.

Велат дека овој натпревар секоја година се отвора со вежбата „Спарта 300“, вежба по која е именуван и натпреварот и е задолжителна за сите натпреварувачи. Вежбата опфаќа 25 згиба, 50 кревања на тегови со тежина од 60 килограми, 50 склека, 50 скока на кутија, 50 стомачни и додека се прават стомачните, во рацете држиш 60 килограми, а лево и десно има две точки што треба да се допрат со нозете.

„Со вежбата Спарта 300 се отвора натпреварот и таа е задолжителна за сите учесници. Јас вежбата ја завршив за 11,48 минути. Рекордот од 7,30 минути го држи припадник од Српската специјална единица - САЈ. Но и покрај тоа, српскиот тим не заврши пред нас, бидејќи во натпреварувањето е битен тимскиот резултат, а не резултатот на само еден човек“, ни вели соговорникот.

Еден месец пред натпреварот организаторот ги доставува останатите три вежби до учесниците за да има време тимовите да се подготват.

„Вежбите се со многу висок интензитет и се бара да се завршат што побрзо. Има вежби со максимум кревање клин, тоа е олимписко кревање, односно колку вкупно тежина ќе кренеме за пет минути сите тројца. На пример, ако јас кренам 100 килограми, колегата 100 и третиот исто, се собира вкупниот резултат. По истекот на тие пет минути продолжуваме на саутбајк велосипед (статичен велосипед со отпор на кој се врти со раце и нозе) и треба да се согорат 100 калории. Потоа преку рамо се префрла 50 пати медицинска „топка“ со тежина од 50 килограми и треба да се согорат 200 калории, па следува 100 пати префрлање преку рамо на медицинска од 50 килограми и 50 скока на кутија. Сите пет вежби се работат тимски, а меѓу вежбите има пауза од околу два часа“, ни објаснува соговорникот, и додава дека „никогаш не може да тренираш премногу за работа што може да те убие. Ова се однесува токму за нашата работа. Ние тренираме за таа намена. Мора секогаш да сме спремни“, вели припадникот на ЕСЗ.

Нашите соговорници објаснуваат дека за вежбите што им биле дадени во планот, тренирале еден месец интензивно, а преку цела година претходно тренирале кросфит. На тој начин телото им е подготвено за напорот, а потоа ја вежбале само техниката.

„Трениравме цела година, но за жал многу од справите ги немаме овде. На пример, „саутбајк“ прв пат пробавме на натпреварот, а направивме супер резултати на таа вежба. На оваа справа има калориметар и мора да поминеме односно да согориме точно калории колку што се дадени во вежбата и се вежба без прекин. Од тегови се оди на статичниот велосипед, па на трета вежба и нема прекин. Мускулната група постојано е со висок интензитет. Пулсот е 150 до 160 отчукувања во минута. Ако некој се обиде да го спушти пулсот за да се одмори, тогаш се губи време во другите вежби. Се гледа за колку време ќе ги завршиш вежбите, се мери времето на секој припадник поединечно, на крај се собира вкупното време на целата екипа и тоа е резултатот на тимот“, ни објаснува припадникот на ЕСЗ.

Тимот на ЕСЗ на овој натпревар учествува четврта година по ред и со гордост велат дека резултатите им се во нагорна линија.

„Конкуренцијата беше огромна, но постигнавме супер резултати. Имаме најдобро време и ова ни е мотивација за повеќе. Први сме во регионот, пред специјалната полиција на Хрватска, на Србија, Косово.. Можам да кажам дека многу е мала разликата од прво до четврто место. Крајниот резултат е вкупното време од сите пет вежби, а губењето во време може да биде од неискуство, или ако некое од повторувањата на вежбите не се направи правилно па тоа не се брои. Значи се троши време и енергија, а не ти го бројат тоа време, бидејќи има стандарди. Затоа мора правилно да се прават вежбите бидејќи тоа на крај може да те чини 3 до 4 секунди пласман подолу“, вели нашиот соговорник.

И покрај огромниот успех на македонските специјалци изостанала наградата или пофалбите од МВР. Скромно кажаа дека е доволно да им се обезбедат справи и услови за тренинзи, кои пред се, им се потребни за физичките подготовки за нивните работни ангажмани.

„Спартанците“ во ЕСЗ Тигар работат околу пет години. Четворицата се активни спортисти. Еден од нив е државен првак во борење, а друг е државен првак во кросфит.

„Двајца се државни прваци на Македонија, во борење и во кросфит, и тие се како тренери на екипата. Ги советуваат своите колеги, им ги објаснуваат правилата во вежбите и начинот како да се постигне најдобар резултат за секоја вежба, и на тој начин го влечат тимот кон успех. За да се постигне ваков резултат потребна е „жртва“. Режим на спиење, јадење, одмор, се да биде балансирано. Овде се оди до максималните граници на човечкото тело, се црпат сите атоми. Многу е важно да не се префорсира во вежбите, да се знае до каде е границата и да се заврши вежбата. Ако се случи и минимум да се префорсира од границата на своите можности, може да не се заврши вежбата и да има последици по натпреварувачот“, објаснува нивниот тим лидер Ефремов.

Четворицата специјалци последниот месец пред натпреварот биле редуцирани со обврски во Единицата со цел да тренираат за натпреварот. Бидејќи во нивната база нема услови ниту справи за тренирање, добиле дозвола да тренираат во просториите на клубот „Кросфит“ во Скопје, за што им се благодарни.

„Справите за вежбање во клубот „Кросфит“ се приспособени токму за овој натпревар, а ние во Единицата немаме такви справи. Бевме редуцирани од обврски, во одреден период од денот одевме на тренинзи, па се враќавме во базата. И покрај тренинзите ние ги извршувавме и нашите работни задачи. Треба да се знае дека прва обврска ни е службата, па потоа тренинзите. И во сета таа мешаница со тренинзи и секојдневни работни задачи, постигнавме супер резултати“, вели соговорникот.

Натпреварот се одржувал во спортскиот кампус, поточно во тренинг центарот на ТЕК, строго наменет за кросфит вежби и во перфектни услови.

„Базата има пет спортски сали, за крос фит, џудо, бокс, има базен, полигони, со стадион со атлетски патеки, има перфектни услови, а со постигнатиот резултати сме рамо до рамо со домаќините“, вели еден од специјалците.

Нивниот тим лидер потенцира дека и покрај секојдневните професионални обврски што ги имаат мора да се најде начин и време за да се истакнат нивните квалитети на меѓународно ниво.

„И покрај секојдневните професионални обврски, кои исто така бараат физички подготовки, и надвор од работното време момците тренираа интензивно, сè со цел да постигнеме врвни резултати, да го промовираме Министерството за внатрешни работи и ЕСЗ - Тигар, а со тоа да го подигнеме и нивото на подготвеност. Постигнатиот резултат е мотив и водилка на сите припадници на Единицата дека само со работа може да се постигне успех“, вели Ефремов, заменик-командир на Единицата и тим лидер на тимот на натпреварувачите.

Припадниците од останатите специјални полиции на натпреварот се чуделе како тоа тимот од Македонија ги извршувал и работните задачи и тренирал за натпреварот.

„Се чудеа дека ги извршуваме секојдневните работни задачи и тренираме. Учесниците од другите земји откако биле избрани за натпреварот биле ослободени од сите професионални задачи и се фокусирале само на вежбањето“, вели еден од соговорниците.

Нивниот тим лидер ни го објасни начинот на селекција во редовите на Единицата и изборот на најдобрите што потоа ќе бидат пријавени за натпреварот.

„Откако ќе ја добиеме поканата од ТЕК центарот, следува пријавувањето на специјалците. Се прават проверки и селекција, се собираат најдобрите поединечни резултати и најдобрите екипни резултати. На крај се собира вкупниот резултат кој мора да биде усогласен. Значи кој од припадниците е во најдобра форма, кој тим е најдобар, кои се најдобри во сите вежби и на тој начин се прави екипата. Мора да си добар и во трчање и во дигање тегови и во пливање, во кардио вежби. Тие што ќе бидат одбрани вежбаат интензивно цела година, а еден месец пред натпреварот од ТЕК Центарот добиваме листа со три вежби што ќе бидат задолжителни за тимот што се натпреварува, една вежба е изненадување и ја добиваат на лице место. Пред натпреварот организаторот бара лекарски потврди од спортска медицина, а прегледите се прават овде. Пред почетокот на натпреварот на лице место се прави увид на медицинска документација, се регистрираат натпреварувачите и тогаш може да се натпреваруваат. Бевме најмлад тим, но сите учесници се помлади од 35 години. На натпреварот има две старосно граници, до 35 години и над 35 години за кои постојат поблаги критериуми“, објаснува Ефремов.

Што претставува ТЕК центарот?

Владата на Виктор Орбан на 1 септември 2010 година го формирала Центарот за борба против тероризмот или ТЕК. Примарните цели на ТЕК се борбата против тероризмот и заштита на премиерот и главниот обвинител на Унгарија. ТЕК работи под надлежност на министерот за внатрешни работи. Седиштето на Центарот за борба против тероризмот се наоѓа во Будимпешта. ТЕК одржува оперативни поделби на Меѓународниот аеродром Лист Ференц во предградието на Будимпешта, како и во неколку погранични градови. Припадниците на ТЕК се платени трипати повеќе од редовната полиција.

ТЕК центарот е дизајниран во согласност со меѓународните барања, има национална компетентност, но во вонредни случаи припадниците може да биде распореден надвор од Унгарија. Поради својата надлежност детектира терористи, ги фаќа вооружените лица што се сомничат дека извршиле криминал, ги прекинуваат насилните кривични дела против луѓето и ги апси лицата кои претставуваат опасност за себе и за јавноста.

Најпродуктивната и најголема акција што ТЕК досега ја има ангажирано е судирот со мигранти на граничниот премин во јужна Унгарија, откако владата на Орбан ја затвори конечната точка на влез во земјата од Србија во септември 2015 година.

ТЕК спроведе неколку операции во странство за ослободување на унгарските заложници, најизразено во Сирија во август 2012 година.

Покрај домашната соработка, во текот на своите активности во странство, ТЕК одржува контакти со антитерористичките органи на други држави.

 Даниела Вељановска

Фото: Роберт Атанасовски 

Објавено

Среда, Јули 18, 2018 - 13:41

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе