„Панама пејперс"

Тројца Македонци на страницата за скандалот со офшор-фирми

Роланд Златку, Слободан Спасовски и Александар Пановски се тројцата Македонци што се најдоа во таканаречените „Панама пејперс“. Нивните имиња се појавуваат на интернет-страницата на Меѓународниот конзорциум на новинари-истражувачи, кој го објави скандалот со офшор-фирмите во Панама.

На шемата на интернет-страницата Пановски се поврзува со компанијата „Ориент Оил и Гас Лимитед“, која е регистрирана на адреса на Британските Девствени Острови. Имено, како што пишува, тој е директор и акционер во овој офшор-субјект од 8 јуни 2009 година. Според податоците на сајтот, „Ориент Оил и Гас Лимитед“ се води како офшор-субјект, додека до името на Пановски стои описот „лице што има улога во офшор-субјект или посредник што им помага на клиентите да основаат офшор-субјект“.

Името на Слободан Спасовски се поврзува со компанијата „Фисн Дел Лимитед“, регистрирана на Сејшелските острови, додека Роланд Златку е поврзан со компанијата „Енистон Девелопмент корпорејшн“, со адреса во Шангај, Кина, а регистрирана на Девствените Острови.

Овие компании се како дел од 11,5 милиони документи од досиејата на адвокатската фирма Мосак Фонсека, со седиште во даночниот рај Панама.

Новинари од 80 земји ги прегледуваат милионите документи преземени од базата на Мосак Фонсека, која е четвртата по големина офшор-правна фирма во светот, и која е во центарот на големата финансиска афера.

Така, Брајан Килмартин од Ајриш тајмс, дел од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), направи светска мапа од над 200 земји, која произлезе од базата на Мосак Фонсека. Тука се прикажани бројка по бројка на компании, клиенти, корисници и акционери од поединечна земја.

На јавната мапа за Албанија се евидентирани 2 компании, за Хрватска 3 фирми, Црна Гора 13, Словенија 21, Бугарија има 50, Унгарија 90, Германија 173 фирми, Грција 223, Обединетото Кралство 9.670, Луксембург 10.848, Швајцарија 38.433...

Објавените „Панама-документи“ опфаќаат период од речиси 40 години, од 1977 година па сè до минатиот декември, и наводно покажуваат дека некои друштва со седиште во даночните оази биле користени за перење пари, трговија со оружје и дрога, како и даночно затајување.

Офшор-кралството Панама во Македонија беше актуелно пред две години, кога Новатв истражуваше за познати македонски бизнисмени, политичари и државни службеници кои имаат отворено свои фирми во Панама. Според документите до кои дојде Новатв, а ги објави во јануари 2014, во Панама се регистрирани најмалку пет фирми чии сопственици се македонски државјани. Заедничко за сите фирми е тоа што се основани. со основен влог од 10 илјади американски долари во периодот меѓу 1999 и 2002 година.

Објавено

Понеделник, Мај 9, 2016 - 21:00

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе