Работеле, но им рекле дека нема да има исплата поради криза

„Тетекс Јарн лимитед“ им даде отказ на 160 работници, вработените си ги бараат платите за февруари и март

Во Тетово над 160 работници во фабрика за производство на предиво и волница „Тетекс Јарн лимитед“ остануваат без работа, а работниците обвинуваат дека раководството им вршело принуда да потпишат анекси на договорите за работа.

Тие велат дека иако добиле договори за работа на три месеци, биле принудени за нив да потпишат анекси и со тоа останале без работа. Тие сметаат дека се изиграни со цел да не да добијат плати за февруари и март, иако, како што ни појаснија, работеле и во текот на месец март кога државата спроведува мерки и се бори со коронавирусот, а дополнуваат дека не им била дадена никаква заштитна опрема, ниту маски, ниту ракавици. 

И покрај тоа што немале никаква заштитна опрема, тие работеле, а сега сопствеништвото, велат работничките, сака само побрзо да се ослободи од нив. 

„Сите вработени во Тетекс Јарн лимитед од 1 до 10 март март потпишавме договори на 3 месеци. На 17 март ни беа дадени нови договори за работа со важност од 9 март до 31 март без напишан износ на плата. Така со завршување на на 'новиот' договор од 1 април 2020 ние остануваме без работа. Раководната структура не ни исплати плати за февруари, како и сега за март, а со тоа немаме ни платени придонеси. Од раководството ни се заканија дека мора да ги потпишеме анексите инаку нема да ни даде одјава од работно место за да се пријавиме како невработени. Исто така ни се заканија дека нема да ги добиеме платите за февруари и март, директорот ни рече дека правдата е на нивна страна. Меѓу нас има луѓе со по 35 години стаж“, велат во телефонски разговор за МКД.мк работници.

Тие го пријавиле случајот до Државниот инспекторат за труд и други соодветни институции и велат дека надлежните мора да се разбудат за овој проблем, кој опфаќа многу семејства. 

Овие луѓе тврдат дека не бараат пари на подарок, туку си ги бараат платите што си ги одработиле и тоа во време на коронавирус и без никаква опрема и заштита за нивното здравје. 

Фабриката, која произведува предиво и волница, е компанија со доминантен бугарски капитал.

К.Д.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе