50 ГОДИНИ ОД ПОТОПУВАЊЕТО НА ГЛОБОЧИЦА

„Св.Илија“ над вода по 50 години

Камен плоча од потопената црква која датира од 15 век е вградена во новоизградениот објект, на ридот над некогашното село, кој ќе биде осветен во недела (14 септември) на 50-годишницата од напуштањето на родниот крај на глобочичани кои морале да се иселат поради градењето на хидроцентралата „Глобочица".

 

„Ако сакаш да си го скротиш целиот немир од душата, дојди тука, во оваа припитомена дивина, и за миг од возрасен, си дете“.

Вака македонскиот поет Јован Котески ја доловувал убавината на селото Глобочица, каде што в недела по неколку години изградба и солидарна работа, иницијативниот одбор на Месната заедница „Глобочица“ го најавува свечениот чин на осветување на новоизградената црква „Св.Илија“.

Осветувањето од страна на Владиката Тимотеј ќе се случи во 8 часот, а по повод овој настан, преку целиот ден планирана е и богата културно-уметничка програма за сите пријатели и поддржувачи на иницијативата за возобнување на црквата која датира од 15 век.

Осветувањето на црквата „Св.Илија“ се случува на 50-годишнината од иселувањето од селото Глобочица, кога заради потребите на градењето на хидроцентралата „Глобочица“(1964 година), населението морало да го напушти својот роден крај.

Но спомените не бледнеат. Поранешните жители на ова село, на 20-ина километри од Струга, на патот за Дебар, заедно со своите нови поколенија, млади генерации, одлучуваат да ја возбноват некогашната црква,  но и селото кое сега добива нов лик и се вишнее со новоизградените куќарки на ридот над езерото.

„Камен по камен. Напорно, но, некако убаво. Сите го носиме духот на некогашното село“,  велат мештаните кои изградија нова животна приказна до која сега се стигнува преку езерото Глобочица.
„Сите некако долго време страдавме дека црквата ни остана потопена. Но, со возобнувавањето, направивме чекор да ја извадиме над вода. Сега, после цели 50 години, е тука“, објаснуваат мештаните.

Новата црква, благодарение на упорноста и посветеноста на селаните, вградена во себе, заедно со крстот,  ја носи и камен-плочата од некогашната потопена црква, која била извадена од дното на Глобочичкото езеро од страна на нуркачки тим во мај, 2012 година. Неа и е дадено почесно место во еден од сводовите на новата црква.

Инаку, во длабочините на темната зелена вода се уште стојат остатоци од проголтаната црква „Св.Илија“, која била изградена во „турско“, а чиј крст, велат селаните, понекогаш, кога опаѓа нивото на вештачкото езеро, станува видлив над површината на водата.

Црквата „Св.Илија“ , која во недела ќе биде осветена, се градела благодарение на чувството на роднокрајност, солидарност и хуманост, и пред се, со доброволни донации од селаните. Фрескописот е дело на Петко Филкоски од с.Нерези, а иконостасот на Божин Стојкоски и Кочо Аиноски од Охрид.
Сите гости-намерници во недела, на денот на осветувањето на црквата, до самото место на свечениот чин ќе бидат пренесувани со сплав од страна на жителите на некогашна Глобочица.

За одбележувањето на овој настан, организаторите се потрудија да подготват и интересна и богата програма, која освен гостувањето на играорна група од Вевчани и настап на неколку музички групи, предвидува и неколку изненадувања.

Со­ли­дар­но­ста соз­да­ва нов жи­вот во Гло­бо­чи­ца

Преку езерото, жителите на некогашна Глобочица веќе две децении создаваат нов живот во новоизградената населба создавана со бројни работни акции кои на мештаните им го јакнат чувството на заедништво, а на населбата и даваат лик кој плени. Пред  повеќе од 20 години тие го обновија и манастирот „Св. Антониј“ до кој води уредена шумска патека.  

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе