Основен кривичен суд

Завршница на „Шамарите во Центар”, денеска завршни зборови во судскиот процес

По повеќе од 3,5 години од првото закажано рочиште, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да почнат завршните зборови во судскиот процес за предметот „Насилство“ или „Шамарите во Општина Центар“. 

На денешното рочиште прв завршен збор треба да даде Обвинителството. Случајот го води судијата Душко Јосифовски, а застапници на обвинението се Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи.

Како обвинети за насилство во случајот беа опфатени 14 лица, од кои првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, а второобвинет е ексминистерот Миле Јанакиески. Помеѓу обвинетите е и поранешната пратеничка и советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.

Тие се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото 2013 кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, а градоначалник беше Андреј Жерновски. 

Завршните зборови следуваат по минатото рочиште на кое имаше дополнување на постапката. Одбраната бараше дополните сведоци, меѓу кои и владиката Агатангел за, како што рекоа, да докажат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите бидејќи всушност владиката повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“. Адвокатите на Миле Јанакиески бараа да се слушаат и нови „бомби“ бидејќи посочуваа дека двата телефонски разговори кои биле пуштани во судница не се единствените.

Првото рочиште за „Шамарите во Центар“ беше закажано на 16 декември 2016, а подоцна рочиштата беа повеќепати одложувани поради отсуство на некој од вклучените во постапката. Во овој предмет имаше и две признанија на вина на почетокот на судскиот процес, од обвинети кои во периодот на протестите беа советници во Општина Центар. По признанието тие добија условни казни.

 

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе