Осудениот бизнисмен денес нема да почне да ја издржува казната

Затворот во Идризово ќе почека судијата да провери дали Кочан навистина е болен

Затворот во Идризово го чека осудениот бизнисмен Сеад Кочан, а тој пак, ја чека одлуката на Основниот кривичен суд за молбата која ја поднесе во понеделникот и со која бара одложување на издржување на затворската казна. Според упатниот акт, осудениот Кочан требаше денес да оди во затвор и да почне да ја издржува затворската казна од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст".

Но, тој, откако доби решение за одбивање на првата поднесена молба за одложување на издржување на затворската казна, поднесе нова во која го бара истото. Кочан откако се разболе, го известил судот дека има здравствени проблеми.

Во втората поднесена молба тој, според она што му го налага Законот за извршување на санкции, мора да има ново образложение дополнително од она кое го имало во првата поднесена, а потоа и одбиена молба.

Кочан се разболе неколку дена пред да треба да оди во затвор. Првата молба за одложување на затворската казна судот му ја одби минатата недела.

Во соопштението на Кривичниот суд не се наведени ниту причините поради кои е поднесена молбата, ниту пак оние поради кои е одбиена.

Сега по поднесената нова молба судијата за извршување на санкции прави извиди и проведува дали наводите кои се напишани во молбата се поткрепени со соодветна медицинска документација и соодветствуваат со фактичката состојба.

Законот за извршување на санкции предвидува неколку точки поради кои осудено лице може да бара одложување на издржувањето на затворската казна.

Членот 89 гласи вака:

(1) На осуденото лице кое се наоѓа на слобода може по негова молба да му се одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:

1) се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности;

2) се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице;

3) одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила;

4) осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета;

5) одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало;

6) заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството;

7) е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и

8) е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.

Извршувањето на казната во случаите од ставот (1) точка 1 на овој член може да се одложи додека трае болеста, односно лекувањето, во случаите од точките 2 до 4 и точката 8 најдолго за три месеца, во случаите од точката 5 до завршување на училишната година и шест месеца за испит, во случаите од точката 6 најдолго за шест месеца, а во случаите од точката 7 до наполнувањето на една година од животот на детето.

(3) Осуденото лице на кое му е одложено издржувањето на казната по основ од ставот (1) точка 1 на овој член, е должно на секои 30 дена да достави веродостоен доказ за неговата здравствена состојба.

Според истиот овој Закон, по одбиената молба осудениот има право да поднесе нова, но секогаш причините кои ги наведува треба да бидат дополнети со нови факти кои не биле опфатени во претходната.

Судијата за извршување на санкции има рок од три дена да донесе одлука по поднесената молба, и ако ја одбие осудениот има право на жалба до кривичниот совет кој исто така има рок од три дена по приемот на жалбата да донесе одлука.

Додека трае оваа постапка Кочан има оправдување, односно со молбата и жалбата го одложува одењето во затвор.

Пресудите во случајот „Труст" беа објавени минатото лето. Кочан доби 6 години затвор, второобвинетиот Василие Авировиќ, 2 години, а пресудата за Сафет Ватиќ беше ослободителна. Апелацискиот суд потоа ги намали казните, па Кочан доби 4 години и 8 месеци затвор, а Авировиќ условна казна.

К.Д.

 

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе