За судијата Трпков тоа е олеснителна околност

Законот за амнестија со кој за „крвавиот четврток“ беа ослободени Мукоски, Василевски, Димовски...главна причина за ублажување на казните за Вељаноски, Ристовски, Јанакиески...

Законот за амнестија кој беше донесен за дел од обвинетите во првата постапка за 27 април и со кој 15 обвинети беа ослободени, е главната причина судијата Илија Трпков им ги ублажи казните на обвинетите за организирањето на настаните од 27 април, 2017 година. Поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски е осуден на затвор од 6 и пол години, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски добија затвор од 6 години и 3 месеци, а поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски доби затвор од 6 години. Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември, 2018 година го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Согласно Законот, амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и  Љупчо Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.

Јавната обвинителка Вилма Русковска, по донесувањето на Законот за амнестија, рече дека не е задоволна од него, но и дека нема да има преквалификација на делото за обвинетите што не се опфатени со амнестијата.

Судијата Трпков денес пред да ги каже казните повеќе од половина час образложуваше зошто Судот смета дека обвинетите се виновни и рече дека причина поради која е донесена одлука да им бидат ублажени казните е Законот за амнестија со кој се ослободија дел од обвинетите во првата постапка. За судијата донесувањето на овој закон во првата постапка за „крвавиот четврток“ е олеснителна околност во оваа постапка.

По насока на експремиерот Груевски, според Судот работеле Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

За организирање на настаните во Собранието од 27 април, Основниот кривичен суд Скопје обвинетиот Трајко Вељаноски го осудува на казна затвор во траење од 6 и пол години, Јанакиески и Ристовски 6 и 3 месеци и Атанасовски на казна затвор од траење 6 години.

Кривичниот суд, односно судијката Добрила Кацарска на 15 март 2019 година донесе пресуда за првиот предмет за настаните во Собранието од 27 април.

Од повеќето обвинети само Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, со првостепената пресуда беше осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски добија затворска казна од 15 години. Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Апелацискиот суд Скопје донесе одлука по жалбите на 16-темина обвинети за нападот во Собранието на 27 април 2017 и делумно ги потврди првостепените пресуди за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, соопштија од судот.

На поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор, а обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудуваат на казна затвор во траење од по 14 години. Понатаму, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски се осудуваат на казна затвор во траење од по 13 години.

Апелациониот суд ги осуди обвинетите Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на казна затвор во траење од по 11 години, обвинетиот Оливер Радулов на 9 години, обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на 7 години и обвинетиот Абдуљифета Алими на 6 години.

Апелацискиот суд ја потврди ослободителната пресуда за обвинетиот Игор Дурловски.

За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април" во текот на постапката ја негираа својата вина.

К.Д.

 

Како и главниот лик во романот, Доне Совичанов, и Ташко Георгиевски никогаш не потклекна и не побара пусулче од Канцеларијата на нашиот јужен сосед во Скопје за да ја премине границата и да го посети своето родно село во Егејска Македонија.

повеќе

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе