Три месеци по трагедијата во Тетово

За пожарот во модуларната болница со 14 жртви уште нема истрага против никого, го нема ни германското вештачење

По повеќе од 3 месеци од трагедијата во модуларната болница во Тетово , нема отворено истрага, ниту одлука дали некој ќе одговара за 14 починати лица. Основното јавно обвинителство во Тетово за случајот со пожарот, го чека вештачењето од германските експерти. Ова вештачење беше побарано преку меѓународна правна помош. Во одговорот што МКД.мк го доби од Обвинителството велат дека предметот е во фаза на предистрага и интензивно се постапува по утврдување на фактите. Истиот овој одговор го добивме и на 29 ноември, годинава. 

На 9 септември, претседателот на државава, Стево Пендаровски беше на местото на трагедијата во модуларната болница во Тетово. Во неговата изјава тој соопшти дека државниот обвинител Љубомир Јовески го информирал дека секоја институција ќе добие многу кратки рокови, односно само по 5 дена за да одговорат во рамките на нивната надлежност и дека истрагата ќе заврши многу брзо. За сега за пожарот во модуларната болница нема отворено истрага, туку предистражна постапка во која обвинителите треба да одлучат дали и против кого ќе се отвори истрага за трагедијата која се случи на 8 септември, годинава.

За тоа дали е тоа единствениот и клучен документ на кој што се чека за да се знае дали и против кого ќе се отвори истрага, бидејќи сега во тек е предистражна постапка, од Обвинителството ни беше одговорено дека пристигнатите извештаи во Обвинителството се анализираат во корелација со останатите докази, но Јавното обвинителство не е во можност да сподели детали.

„Предметот е во фаза на предистражна постапка во која интензивно се постапува за утврдување на фактите. Пристигнатите извештаи во обвинителството се анализираат во корелација со останатите докази, но Јавното обвинителство не е во можност да сподели детали. Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош, кое се уште не е пристигнато. Во меѓувреме се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. По целосно утврдување на фактите, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука", се вели во одговорот што го добивме од Обвинителството.

Премиерот Зоран Заев а 4 октомври, годинава побара од МВР да го објави Извештајот кој што го испратиле до Обвинителството, а кој се однесува и е дел од истрагата за пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица. Заев рече дека јавноста очекува одговори, а порача дека МВР треба да го објави извештајот, а Обвинителството да продолжи со истрагата.

По ова беше објавен Извештајот. Вештачењето утврди дека пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.

„Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи. Согласно издадената Наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица, информира претходно од Јавното обвинителство.

По воочена појава на пламен, потенцираат од ЈОРСМ, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот", информираа оттаму.

„Од Јавното обвинителство посочуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија. Велат дека обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот.

По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, информираа тогаш од Обвинителството.

К.Д.

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе