За да се брани од слобода неправосилно осудениот Мијалков нуди гаранција од над 7 милиони евра

Сашо Мијалков, некогаш шеф на тајната полиција, а сега притвореник зад решетки за кој гледајќи ги обвиненијата, судските постапки и пресудите, се чини како да нема да излезе од затвор. Но, не и со оглед на роковите и тековите на постапките, а и пресудите и жалбите. Ако додека беше на челната позиција во УБК ретко кој му го споменуваше името, денес името на Мијалков се почесто се споменува во судски постапки и во изречени пресуди. Мијалков во моментов има вкупна затворска казна од 20 години за два предмети, но ниту едната, ниту другата не се на сила.

Поранешниот прв човек на УБК, во моментов е во Истражниот затвор во Шутка каде ја издржува мерката притвор која што му е определена по изречените пресуди, прво за „Тврдина-Таргет", па потоа и за „Трезор".

Преку своите бранители, Мијалков поднел барање да биде пуштен од притвор до правосилност на пресудите во кое нуди над 7 милиони евра гаранција дека нема да побегне. Од Основниот кривичен суд во Скопје велат дека ваквото барање е испратено до Обвинителството од каде се чека мислење по даденото барање.

Ако гаранцијата биде прифатена, тоа значи дека Мијалков ќе излезе од притвор и ќе биде на слобода до правосилност на одлуките.

Сашо Мијалков во февруари годинава доби 12 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина", ( 5 години се за злосторничко здружување, 5 за злоупотреба на службената положба и овластување и 3 за примање награда за противзаконито влијание).

За случајот „Трезор" во април, годинава Мијалков доби затворска казна од 8 години за злоупотреба на службената положба и овластување.

И двете пресуди со кои поранешниот шеф на УБК треба да одлежи казна затвор во траење од 20 години не се правосилни. За овие одлуки на првостепениот суд се чека примерок во писмена форма. По добивањето на хартиена форма на пресудите, странките во постапката во рок од 15 дена можат да поднесат жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Овие две пресуди со кои Мијалков доби 20 години затвор се неправосилни, односно за нив течат роковите за жалби.

За пресудата за случајот „Титаник 2" која всушност беше и прва пресуда од предметите на СЈО отворени против Мијалков, поминаа роковите за жалби и овој предмет повторно се врати во Основниот суд Скопје 1. Оваа пресуда Мијалков ја доби на 8 март, 2019 година, а со неа доби казна затвор од 3 години. Но, второстепените судии одлучија дека оваа постапка треба да почне одново.

Апелациониот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна.

Во таа насока, Апелациониот суд констатирал дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

Пред пресуда е и случајот „Тортура" во кој обвинет е и Мијалков и овој предмет е во фаза на завршни зборови, односно се ближи кон пресуда.

Пред неколку дена против Мијалков е поднесено ново обвинение, овој пат за плацевите на Водно каде е обвинет за перење пари.

Основното јавно обвинителство за гонење на организаран криминал и корупција, освен против Мијалков, обвинениет поднесе и против поранешниот премиер, Никола Груевски, неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев и Ратка Камчева.

 

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе