За овој настан адвокатката Катерина Котески беше законски застапник пред Основниот суд во Битола на оштетеното семејство и денес го доби процесот во првостепена граѓанска постапка. Таа за МКД.мк појаснува дека Судот во Битола го задолжил јавното претпријатие за стопанисување со гробишта да плати материјална и нематеријална штета на тужителите. Материјалната штета се однесува на судскит трошоци и трошоците за ексхумација, а нематеријална штета за претрпена душевна болка на семејството на починатиот.
„После битолската "Јавна соба" го добив предметот и за битолскиот "Викенд на мртовци". Иако името е хумористично,воопшто не им беше смешно на моите странки,на кои покојникот,јавното претпријатие за стопанисување со гробиштата им го погреба на погрешно место. Семејството помина низ голгота,а покојникот им беше есхумиран и погребан по втор пат. Ова го стори врз основа на дозвола за погреб која самото ја издаде без број на парцела. Во текот на процесот,од страна на тужениот ЈП се правеше обид да се обвини човек од над 90 години дека покажал погрешно гробно место. Докажав дека не е обврска на нас,граѓаните ,да памтиме кај сме купиле гробно место,туку на тој што ни зел пари и ни наплаќа за одржување месечно.Обврска му е да води евиденција самиот и да издава потврда за погреб со точен број,бидејќи за таа услуга ни наплаќа. Сочувство до семејството кои ми беа клиенти.Правдата е задоволена", вели адвокатката Котеска.
Таа претходно доби уште еден спор, за битолската „Јавна соба“.
Адвокатката Котеска тогаш истакна дека нејзината клиентка била изложена на срам со јавно објавување на интимни фотографии, за кои според адвокатката, клиентката преживеала голгота, а чинот наместо да се осуди, бил предмет на јавен потсмев. Пресудата беше условна, односно дека ако во рок од една години не стори ново кривично дело, обвинетиот нема да помине една година во затвор.
К.Д.