Со политички инает и пет празни столчиња одиме кон уставна криза

Уставниот суд пред правно „исчезнување“ по 31 година во независна Македонија

Уставниот суд ги штити уставноста и законитоста. Или, барем така треба да е според Уставот. Но, во последниот период, наместо да одржува седници, Уставниот суд испраќа писма и бара да се сфати сериозноста на овој посебен орган, кој не спаѓа во системот на организација на државната власт. Наместо девет судии, Уставниот суд сега има пет, а за два месеци ќе бидат четири, односно претседателката Добрила Кацарска и тројца судии. Ова значи дека ако до почетокот на декември не се пополнат празните столчиња, на Уставниот суд му се заканува тотална блокада. За прв пат во историјата на 31-годишното постоење на Уставниот суд во независна Македонија, но и за прв пат по неговото постоење од 1964, кога отпочнал со работа, тој е исправен пред можноста законски да не постои. 

И сето тоа поради однесувањето на политичарите што предлагаат, расправаат, и на крај треба да ги изберат имињата на оние што ќе седнат на столче во бастионот на правото, односно Уставниот суд.

Ќе нема кој да ги контролира уставноста и законитоста, да решава за судирот на надлежности на законодавната, извршната и судската власт, да одлучува за одговорноста на претседателот, и последно, но не помалку важно, ќе нема кој да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Комплетно згаснување на институцијата Уставен суд

За горливите прашања околу изборот на имињата што ќе бидат столбот на правото, професорката од Правниот факултет, Ана Павловска Данева вели дека и опозицијата и позицијата имаат подеднакво вина. Таа проблемот го гледа во инаетот на политичарите, но и во немањето, како што вели на основна политичка култура. Предупредува дека ако вака продолжат со однесување во Собранието, Уставниот суд нема да може да работи, а тоа е сериозна атака врз демократијата.

„Ако до декември не се изберат уставните судии, ние ќе имаме комплетно згаснување на институцијата Уставен суд. Лаички тоа ќе значи како да немаме Уставен суд, правно тој ќе биде оневозможен да работи, бидејќи ќе нема кворум. Дури и да има кворум да работи, како што е сега, критично е и пред да замине и следната судијка во пензија. И сега е критично опстојувањето и нормалното функционирање на судот бидејќи потребно е сите судии да се согласат за одлуката. Наспроти тоа, кога би биле сите судии на број, тогаш може да се слушнат разни мислења. Сега е на тенка линија функционирањето, а тогаш ќе немаме Уставен суд , што е страшно и поразително за една демократска држава и тоа ќе биде голема атака врз демократијата", вели професорката Павловска Данева. 

Тоа појаснува значи дека ако не се изберат уставни судии, Собранието ќе може да носи закони и ќе нема кој да го коригира, а граѓаните ќе мора да ги почитуваат.

„Уставниот суд е коректор на Собранието, кое е највисок државен орган. Значи ако Собранието донесе противуставни закони, само Уставниот суд може да го спречи таквото дејство. А од друга страна Уставниот суд одлучува за одредени човекови права и слободи, ако се тие драстично нарушени од државен орган. Единствен спас, народно кажано, граѓаните имаат и гледаат во Уставниот суд. Таа можност ќе му биде укината, и тоа е сериозна атака врз демократијата. Може да ни се случи да имаме противуставни закони, за кои сите ќе знаеме дека се противуставни, но ќе мора да ги почитуваме, или противзаконити подзаконски акти, бидејќи министерствата носат голем број правилници и тие може да бидат спротивни на законите, но ќе нема кој да ги укине", додава професорката.

Таа ги поздравува заложбите и иницијативата на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која апелира да се изберат судиите, а испрати и писма до Собранието и Судскиот совет во кои ги информираше дека до декември годинава уште еден уставен судија заминува во пензија. Но Кацарска може само да укаже, а не и да влијае на изборот.

Злоупотреба од опозицијата

„Собранието е составено од пратеници што ги избирал народот и врз нив никој, буквално никој не може да има ингеренција. Ги поддржувам сите апели на претседателката на Уставниот суд и ја разбирам нејзината позиција, но ниту таа како шефица на Уставниот суд нема можности да му влијае на Собранието. Во конкретниот случај со изборот на уставни судии во Собранието, се работи за сериозен недостиг од политичка култура од двете страни, и во смисла на власт и на опозиција. Еднакво ја гледам вината за оваа состојба во којашто се најдовме кај двете страни. Прво, владејачкото мнозинство доцна поднесе предлози за уставни судии. Тие се должни да знаат кога истекува мандатот и можеа да поднесат предлози многу порано, ама па, дел од предлозите сега им се и неприфатливи.

Од друга страна, моментот на слабост, односно на доцно поднесување предлози, го искористи, го злоупотреби опозицијата, за да може да ги искористи сите механизми што ѝ се на располагање да го блокира тој процес, не водејќи сметка за државниот интерес. Опозицијата требало да направи компромис и да најде нов предлог што ќе биде поприфатлив за двете страни. Сега се води политички инает, кој на крајот резултира со штета за цела држава. Едниве се трудат да им пројдат предлозите, а овие другите па се трудат тие да не пројдат, независно од тоа колку тоа е штетно за државата, бидејќи може да се доведеме во ситуација да немаме Уставен суд. Така што не е далеку од невозможно да паднеме во уставна криза", додава професорката.

За тоа кој може и треба да биде уставен судија, таа вели дека во државите во светот практиката е млади луѓе да не треба да бидат уставни судии.

Според Уставот, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Судиите се избираат од редот на „Истакнати правници", пишува во Уставот.

„Истакнати правници се оние со долгогодишно правничко искуство, ама тоа да не е во фирма. Има предлози што не заслужуваат да се таму. Оние што се пред пензија ќе си работат додека се живи. За уставните судии не важи пензионирањето, ако може, тој ќе си тера. Доведени сме во ќорсокак, за што се криви сите во Собранието. 'Истакнат правник' е една растеглива материја како каучук-норма, односно растеглива норма. Тоа е лоша норма и потребен ни е Закон за Уставниот суд и директно од Уставот се црпи сѐ за Уставниот суд. Во нов закон точно би се прецизирало што значи истакнат правник, колку години работно искуство треба да има...", дополнува професорката.

Наспроти нејзиниот став дека во Уставниот суд треба да има и лица што се пред или во пензија, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ за МКД.мк вели дека ако во законот пишува дека едно лице треба да замине во пензија од една функција, тогаш тоа не треба да се вдомува на друга позиција, односно не во Уставниот суд. Долгогодишен познавач на правото, Давидовиќ стои цврсто на ставот дека не може и не смее анонимуси да бидат уставни судии.

„Уставен судија е сериозна работа"

„Тезата дека имаме некакви реформи и заштита на Уставот е погрешна, односно тоа го немаме. Особено по детектирањето на проблемот во правосудството и судството по извештајот на Прибе, по кој ниту една од точките не се смени. Таму не беше опфатен Уставниот суд, тоа е посебен орган, но сепак подеднакво ја доживува судбината на она што е правосудство и судство. Не се води сметка за кадровската политика, не се прават сериозни истражувања и реформи. Не е реформа само да смените закон, туку ни треба длабок рез за да се отстрани метастазираното ткиво. Имате ситуација каде што во Уставниот суд се предлагаат анонимуси за судии. Уставен судија е сериозна работа, на која истакнат правник не може да дојде од орган на управа, а до вчера бил анонимус. Тоа се случуваше и во Судскиот совет, а е така бидејќи политиката е навлезена секаде. Постојано институцијата 'истакнат правник' ја користат како замена за партиски кадар. Некој кого ќе го вдомат од различни причини. Друго, не се води сметка за кадровскиот потенцијал, имате и обвинителства што останаа без обвинители, судови без судии-поротници, еве и Уставниот суд. И тоа не е нешто што дојде преку ноќ. Точно се знае колку е мандатот и кога ќе заврши, но нема некој што сериозно во оваа држава се занимава со тоа што мисли и сака да бидеме правна држава. Едноставно е само работа на добивање политички поени", вели адвокатот за МКД.мк.

Тој појаснува дека во Уставниот суд треба да работат лица што немаат багаж зад себе, ниту политички, ниту правен.

„Човекот што треба да ги штити уставноста и законитоста треба да е докажан и во својата професија, но и во својот живот. Тоа е сериозно работно место. Треба да е човек што, ако е судија, има зад себе различни пресуди, битни пресуди што опстојале, обвинител што се истакнал во своето работење, не само во гонењето на криминалот, туку и во прифаќањето на тоа дека некаде се згрешило, па и да се повлече обвинение, и да има сенс за притворот, кој треба да биде мерка, а не казна. И пред сѐ да нема багаж зад себе, партиски и правен, каде што доста од неговите предмети добиле политички призвук, или пак, да не работел по нечии насоки. Не може уставен судија да биде некој што е на чекор до пензија, па сега ајде да го вдомиме. Ако тој човек, кој бил на некое место, според законот не треба да ја врши таа функција, тогаш не треба да биде ни судија на Уставниот суд. Како решение и начин тоа не е во ред и ќе ни се јави дупка и пак ќе треба да примаме судии. Не може секој што работел во општина да биде истакнат правник", додава Давидовиќ.

Од целата ситуација и случувањата со Уставниот суд и немањето кадар најмногу трпат граѓаните, смета Давидовиќ, бидејќи, како што вели, ако паднеме во уставна криза, ќе нема кој да ги штити човековите права.

„Една од најважните работи на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот и сето тоа затоа што некој не сака да размислува, односно не сака да направи систем во кој ќе се почитуваат законите. Односно дека некој ќе замине во пензија и дека тоа место треба на време да се пополни. Не е само да носиме закони, ако менталниот склоп и начинот на постапување ни се исти, не сме направиле ништо. Ние треба да изградиме систем на вредности и одговорности. Ако не се почитува законот, тоа е само 'мртва буква на хартија'. Имаме доволно широка и добра законска рамка да ги регулираме сите области, но проблем е што не се почитуваат законите.

Не можете со промена на закон да создадете систем. Системот се создава со одговорност и постапување по законот. И прекршувањето да се санкционира. Треба да се дисциплинираме и да го смениме менталниот склоп. И судот има многу ниска доверба, бидејќи се вмешала извршната власт. Законодавната власт се вмешала за да ја исполни желбата на извршната власт и многу тешко е да се зборува за поделба на власта.

Треба луѓе што се покажале во работењето на законит начин со штитење на правата на граѓаните и покажале висок и морален и професионален интегритет. Да создадеме систем на вредности и одговорности. Уставниот суд трпи, трпат граѓаните. Ако паднеме во уставна криза најмногу ќе трпат граѓаните. Најчесто иницијативите се за дел од законите што не се во склад со Уставот каде што граѓаните бараат помош и спас", завршува долгогодишниот адвокат.

На Уставниот суд од декември му се заканува тотална блокада

Хелсиншкиот комитет за човекови права до Министерството за правда има поднесено иницијатива за донесување Закон за постапката и условите за избор на уставните судии. Во иницијативата стои дека Уставниот суд е најнереформирана институција во нашиот уставен и политички систем. Уставниот суд функционира според уставните одредби од 1991 година и Деловник од 1992 година.

Она на што и ХКЧП најмногу обрнува внимание во иницијативната е посебен закон со кој ќе се нормира и регулира постапката и ќе се прецизираат условите за избор на уставните судии, ќе се избегне пошироко толкување на категоријата „истакнат правник".

Од Министерството за правда во врска со иницијативата ни одговорија дека:
„Иницијативата за донесување на Закон за постапка и условите за избор на уставни судии е примена во Министерството за правда. Со оглед на тоа што се работи за процес што бара широк консензус, Ве информираме дека во моментот кога ќе има потреба од подготовка на нов закон, при отворањето на широка дебата ќе се земат предвид забелешките на Хелсиншкиот комитет".
Уставниот суд испрати писма до Судскиот совет и до Собранието со кои ги известува за истекот на мандатот на уставната судијка Вангелина Маркудова на 7 декември 2022 година и дека исполнети се условите за започнување на постапка за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд.
Ако за два месеци не бидат пополнети испразнетите места, на Уставниот суд од декември годинава му се заканува тотална блокада.

Поради ова претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, пред неколку дена испрати писмо до претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, со кое ја информира дека во почетокот на декември ѝ истекува мандатот и на судијката Вангелина Маркудова, со што судот останува со четворица судии.

Претходно во 2021 им истече мандатот на Сали Мурати, Никола Ивановски и Елена Гошева, а потоа и на судијата Јован Јосифовски. Кога Маркудова ќе замине во пензија, ќе останат претседателката Кацарска и судијата Насер Ајдари, и Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, двајцата доктори на науки.
Во Собранието се одржуваат седници на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, обајцата предложени од СДСМ.

Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорашен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.

Македонија важи за држава со долга уставна традиција, а во 2024 треба да прославиме 60 години постоење на уставното судство.

Дали и кој ќе ги пополни местата во петте празни столчиња на Уставниот суд, останува да видиме во наредниот период. Дотогаш многу клучни иницијативи за правата на граѓаните и за оценка на законитоста остануваат заглавени, а во меѓувреме се поднесуваат и нови иницијативи.

Катерина Додевска

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе