По денешната пресуда

Условната казна за оддавање службена тајна за уредникот на „Инфомакс“ предизвика реакции

Главниот и одговорен уредник на Инфомакс Александар Митовски, е осуден на условна затворска казна од шест месеци поради оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев. Во наредните две години Митовски не смее да направи ниту едно кривично дело инаку ќе се активира казната затвор од 6 месеци. Оваа денешна пресуда предизвика бурни реакции.

Пресудата ја донесе Основниот кривичен суд во Скопје на обвинителен предлог кој беше поднесен во септември минатата година за дело оддавање службена тајна. Во обвинението за Митовски стоеше дека преку неговиот интернет портал на јавноста ѝ сторил достапни податоци кои претставуваат службена тајна.

Официјален документ, записник од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев кога тој го пријави рекетирањето од Бојан Јовановски беше објавен лани во август на порталот „Инфомакс“. Се работи за документ од истрага и ова објавување за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е кривично дело.

Обвинителството и судот тогаш ветија дека ќе поведат истрага и за тоа кој е кртот, кој го дал документот на новинарот.

На оваа денешна пресуда реагираше Македонската асоцијација на новинари (МАН): „Денес Македонија се соочи со исклучително силен удар врз новинарската професија, јавниот интерес и основното граѓанско право да се знае вистината за работата на јавните институции, за корупцијата на политичарите и севкупниот судско-обвинителски систем. Со пресудата за затворска казна од 6 месеци за новинарот Александар Митевски, уредник на порталот Инфомакс, судско-обвинителскиот систем ја потврди оценката дека во земјата владее хибриден режим.

Митовски е осуден на затворска казна од шест месеци затоа што објавил документ од јавното обвинителството кој е денес во јавна постапка пред судот во случајот „Рекет“. Документот не е со статус ниту на државна ниту службена тајна. Зошто е толку важен тој документ, тој исказ на сведок за „Рекет“ кој се крие од јавноста, за да се објави, а денес обвинителството преку одлука на судот да казни новинар со шест месеци затвор, единствена таква казна во Европа. Затоа што јавното обвинителство со недели тврдеше дека во сведочењата за „Рекет“ не се спомнуваат политичари, исказот на сведокот кој го објави уредникот Александар Митевски го покажа – сосема спротивното“, се наведува во соопштението.

Во објавениот документ, сведочењето, се споменуваат политичари почнувајќи од поранешниот премиер Зоран Заев до повеќе негови блиски соработници од власта.

„Тој објавен документ покажа и докажа дека Јавното обвинителство свесно крие учество во „Рекет“ на премиер и негови блиски соработници. Затоа не смееше да биде објавен, а откако се објави новинарот е осуден на шест месеци затвор како поука до другите новинари дека не смеаат никогаш да напишат ништо што е штетно за оваа власт, за овие обвинители и судии. Заканата е сосема јасна и директна. Од оваа закана на власта и обвинителството и судството кои, очигледно се во служба на една партија, на СДСМ, не е само закана за новинарството, туку и за целата јавност која не смее да ги знае фактите и вистината, јавност која после ова мора да живее во лага и пропаганда на власта затоа што доколку некој има што да каже и објави, ќе биде осуден на затворска казна“, соопшти МАН и информира дека за „оваа режимска и скандалозна одлука на судот, МАН ги извести Меѓународната и Европската федерација на новинари“.

На својот фејсбук-профил реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: “Tрас-трас” судството на Заев донесе одлука со која осуди новинар на условна затворска казна затoа што пишувал за „Рекет“. Значи, во хибридниот режим на Заев криминалот се простува, ама се казнува пишувањето за тој криминал.

Слободата на медиумите е погазена, а оваа област само ја следи катастрофата што се случува во сите други полиња. Поддршка за новинарите и медиумите, без оглед на кој медиум припаѓаат, да пишуваат и да се изразуваат слободно. Замолкната правда од „Луј Витон“ судството не смее да ги замолкне медиумите, вистината ќе се дознае, а Рекетот е само мало делче од криминалниот мозаик на власта кои ќе се распрсне на 12ти април, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе