„Црвенковска поднесе оставка, меѓутоа со нејзината оставка имаше коментар кој што не само мене, туку сите нас треба да не загрижи. Мојот коментар на нејзината изјава ќе биде – добро ќе биде ако навистина она што го тврди, тоа што беше дадено во официјална изјава, да го пријави до институциите“, наведе Тупанчески при пуштањето на употреба на новата дигитална судница во Идризово.
Тој потсети дека уште кога дошол на функцијата нагласил дека оваа година ќе биде прилично турбулентна во однос на тоа што ќе се случува во правосудниот сектор.
„Кога велам турбулентна, мислам на изборот на различни нивоа, ова претставува изборна година во правосудството и можам слободно да кажам дека импликациите или она што се ќе се случува оваа година, ќе има консеквенции наредните четири години“, наведе министерот за правда.
Во врска со случајот на предвремено полагање на правосудниот испит на 449 студенти, Тупанчески рече дека „некој функционер го искористил дискреционото право за предвремено полагање".
,, Доколку навистина постојат случаи кои се граничат со примената на законот, тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери.Не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно, некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина.Јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит", изјави Тупанчески.
Тој посочи дека станува збор за три законски акти од Законот за правосуден испит донесен во 2013 година. Измените и дополнувањата се направени во 2015 година, а во 2019 година е донесен нов Закон за правосуден испит.
За новиот предлог закон за здруженија и фондации на кој работи работна група во Министерството за правда тој кажа дека можеби ќе биде добро пред да стапи на сила да биде пратен до Венецијанската комисија.
„Работната група е таа што треба да го каже зборот, се разбира дека ќе бараме и од советодавното тело, од Венецијанска комисија, потврда. Ќе мора да има европски стандард, да не заборавиме дека во моментов е започнат билатералниот скрининг којшто не ни дозволува преголема манифестација на сопствена волја", рече Тупанчески, осврнувајќи се на досегашниот закон, за којшто наведе дека бил донесен како „бај пас", за „бајпасирање" на состојбите и оти сите сме сведоци што се случува во моментов.