Рочиште за „Топлик”

Три години го чекав овој момент, Јанакиески негира дека го оштетил буџетот за „Сончев град”

Три години го чекав овој момент, рече поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска во судница додека ја даваше својата одбрана на денешното рочиште во предметот „Топлик“, каде што е првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања. 

Јанакиески во исказот пред судот денеска негираше дека го оштетил буџетот, како и дека намерно формирал втора комисија бидејќи претходната кажала дека не биле исполнети условите за јавно наддавање за изградба на резиденцијалната населба „Сончев град“ во Сопиште. Тој негира и дека имал контакт со членови од втората комисија, а рече дека не побарал да реализираат јавно наддавање со недостатоци.

„Ниту за ова ниту за останатите стотици барања за продажба на земјиште не сум доставил согласност, ниту Обвинителството достави доказ дека јас сум издал согласност. Никој, ниту јас ниту членовите на комисијата не можеле да знаат што ќе се случи во иднина односно цели четири години откако ќе заврши јавното наддавање. Бидејќи детално ги анализирав сите докази можам одговорно да тврдам, нема никаков пропуст. Министерството за транспорт и врски во однос на спогодбата истакнува дека се дава предлог записник само доколку не се нанесува штета на буџетот на РМ. На дискусијата во Влада и состаноците кај Владимир Пешевски, како тогашен потпретседател на Владата, можам да заклучам дека Владата немаше да даде соглсност ако Уставниот суд не дадеше укинување на ДУП за Сопиште. Доколку немаше таква одлука на судот, судските спорови ќе си продолжеа и граѓанскиот суд ќе одлучуваше дали постојат услови за раскинување на предметниот договор, како и каде постои вина”, рече Јанакиески, објаснувајќи ја целата постапка и зборувајќи за затезната камата која јавниот обвинител Бурим Рустеми ја смета за штета на буџетот, а која настанала отпосле.

Тој уште рече дека не се сеќава да сменил член на комисија без разлика дали од  приватни или службени причини. Според него, промената на комисијата била поради болест на претседателката.

„Три години чекам на овој момент. Не може цела одговорност да биде на министерот, има хиерархија со соработници, заменици, раководители. Јас како министер кој го претставува Министерството во правниот промет, правам две работи: носам решение за формирање комисија и на крајот на постапката кога ќе добијам информации од комисијата дека е се во ред со постапката со предлог за склучување на договорот, го склучувам тој договор. Помеѓу тие две фази се активира претходната хиерархија на Министерството. За сите потпишани решенија, беа изготвувани од Сектор за нормативни и правни работи во соработка со државниот секретар, Сашо Срцев. За конкретното решение за формирање на комисија јас сум морал да ја потпишам и никој друг. Не дека сум сакал, туку сум морал врз основа на уредбата. Државниот секретар е највисок државен службеник и тој е должен да обезбедува законито, ефикасно вршење на работите во Министерството, согласно позитивните законски прописи”, кажа Јанакиески.

Додаде дека по професија е економист, а не ги разбирал забелешките во записникот, бидејќи 7 месеци бил министер. За записникот, според исказот, дознал од СЈО.

„За фамозмиот записник за кој се збореше долго овде, јас бев информиран од стручните служби, дека првата комисија, односно претседателот на комисијата заедно со членовите побарале да бидат заменети со нови, што е наведено во записникот. Јас лично не сум го добил. Со што, во моментот на потпишување на записникот, претседателката била на боледување, а на записникот не е потпишана. За нормално да функционира, од страна на стручните служби имало ново решение за комисија каде дел се членови од првата комисија, а има и нови членови. Работата на Комисијата е ад-хок. Односно тоа не се нивни работни обврски. Недостатоците од записникот беа отстранети. Оваа комисија не е формирана за ‘Сончев град’ туку за сите објави од 3.4 па натаму. На истиот датум имало формирана уште една комисија”, додаде Јанакиески.

Случајот „Топлик” го отвори СЈО во 2016 година, а обвинението го застапува тогашниот специјален обвинител, сегашен виш обвинител Бурим Рустеми. Обвинети се Миле Јанакиески како ексминистер за транспорт и врски, како и пет лица од комисијата за јавни набавки.

Според обвинението, буџетот е оштетен за еден милион и 44 илјади евра, а обвинетите прибавиле имотна корист за едно правно лице. Понатаму, тој како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

 

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе