Апелацискиот суд ја потврди ослободителната пресуда

Трајковски до Мијалков: Се заколнав на правда за „Ровер“, а целосна ќе биде кога ти како нарачател ќе завршиш зад решетки

Почна во декември 2012, а со правосилна судска пресуда заврши во февруари 2021. По 9 години низ судските лавиринти, случајот „Ровер" доби потврда на првостепената трета по ред пресуда, која овој пат беше ослободителна. Овој документ, кој е правосилен и ја гарантира слободата по овој предмет за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, неговиот тогашен шеф на обезбедувањето, Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски, обвинетите чекаат да го добијат и во писмена форма.

Најдолгиот притвор за случајот „Ровер" го имаше Трајковски. Тогашниот шеф на обезбедувањето на Љубе Бошковски беше во притворска ќелија точно 1.073 дена, односно три години. За 9 години Трајковски доби за исто дело 10 и пол години затвор, па 8 и пол години затвор, за на крајот да биде ослободен од обвинение за нарачано убиство.

За кривичното дело по член 123 став 2 за кое е предвидена затворска казна од 10 години до доживотен затвор, Законот за кривична постапка предвидува дека притворот може да трае најмногу 2 години од правосилност на обвинителниот акт.

Кај Трајковски овој дел не е запазен и неговиот притвор без 23 дена трае 36 месеци.

Во изјава за МКД.мк Трајковски вели дека правосилната пресуда за „Ровер" му го тргнала јавниот срам во кој неговото семејство живеело со години, но за него е само прв чекор до правдата за она што го изгубил во речиси една деценија.

По ослободителната пресуда за ексшефот на обезбедувањето на Бошковски следат уште две клучни цели, а тие се, да ги види нарачателот на сценариото за „Ровер", Сашо Мијалков и извршителот на сценариото, Горан Грујевски зад решетки, бидејќи според она што тој го знае, Мијалков е умот на целиот процес за предметот за нарачаното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, и да си го наплати финансискиот дел што му го одзеле со, како што вели, нарачаниот предмет „Ровер".

„Ослободителната пресуда за овој случај, кој од самиот почеток за мене е монтиран и нарачан, е само првиот чекор до целосна правда. Вториот чекор е нарачателот на сценариото за „Ровер", Сашо Мијалков, да биде осуден и пратен во затвор бидејќи тој сторил кривично дело, како и да одговара извршителот на неговата нарачка, односно Горан Грујевски. Кривична одговорност за овој предмет има и обвинителката Лидија Раичевиќ. Јас како припадник на МВР соработував со неа во годините пред Ровер и имам високо мислење за неа како професионалец. Обвинителката, можам да кажам и дека дури и професионално си го сработи она што ѝ беше нарачано од Мијалков. Раичевиќ во случајот Ровер беше 50/50, половина професионалец, а половина работеше под диктат. Таа од ништо направи нешто, но како што одеше судскиот процес, се гледаше дека таа сама беше свесна дека сето тоа еден ден ќе падне. Намерата беше „Ровер“ да биде бомбастично најавен процес, за потоа во текот на постапката да запре кривичниот прогон за дел од обвинетите, за кои уште на самиот старт тврдевме дека се декор во предметот, бидејќи целта беше да останаме јас и Љубе. ", вели Трајковски, кој сега е на слобода.

Неговото гледиште, а и како што вели, вистината за „Ровер", е тоа дека тој и Љубе во овој процес оделе во пакет за да може да ги гонат за она што Мијалков го инсценирал.

Клучна улога во процесот „Ровер" имаше и Александар Василевски-Нинџа, кој се појавува како клучен сведок и во неколку други судски процеси, вклучувајќи го и процесот за „27 април".

Во осудителните пресуди, делот каде што се наоѓаше образложението за Трајковски, поголем дел од зборовите беа „врз основа на исказот на сведокот Александар Василевски-Нинџа".

За исказот на Нинџа, Трајковски вели дека постоел договор помеѓу Нинџа и Мијалков и дека по исказот даден во судница против обвинетите, Нинџа, кој во тој период одговарал за обид за убиство, добил ублажено обвинение, кое се сменило во тешка телесна повреда за кое е предвидена многу помала затворска казна.

„И Нинџа е соработник на Мијалков. Тој беше пратен во нашиот предмет и не само таму, тој е сведок што професионално си го одработува својот дел и во други предмети за кои јавноста многу добро знае. Ако јас сум сакал да го убијам Тушевски, кој беше мој соработник, тогаш сигурно тоа не би го сторил онака како што тврди Нинџа, пред кафуле каде што има толку многу сведоци и гужва и пред мојата служба. Неговата изјава, како и целиот предмет, е класична монтажа. Докази за нешто што не постои не може да има, односно не постои ум или повеќе умови што ќе фингираат такво кривично дело каде што имате 15 обвинети лица", вели Трајковски за МКД.мк.

Пораката за правдата за „Ровер", но и за институцијата во која работи, односно МВР, Трајковски вели дека Мијалков ги движел работите и во едниот и во другиот дел.

Раскажува дека пред да се отвори предметот за убиството на Тушевски и Јанев, во присуство на Љупчо Тодоровски-Радникот, се сретнал со Мијалков, а на средбата му било понудено да го предаде Бошковски, односно како негов соработник да помогне тој да биде затворен зад решетки за наводен криминал.
Неговиот одговор пред Мијалков бил дециден: „Да, може да го затвориме Љубе зад решетки за криминал, тоа е и мојата работа во МВР. Но кај него нема криминал за да го направиме тоа."

Тогаш, според нашиот соговорник, почнала голготата за во монтиран судски процес да влезат и Бошковски, но и Трајковски, бидејќи како што вели одбил да го предаде оној на кој додека бил министер за внатрешни работи му ги чувал грбот и животот.

„Со Мијалков се сретнав пред да го отворат монтираниот процес. Знаев дека ќе ме втурнат во вакво нешто, но исто така знаев дека немам вина. Ми се закани дека ќе ме затвори зад решетки бидејќи не сакав да го предадам Љубе. А, како да го предадам кога наместо да гонам за криминал, јас требаше да фингирам криминал за човекот што немаше вина, ниту пак правел криминал. Мијалков е оној што е главата на криминалот во државата, безбедносниот систем кога тој дојде во државата, доби поинаква димензија, онаква каква што не е дозволено да има. За да бидеш во МВР во времето на Мијалков требаше да имаш пит бул, да имаш тетоважи, да имаш неколку тезги за обезбедување врати во градот, да имаш златен синџир, дебел врат и бричена глава. Тоа е периодот од 2006 до пред некоја година. Тоа сега ни се удира од глава, има ерозија во најклучната институција што треба да ги штити граѓаните", додава Трајковски.

Најголемата загуба освен слободата, во периодот на судскиот процес „Ровер", вели дека е смртта на неговите родители, кои починале како последица на стресот и нервозата добиени од, според него, монтираниот предмет.

„Бев три години во притвор. Моите ме дочекаа кога излегов, но ете, не дочекаа да ме видат слободен со правосилна пресуда. Јас го исчистив мојот образ и се покажа дека сето она што го зборував за овој случај од самиот почеток до сега, е единствената вистина. Односно дека предметот е нарачано сценарио, а не нарачано убиство. Мајка ми и татко ми не можеа да го поднесат јавниот срам, иако знаеја дека немам вина. Ги изгубив нив во период од една година. Притворот ми зеде години, но ми ги зеде и емоциите. Веќе немам емоции за ништо, а го изгубив и највредното, моите родители. Се заколнав дека ќе ја истерам правдата до крај и дека нарачателите на ова сценарио ќе си го најдат местото што според законот го заслужуваат, а тоа е зад решетки", раскажува Трајковски.

Разбирање, вели, има и за судијата Илија Трпков, кој донесе и осудителни и ослободителна пресуда за ист предмет, со исти докази.

„Трпков имаше притисок од обвинителката Раичевиќ или да нѐ осуди или да ја соблече тогата и наместо судија, да биде адвокат. Јас верувам во овој систем и раководство. Ќе барам и отштета бидејќи имам штета и по моето здравје, но и по џебот. Не простувам ништо од она што на правдина ми беше направено. 36 месеци бев без плата. Има вешти лица што ќе кажат колку јас сум оштетен. Но освен финансискиот дел, кој чини милионски суми во евра и загубата по моето здравје, ако постои правда, тогаш Мијалков, а по него и Раичевиќ и Грујевски, треба да се најдат на исто место каде што ние бевме на правдина, но сега тие со докази за нарачка на предметот Ровер", додава Трајковски, кој сега повторно работи во МВР и како што вели, го доработува оној дел од притворот за да може да замине во пензија.

Трајковски појаснува дека целата негова изјава по третата пресуда за „Ровер“ која сега е ослободителна, е лично негово видување за вистината за овој случај, а не е изјава со која тој треба да задоволи некои политички или полициски апетити. 

Основниот кривичен суд во Скопје во октомври 2019 година донесе ослободителна пресуда за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски во случајот „Ровер". Пресудата беше ослободителна и за Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Осудителна пресуда добија тројцата обвинети српски државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, додека пак ослободителна за четвртиот обвинет српски државјанин Вук Вукичевиќ.

Предметот за случајот „Ровер" се однесува на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, кое се случи во Скопје, во јули 2001 година.

Бошковски во оваа постапка доби прво 12 , па 10 и пол години затвор во случајот Ровер, а на крај беше ослободен за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев.

Сите три пресуди, и осудителните и ослободителната, ги донесе истиот судија, Илија Трпков.

Образложението за последната пресуда од првостепениот суд беше дека се следени насоките од Апелацискиот суд, која два пати ги укинуваше осудителните пресуди.

Не биле докажани делата на секој обвинет поединечно и нема докази што ги поврзуваат сите.

К.Додевска 

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе