Новинар од 1ТВ сведок во Рекет

Телевизијата мора од нешто да живее, рекол Боки 13 на прашање од вработен дали рекетира

Новинарот Христијан Баневски кој работеше во телевизијата на Бојан Јовановски, денес како сведок во „Рекет“ раскажа за начинот на работењето во 1ТВ, за однесувањето на Јовановски во телевизијата, како и за рекламирањето на одредени фирми.

Баневски пред судот раскажа дека сториите кои ги правеле во телевизијата ги одбирале самостојно, но посочи и дека од тоа имало исклучоци. Конкретниот пример кој што го раскажа пред судот се однесуваше на испитување на сите води кои се продаваат на пазарот во државата. Напатствијата добиени од Јовановски биле дека додека трае емисијата која што ја води Баневски, тој ќе мора неколку пати да најави дека 1ТВ ќе носи мостри од флашираните води и дека ќе истражува дали постојат отстапки кај фирмите, односно дали некои фирми точат води од чешма, ги пакуваат и ги продаваат. Новинарот посочи дека праксата е приказната прво да се изработи, па потоа да биде најавена, но Јовановски бил упорен во намерата и останал глув на укажувањата на вработениот.

Баневски рече дека не му било ниту познато дали останатите уредници знаат за оваа најава и дали се согласни. Но, одговор не добил, туку Јовановски останал на конкретното барање.

Баневски посочи дека иако работел по напатствијата на Јовановски, постојано правел најави, истражувањето никогаш ниту било завршено, ниту резултатите ѝ биле соопштени на јавноста.

„Јовановски побара од мене неколку пати во текот на емисијата да најавам дека ќе правиме испитување на мостри на води, на што прво се спротивставив, но потоа го најавив она што требаше. Такви испитувања не направивме, а јавноста почна да прашува каде се резултатите. По ова наш спонзор во телевизијата стана ‘Пелистерка‘, а забележав дека голем дел од рекламите на ‘Пелистерка‘ од другите медиуми беа повлечени за да се донесат кај нас“, сведочеше пред судот Баневски.

Тој во својот исказ спомена и дека бил повикан во канцеларијата на Јовановски за друга наводна приказна поврзана со наводни криминали на ‘Агриа‘ од Велес, фирма за месна индустрија и дека таму е сместена една политичка партија која за местото не плаќа кирија. Баневски требало да исконтактира со сопственикот на фирмата и да му соопшти дека телевизијата во која работи има сознанија кои претходно Јовановски му ги кажал на средба.

„Јовановски ме викна кај него во канцеларија и побара од мене да го најдам Перо Колевски. Јас му се јавив за да му го кажам она што, како сознание ми беше соопштено од Јовановски, на што од соговорникот добив бурна реакција и коментар дека ние во телевизијата сме рекетари. По овој разговор го прашав Јовановски ‘дали го рекетирате овој човек‘. Јовановски ми одговори дека телевизијата мора од нешто да живее“, рече пред судот Баневски.

Следниот повик за средба новинарот кажа дека го добил во врска со нов проект за правење на успешни приказни, од кои дел бил Томе Главчев, бизнисменот кој претходно сведочеше во „Рекет“, а кој ѝ бил скаран на Катица Јанева. Баневски појасни дека почнал да истражува во врска со бизнисот на Главче и всушност дознал дека овој човек имал проблеми со Катица Јанева.

По ова тој се надоврза на првиот случај со претходната приказна на Колевски. Во продолжение на сведочењето Баневски раскажа дека кога по вторпат се чул со Колевски бил пречекан со смирен однос и со одговор дека нема никаков проблем за тие да соработуваат и да им даде изјава. Баневски рече дека бил изненаден од ваквата негова реакција, но подоцна дознал дека соговорникот во меѓувреме имал телефонска комуникација со Јовановски.

По прашањата на обвинителката, Баневски доби серија прашања од Јовановски да му посочи конкретни приказни што во текот на неговата новинарска кариера ги сработил, како и тоа дали имал целосна новинарска слобода, но и заштита од Јовановски во периодот кога работел во 1ТВ. Дел од прашањата на Јовановски се однесуваа и на тоа дека Баневски често пати бил укоруван од уредниците, на атмосферата во која се работело во 1ТВ, како и на одредени квалификации новинарот да биде доблесен и да ја каже цела вистина.

И денес, како и на едно од претходните рочишта, Јовановски себе си се нарекуваше прокурист во 1ТВ. На ваквото негово однесување и на начинот на поставените прашања жестоко реагираше обвинителката Вилма Русковска. Таа, обраќајќи се кон судот во судница рече:

„Судија, ве молам објаснете му на обвинетиот Јовановски дека е тој невработен, не е ниту менаџер, ниту прокурист, ниту директор, тој не е ништо. Доста го толериравме и укажете му дека неговите директни прашања се вкрстени и не се дозволени“.

Судијката Васка Николовска-Масевска го прифати приговорот на Русковска и му укажа на Јовановски дека не може на тој начин да му поставува прашања на сведок кој е повикан на други околности за случајот „Рекет“.

Прашања за новинарот Баневски немаше ниту Јанева, ниту нејзината одбрана.
Следното рочиште за „Рекет“ е закажано за 3 јануари кога во судница треба да сведочи обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска.

К.Д.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе