Девет месеци по големата акција на МВР

Адвокатите, директорите и менаџерите уапсени во бизнисот со кокаин се тајна

Речиси девет месеци по акцијата која МВР ја спроведе во соработка со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и во која, според тогашните информации вмешани беа адвокати, директори, банкари, менаџери и вработени во јавна администрација, во јавноста нема никакви подотоци за тоа кои се и каде се овие лица, каква е нивната конкретна поврзаност со нелегалната трговија на кокаин, дали има побарано некакви мерки за обезбедување на нивно присуство во текот на истрагата... MВР и Јавното обвинителство во пинг-понг игра во покривањето на овие информации.

Нашата редакција за одговори на овие прашања се обрати и до подносителот на кривичните пријави, МВР и до водачот на истрагата во врска со оваа акција, односно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Наспроти деталите кои беа споделени во јавноста на 10 мај, 2019 година, деновиве во одговорите наместо детали добивме прво упатување од една на друга адреса и обратно, а потоа и одговор дека се работи за постапка која е тајна и за која не може да се споделат многу информации, за на крајот да ни бидат побрани личните податоци на лицата за кои прашуваме.

На почетокот на мај МВР преку официјално соопштение информираше дека спроведена е голема акција и дека ќе бидат поднесени кривична пријава против четири лица и тоа : И.Ј. (41), Б.Ј. (31) двајцата од населбата Ченто, Н.М (37) од населба Чаир, и Д.Р. (19) од село Арачиново поради сомнение за нелегална трговија со дрога.

Освен овие информации, МВР во соопштението дополни дека за време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени биле голем број на материјални докази и документирани биле бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода биле 12 лица.

Но, за овие лица вмешани во овој бизнис немаше ниту иницијали, ниту пак конкретни дејствија. Вакви податоци од институциите не добивме ни денес.

Водејќи се по големата акција за набавката и продажбата на кокаин, МКД.мк се обиде да добие одговори за тоа што институциите преземаат и дали можеби овие лица кои МВР ги поврза со овој бизнис ќе влезат во судска постапка и во кое својство.

Но, одговорите кои ги добивавме не водеа на релација МВР-ОЈО, па ОЈО-МВР, за на крајот да добиеме одговор дека за овие лица се води предистрага која е тајна и дека повеќе информации можеме да добиеме во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

„Ве известуваме дека покрај кривично пријавените лица, во рамки на истрагата дополнително преземени се мерки и активности во врска со информации за купопродажби на кокаин за што изготвено е известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За дополнителни информации во врска со истрагата, потребно е да се обратите до надлежното јавно обвинителство", е одговорот што нашата редакција го доби од МВР на 10 јануари, годинава.

По ова прашања за тоа до каде е постапката за оваа акција во која, според МВР вмешани беа и адвокати, директори, менаџери... испративме и на адреса на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција од каде ни беше одговорено:

„Ве упатуваме одговорот на прашањето да го побарате од Министерството за внатрешни работи како подносител на кривичната пријава". 

По ова, уште еднаш се вративме со истите прашања на адреса на МВР од каде ни образложија дека до овој момент додека предметот се уште е во предистражна постапка која според ЗКП е тајна и ја води ОЈО не се во можност да споделуваат какви било дополнителни информации во врска со случајот.

Од Обвинителството, пак се децидни и велат дека не водат истрага врз основа на професии, па ни беа побарани конкретни податоци за идентитетот на лицата кои биле опфатени во овој настан.

За овие лица детали има само во соопштението од мај, но само за кривичните дела и нивните професии.

„Вчера (9 мај 2019) од страна на Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции при МВР, а во тесна координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, спроведена е полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во организирање на набавка на наркотична дрога – кокаин, и нејзина дистрибуција и продажба на повеќе различни локации во Скопје и други градови во државата.

Денеска МВР ќе поднесе кривична пријава против четири лица и тоа : И.Ј. (41), Б.Ј. (31) двајцата од населбата Ченто, Н.М (37) од населба Чаир, и Д.Р. (19) од село Арачиново, а за постоење основи за сомневање за сторено кривично дело – 'неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори' казниво по чл.215 ст.3 од КЗ на РСМ.
Имено, обемната криминалистичка истрага се спроведуваше изминативе три месеци, а целта беше сузбивање на четиричлена организирана криминална група од Скопје, која беше идентификувана како организирана криминална група со дефинирана строга хиерархиска поставеност, која се занимава со набавка на поголема количина кокаин, кој бил препакуван, мешан и продаван на корисници на подрачјето на Скопје", објави МВР лани во мај.

Во медиумите насловите беа дека во голема полициска акција се уапсени адвокати, бизнисмени, менаџери, административци и дека овие лица се вмешани во купопродажба на кокаин.

И тука застана се. За останатото може само да се шпекулира оти официјални податоци нема.

Во оваа акција беа вклучени соодветен број полициски сили од сите единици на МВР, при што претреси биле извршени на повеќе различни локации во населбите Чаир и Ченто и село Грушино, скопско.

Тогаш МВР соопшти дека операцијата е почната во момент кога лидерот на криминалната група се обидел да ја напушти државата, а лишен од слобода бил на Меѓународниот аеродром Скопје, со многу пари.

Но, како ќе заврши оваа постапка и дали ќе резултира со обвинителен акт поткрепен со докази за кои МВР уште од мај тврди дека ги има и се обезбедени, останува да почекаме додека, како што велат од институциите да се завршат дејствата кои согласно Законот за кривична постапка се тајна. 

К.Д.

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе