Доказите, а не исказите на обвинетите клучни

Свирчињата и трубите на Канческа и тапаните на Јанакиески во образложението на судијата за затворот од над 6 години

Обвинетиот Никола Груевски иако бил главен организатор, сепак не е обвинет во оваа постапка за случувањата од 27 април кои ќе бидат запаметени како настан без преседан кој се одвиваше пред очите на цела Европа и цел свет. Ова денес го истакна судијата Илија Трпков пред да ја објави пресудата за обвинетите за организирањето на 27 април со која на четворица обвинети изрече затворски казни од 6 до 6 и пол години. Казните им се изречени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„На почеток на 2020 година во јануари го примив во работа предметот за настаните од 27 април. Како главен организатор е Груевски но не е обвинет бидејќи не е достапен. Овој предмет го разбрав како предизвик и со него да покажеме дека нашето судство има капацитет да донесе пресуда која ќе ја ценат и повисоките судови. Оваа постапка во Основниот кривичен суд се водеше една и пол година во време на пандемија, а судот ги прифати сите предложени докази на одбраната. Настаните од 27 април се голем удар врз демократијата и оттаму зачудува фактот обвинети лица да се карактеризираат како патриоти. Во текот на 3 децениското постоење на Собранието , се носеле закони и прописи за кои јавноста коментирала, но тоа не значи дека треба да се крши и оштетува законодавниот дом и да се влезе насилно. Насилниот упад не е демократија, ниту патриотизам", нагласи судијата Трпков.

Тој додаде дека ако за секоја одлука со која не се сложуваме насилно се влегува во Парламентот, ќе немаме држава оти таа не се гради со насилство и насилен упад.

„Само со добро испланирана организација може да се влезе во законодавниот дом. Овој совет до детали ги ценеше сите докази,Овој суд не му суди ниту на ВМРО, ниту на СДСМ, туку на конкретни лица за конкретен кривичен правен настан. Стотици членови на партијата овде под заклетва кажуваа дека партијата не стои зад овој упад. Овде слушнавме докази дека се барале труби, свирчиња, тапани, а сведоците тврдеа дека немало такво нешто, па како судот да поклони верба на тие искази кои се спротивни од доказите кои ги слушнавме. По овој настан се зголеми веројатноста граѓаните да изгубат верба во институциите на системот", додаде Трпков.

За судијата неважно е дали овие обвинети ќе бидат нарекувани терористи, а поважно е да се утврди дали бил загрозен уставниот поредок.

„Истакнувам дека законот е тој кој што дава дефиниција на одредени кривични дела и обвинети лица. Како некој е нарекуван е најмалку важно, најважно е да се утврди дали бил загрозен уставниот поредок и затоа сите дејствија треба да се разгледуваат конкретно и правнички. Согласно законот поважно е дали обвинетите ги преземале дејствијата, а не дали се познавале. Не постои неопходност за претходно направен план, туку да дејствуваат едногласно. Сликите од раскрвавените глави на пратениците, од нападите на новинари го обиколија светот и ја претставија државата во негативно светло", образложи судијата.

Судијата посочи дека сите од доказите можеле да слушнат дали Груевски навистина ги повика на протести народот, со зборовите „Народот да не седи дома во папучи, туку да излезе и да ги преземе работите во свои раце".

Постапувањето на Вељаноски, според Судот било со цел да не се формира Влада, како и да се предизвика страв кај народот.

Од изведените докази произлезе дека Ристовски и Јанакиески не само што организирале собир, туку и давале насоки на пратениците.

Судијата Трпков ги цитираше и пораките кои поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милеска ги разменувала со Ристовски и Јанакиески.

„Ристовски и пратил порака на Канческа со содржина дека треба да се појача од секаде со максимум, а Јанакиески праќа порака да се качат во прес салата каде бил Заев.

„Јанакиески пишал порака дека ако може за во среда Владо Јовановски да се обезбеди, ќе биде полн погодок. Канческа-Милевска добила порака од Јанакиески дека нема што да прави и ќе се притиска од сите страни. Овие пораки не одат во правец на одбраната на Јанакиески и Ристовски, но Судот доказите освен што ги цени засебно, ги цени и како целина. Судот во текот на постапката, се обидуваше да го процени исказот на Нинџа, а тој го мобилизирал членството и посчува дека на осмиот спрат видел алчност за власт", образложи Трпков.

Тој рече дека сите овие пораки кои се доказ во постапката укажуваат на тоа дека обвинетите се виновни и дека кога давале искази зборувале спротивно на она што Судот го видел во доказите. Беа споменати и пораките во кои се бараат зурли и тапани, а за судијат Трпков овие докази исто така укажувале на сторено кривично дело и вмешаност во организирањето на настаните. 

За организирање на настаните во Собранието од 27 април, Основниот кривичен суд Скопје обвинетиот Трајко Вељаноски го осудува на казна затвор во траење од 6 и пол години, Јанакиески и Ристовски 6 години и 3 месеци и за Атанасовски казна затвор од траење 6 години. Тие се неправосилно осудени за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".

Пораки од овој предмет цитираше и обвинителката Вилма Русковска во завршен збор пред Судот. 

„Миле Јанакиески, според пораките кои ги цитираше Русковска, барал актерот Владо Јовановски да се обезбеди да држи говор, а барал и други уметници.
„Трајко Вељаноски во порака испратена до Оливер Шамбоски му вели, нема Влада, со жив ѕид ќе спречиме ако треба. Е па, еве го живиот ѕид. Вељаноски праќал и пораки со содржина „ќотекот да биде дупли" и беше така, сите тоа го видовме, на сите медиуми", рече Русковска во завршен збор, цитирајќи ги пораките.

Според содржината на пораките кои ги цитираше Русковска, Јанакиески укажува дека за во Куманово откажале многу говорници и вели дека ќе притискаат, мора, нема сакам не сакам и мора да се оди на протест, а барал и тапани кои ќе удираат јако.

Јанакиески испратил порака со содржина: „ Собери ги сите тапани на свет, многу ни требаат денеска", а Канческа-Милевска праќа порака во која барала свирчиња и труби.

Ристовски, според Обвинителството го барал и сега починатиот актер Ванчо Петрушевски да дошол и да бидел избрифиран.

Имало и порака во која велат дека „Села може да е веќе аут", а Мукоски пратил порака со содржина: „Мора малку да е тензично надвор за да се префрли фокусот таму, оти овде внатре е тензично и има камери".

За судијата Трпков и членовите на совет доказите беа доволни за да ги огласи за виновни обвинетите за организирањето на 27 април, но Законот за амнестија беше она што придонесе за Судот да им ги ублажи казните за терористичко загрозување на уставниот поредок. 

И пораките испратени од Канческа-Милевска се дел од доказите, а таа не е обвинета бидејќи, како што кажа претходно во изјава за медиумите обвинителката Русковска, за поранешната министерка немало други докази. 

 

К.Д.

 

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе