Кој и зошто ги крие јавните податоци?

Судот во Неготино 2 месеци го крие предметот за докторката обвинета за смрт на дете што го лекуваше по телефон и го остави без терапија и инфузија

Основниот суд во Неготино цели два месеци проверува до каде е предметот за смртта на малиот Илче, момчето што на само 11 години ненадејно умре на 5 октомври 2020 година. Во овој предмет обвинета е лекарка од Јавната здравствена установа Специјалистички завод Демир Капија, Катица Б. Б., на која ѝ се суди за тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик според кој може да добие затвор од најмногу 5 години. Редакцијата на МКД.мк од 27 јули годинава не може да добие информација за кога е насрочен предметот, како и за број на предмет за оваа постапка и името и презимето на судија што ја води постапката. Цели 2 месеци портпаролот на судот Александар Кордовски не може, не сака или не смее да провери податоци што, согласно со Законот за кривична постапка, е обврзан да им ги даде на медиумите.

Отпор за давање информации што согласно ЗКП се јавни од Основниот суд во Неготино има од самиот почеток, со образложение дека треба да испратиме посебни документи, па потоа дека портпаролот не може да зборува со медиуми на телефон додека е на пауза, па дека треба да почекаме на судијата да му помине годишниот одмор, а на крај добивме информација дека и по 2 месеци не ни се обезбедени податоци и треба уште да почекаме бидејќи сме „прв и единствен медиум што се јавил во Основниот суд во Неготино“.

Иако како медиум ги почитувавме сите барања и недозволиво долги рокови, сепак вчерашниот ден беше оставен како последен рок за обезбедување на овие информации од страна на портпаролот Александар Кордовски, кој воопшто не се јави, иако претходно замоли да почекаме само уште „малку“. Единствен дел во кој Судот правилно постапи е делот за идентитетот на лекарката, кој не смее да ни го сподели. 

Во случајот за кој покажавме интерес се кријат сите информации, односно од нашиот медиум се крие до каде е постапката за смртта на детето кое, според обвинението, наместо да биде прегледано, било лекувано по телефон, се крие бројот на предметот и датумот за кој треба да се одржи судењето. Не знаеме ниту до каде е предметот, ниту што се случува, а сите овие податоци јавноста има право да ги знае. За случајот во кој треба да се докаже лекарска грешка, односно несоодветно постапување на медицинско лице, очигледно некој си зема право да го крши законот и да ги третира медиумите како „Панаѓурски прашања“, а не како јавни гласила што го креираат јавното мислење и на кои институциите имаат законска обврска да им доставуваат податоци.

Нашата редакција јавно објавува низ каква голгота помина, додека во меѓувреме можеби трае или пак, завршил процесот против лекарката обвинета за смрт на дете. Укажуваме дека Основниот суд во Неготино има обврска да ни ги даде информациите што ги бараме, а се надеваме дека нашата објава ќе стаса и до судијата што ја води постапката за овој предмет, па ќе добиеме образложение за постапките на овој суд.

Нашата редакција ќе ги преземе сите правни механизми за да обезбедиме информации што јавноста има право да ги знае и понатаму, како и до сега ќе работиме во интерес на вистината.

Го потсетуваме Основниот суд во Неготино дека според член 353 од Законот за кривична постапка главните расправи се јавни, а за да може да фотографираме во судница, потребен ни е бројот на предметот, кој исто така е јавен податок, а членот 360 од ЗКП исто така предвидува дека во судница може да се снима со одобрение од претседателот на Врховниот суд. Ова одобрение нашата редакција не може да го добие, бидејќи од Судот во Неготино 2 месеци ни го кријат бројот на предметот.

Потсетуваме и дека со години нашиот медиум соработува со речиси сите судови низ државава, а најмногу со Основниот суд Скопје и до сега во ниту еден предмет не сме имале проблем каков што настана за предметот со обвинетата лекарка во Основниот суд Неготино.

Дали е во прашање незнаење, намерно криење на предметот од јавноста или нешто друго, оставаме простор на Основниот суд од Неготино да одговори.

Неподвижното дете, кое боледуваше од церебрална парализа, беше оставено прво од неговиот татко, па од неговата мајка. За да има достоинствен и подобар живот, беше сместен во семеен дом.

Истрагата за неговата ненадејна смрт траеше подолго време и на крај утврди дека детето починало од дехидрираност, која настанала како резултат на негрижа на лекарка.

Според Обвинителството, осомничената го оставила детето без инфузија и соодветна терапија и го лекувала телефонски без да го прегледа.

„Обвинетата, како лекар-специјалист по општа медицина, била ангажирана со договор за повремени и привремени работи во Јавната установа Специјалистички завод Демир Капија – станбена единица во село Куршеница.

Таму, во периодот од 1.10 до 5.10.2020 година давала лекарска помош поради покачена телесна температура и дијареа на едно оштетено дете, родено 2009 година, сместено во Заводот како лице со тешко нарушување на психо-физичкиот развој и церебрална парализа.

Меѓутоа, спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 5.10.2020 година настапила смрт", соопштија претходно од Обвинителството.

Починатото момче беше згрижено во семеен дом еден месец пред да почине, откако беше пронајдено како целосно запуштено живее само, во исклучително лоши услови во Охрид.

Како што тогаш објавија дел медиуми, тој спиел на чергиче и не бил избањат цела година. Надлежните институции за случајот дознаа откако беа алармирани од сосетката, која ги слушнала неговите крици.

По ова мајката на Илче го загуби родителското право над него, а доби и кривична пријава поради пропусти во родителската грижа.

Тој потоа закрепнуваше за Клиниката за детски болести во Скопје, па беше згрижен во семеен дом, каде што, за жал, почина.

 К.Д.

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе