По неуспехот по македонските судови

Судот во Стразбур му дозволи на судијата Тасев од Бугарин да стане Македонец

Штипскиот судија Славчо Тасев го доби спорот со државата Македонија, откако македонските судови не му дозволиле од Бугарин да стане Македонец. За ова, според судот во Стразбур, државата на Тасев ќе треба да му плати 4.500 евра и 1.800 евра за судски трошоци.

Судијата Славчо Тасев

Славчо Тасев е судија од Штип повеќе од 22 години, од кои 9 години во Апелацискиот суд. Тој е роден 1959 година во Босилеград, Србија. Во Македонија се сели во 1978 година. Тука дипломира, формира семејство и живее во Штип. Цело време се изјаснувал како Бугарин, но во меѓувреме решава да ја смени националната припадност бидејќи доаѓа до докази дека неговото потекло е македонско.

Оваа промена подоцна станува единствената пречка за да се кандидира во институцијата што ги избира и ги разрешува судиите во државата - Судскиот совет.

Тасев во 2018 година решава да се кандидира за член на Судскиот совет како Македонец, но Советот го отфрла неговото барање бидејќи кај нив тој бил заведен како Бугарин. За ова Тасев добива пресуда и од Управниот суд. Судскиот совет сметал дека Тасев треба да се пријави на листата за немнозински заедници.

За штипскиот судија ова било јасен акт на дискриминација. Тој сметал дека нема никаква пречка токму тој да го пополни судиското место од штипското апелациско подрачје. Тасев од 2013 година се обидува да ја смени националноста, наместо како Бугарин да биде запишан како Македонец, но тоа право никако не може да го спроведе. Конечно решава да поднесе тужба против Македонија и пред Европскиот судот за човекови права во Стразбур.

На 16 мај тој го добива спорот, во кој судиите се повикуваат и на македонскиот Устав, кој го гарантира слободното изразување на националната припадност и на членот 8 за правото на почитување на приватниот и семејниот живот од Европската конвенција за заштита на човековите права. Во овој член се вели „секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество“.

Во членот 8 од македонскиот Устав пишува дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; слободното изразување на националната припадност; владеењето на правото...“.

А.Д.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе