По Решението заради претресот кај Муареми

Стефанова ќе ја менува Русковска во ОЈО ГОК, таа ќе се жали на одлуката на Јовески

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска која беше суспендирана од функцијата, ќе се жали пред Советот на обвинители откако државниот обвинител, Љубомир Јовески донесе решение со кое времено ја отстрани од функцијата. Додека трае суспензијата ќе ја менува обвинителката Лиле Стефанова. Русковска за Телма изјавила дека дополнително ќе одлучи кому ќе ги предаде двете предистраги кои ги води за работењето на финансиката полиција и истрагата за техничките центри при МВР.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ни беше одговрено дека без разлика на поведените дисциплински постапки, обвинителите напречено ќе постапуваат. 

„Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција непречено функционираат и продолжуваат активно да постапуваат без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци. Со Решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, велат од ОЈО ГОК. 

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Постапката е заради претресот во Финансиската полиција со која раководи Арафат Муареми.

За Русковска, но и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка.

Управата за финансиска полиција на 8 август соопшти дека поднела кривична пријава до скопското Јавно обвинителство во која се опфатени сите обвинители за кои што Управата смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела.

Во соопштението не беа наведени имињата на обвинителите, поради „почитување на пресумцијата на невиност на пријавените", но извесно беше дека станува збор за шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 18 јули годинава изврши претрес во Управата за финансиска полиција, по што следуваше јавна преписка и обвинувања меѓу шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата Арафат Муареми.

Русковска изјави дека се постапува по предмет отворен по пријава од граѓанин, а Муареми претресот го квалификува како незаконски и обвини дека станува збор за намерно инсценирани и неосновани напади кон нив кои доаѓаат од „еден ист центар".

Исто така, оттаму поднесоа и претставка до државниот обвинител за постапувањето на истражителите и обвинителите од обвинителството на чело со Русковска, како и до Судскиот совет за судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје кој ја издал наредбата за претрес врз основа на барањето на Обвинителството.

Во врска со овој случај, пред неколку дена Русковска ги повика САД, ЕУ и европската обвинителка Лаура Ковеси да ѝ помогнат поради, како што наведе, притисоците од владиниот службеник - директор на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, притоа оставајќи им простор да ги проверат нејзините предмети и да се расчисти, како што нагласи, кој во државата се бори против криминалот и корупцијата.

Од амбасадите потоа одговорија дека надлежни за таква проверка се македонските државни институции.

 

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе