Докази на одбраната

Србин сведок на Боки 13 во „Рекет“, судењето изгубено во преводот

Српскиот продуцент Александар Радуловиќ денеска беше сведок на судењето за случајот „Рекет“ на предлог на обвинетиот Бојан Јовановски. Радуловиќ е инаку сопруг на Марина Туцаковиќ, позната како текстописец од Србија и за познанството со Јовановски рече дека трае околу 12-13 години и пред судот дополни дека нивната дружба почнала професионално, а потоа станале пријатели. 

Професионално соработувале за издадени песни на Јовановски, а потоа и приватно по што Јовановски и неговото семејство често биле гости во домот на овој сведок.

Адвокатот Сашко Дуковски бараше одговор од Радуловиќ дали некогаш му дал пари на Јовановски. Сведокот одговори потврдно и додаде дека му дал пари првично за отворањето на 1ТВ.

„Пред две години Бојан ми објасни дека ќе отвора телевизија. Тоа ми беше интересно. Сакавме да оствариме влијание и во овој регион и да го прошириме нашиот музички опус. Се согласивме да бидеме кофинансиери на телевизијата и да му помогнеме во набавката на опрема и развојот на телевизијата. Бојан е на возраст на возраст на нашиот помлад син, се дружевме, заедно сме оделе на слави, на родендени, на одмори. Тоа е пријателство кое траело и ќе трае понатаму, бидејќи јас не гледам никаква причина тоа да се смени“, сведочеше српскиот продуцент.

За сумата за телевизија која Јовановски ја добил од ова семејство сведокот не посочи конкретно за колку пари се работи, но затоа појасни дека приватно му дале пари на Јовановски и прецизираше дека се работи за сума од 150.000 евра за да купи од Милано  лекови за сопругата на Радуловиќ. Лековите веќе биле нарачани.

Александар Радуловиќ

„Со Бојан се видовме во февруари 2019 на вечера во мојот дом. Тогаш заедно со него беа неговата мајка Јасмина, како и кумата и возачот на Бојан. Меѓу останатите разговори зборувавме и за скапите лекарства кои ѝ требаа на мојата сопруга, која во тој период се соочуваше со сериозна болест. Како последица на болеста таа ослабе и во тој период исто така ѝ требаше и нова гардероба. Таа и Бојан на оваа тема беа сродни души, па се договоривме да ѝ набави гардероба од Милано. Освен гардероба требаше да се купат и лекови кои беа скапи. За еден месец овие лекарства чинеа по 20.000 евра, а ние нарачавме за седум месеци. Скапа беше и гардеробата, конкретно не ја знам сумата, бидејќи таму не се мешам, но знам дека на Јовановски му дадовме околу 150.000 евра. Тој по средбата во нашиот дом требаше да замине на модна ревија во Милано и од таму да ги донесе нарачаните работи“, рече пред судот Радуловиќ.

Според обвинението кое го застапува обвинителката Вилма Русковска, обвинетиот Јовановски за шопинг во Милано потрошил околу 148.000 евра, а за овие пари Русковска презентираше и фискални сметки кои беа запленети од домот на обвинетиот.

И денешниот тек на рочиштето за „Рекет“ помина со смеа во судница и покрај предупредувањата на судијката Васка Николовска Масевска дека повеќе нема да толерира никој од присутните да прави шоу во судница и дека мора да се почитува редот.

Но, денес причина за сатиричните моменти не беа ниту обвинетите, ниту адвокатите, ниту обвинителката, туку преведувачката која судот ја повика и која беше избрана од листата на официјални судски преведувачи од српски на македонски јазик. Додека сведокот зборуваше на српски преведувачката на моменти, наместо да преведе на македонски јазик, таа го повторуваше истото по него и обратно, во деловите кога прашањата од македонски требаше да му ги преведе на сведокот на српски, таа ги повторуваше на македонски јазик. Во дел од преведувањето наместо да ги преведе зборовите, овластената судска преведувачка на сведокот му раскажуваше што прашал адвокатот Сашко Дуковски и на крајот рече: „То је кратко сиже на то што је он рекао“.

Истото потоа го повтори и кога требаше да му го преведе одговорот на адвокатот. На ова адвокатот Дуковски возврати: „Молим уважени преведилац да преводи тачно како сведок говори“. По ова следеше реакција од обвинителката Русковска која ѝ укажа на судијката да му посочи на адвокатот дека на рочиштето треба да зборува на својот мајчин јазик. На претходните неколку рочишта адвокатот Дуковски во период кога беа презентирани докази, а чии наслови на документите обвинителката ги читаше на српски, тој се жалеле дека не разбира и бараше судски преведувач во судница.

Судијката Николовска Масевска повика друг преведувач и се извини на присутните, бидејќи, како што рече, рочиштето за „Рекет“ се изгубило во преводот.

Судењето за „Рекет“ продолжува со докази на обвинетиот Бојан Јовановски.

К.Д.

 

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе