Во Истражниот затвор во Шутка

Специјалци го чуваат Нинџа, се жали дека убиство со нож или шрафцигер му нарачале Ќосето, Југ, Ченто...

Специјалци од пред еден месец во посебно одделение во Истражниот затвор во Шутка го чуваат Александар Василевски Нинџа, правосилно осуден на затвор од 7 години за настаните од 27 април. Од затворот во Штип овој осуден, кој беше клучен сведок и во судскиот процес во кој на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски им се суди за нарачка на настаните од 27 април, 2017 година, сега е префрлен во Истражниот затвор во Шутка, каде што има специјално одделение за лица со висок безбедносен ризик.

Одлуката за да се направи трансфер на Нинџа од едниот во другиот затвор ја донела Управата за извршување санкции, бидејќи, како што велат, неговиот живот бил во опасност.

Во изјава за МКД.мк директорот на Управата, Марјан Спасовски, вели дека Управата за извршување санкции донела ваква одлука откако Нинџа укажал дека има информација дека ќе биде нападнат од друг осуденик за одредена сума пари, која треба да му биде исплатена на напаѓачот.

Пред еден месец Управата за извршување санкции добила известување дека Александар Василевски Нинџа има информации дека ќе биде нападнат и требало да биде убиен со нож или шрафцигер.

Според пријавата на Нинџа и информациите што тој ги имал, во мај годинава во затворот се одржал состанок на кој присуствувале Јане Ченто, Игор Југ, Горан Ангеловски - Ќосето, Кире Ѓорѓиевски, Мартин Димовски и Раин Џемаилов, сите лица сместени во крило број 3, на кој состанок на Челебија Рамаданов му била ветена парична награда и доживотно издржување на неговото семејство доколку тој со нож или шрафцигер го прободе Нинџа во стомакот и вратот.

Осудениот Василевски посочил и дека осудениот Ајрула Мемедов добил нарачка од Горан Анѓеловски-Ќосето за неговата ликвидација.

„По пријава до Управата за извршување на санкции дека на лицето Александар Василевски му е загорена безбедноста и поради сериозни закани за неговиот живот, извршен е вонреден надзор во затворот и утврдено е дека пријавата е точна. Утврдивме дека осуденото лице треба да биде сместено во Истражниот затвор во Шутка, во делот што е наменет за лица со процена на висок ризик“, вели Спасовски.

Околу затворот во Шутка има прстен од специјалци што го чуваат и обезбедуваат просторот со лица од висок безбедносен ризик. Освен Нинџа, таму се и дел од осудените за случајот Диво Насеље.

Директорот на затворот во Штип, Мики Тодоров, за МКД.мк вели дека инцидент не се случил во затворот и никој не го нападнал осудениот Нинџа, туку неговото барање за преместување и укажување дека животот му е во опасност се темели исклучиво на усно укажување.

„Предлогот за преместување е даден поради укажување дека му е загрозена безбедноста и неговиот животен и телесен интегритет. Физички настан или инцидент, нема. Осудениот усно известил дека животот му е во опасност и има закани од осудени лица и се плаши дека нешто може да му се случи. Решението од Управа е дека предлогот се уважува“, вели директорот Тодоров.

Филип Андов, директор на Истражниот затвор во Шутка, потврдува дека Нинџа е во затворот и вели дека му ја гарантираат безбедноста сѐ додека е кај нив.

„Нинџа е кај нас од безбедносни причини. Деталите не ми се познати, но за неговото префрлање одлука донесе Управата за извршување на санкции и тој е пренесен кај нас. Не излегува од затворот, туку се наоѓа во затворено одделение наменето за лица од висок безбедносен ризик“, вели директорот

Андов.

Заедно со Нинџа во просторијата во која тој е сместен е уште еден цимер.

Тој не е таму поради висок ризик врз неговиот живот, туку, како што велат, од Истражниот затвор во Шутка, Нинџа има право да има цимер што не е осуденик за тешки кривични дела. Осудениот Нинџа има право и на прошетка, како и останатите лица, но не ја користи мензата за јадење, туку храна добива во затворената просторија во која се наоѓа.

Името на Александар Василевски Нинџа се споменуваше и во други судски постапки во кои тој беше сведок. Нинџа сведочеше и во судскиот процес Детонатор , како и во случајот Ровер.

Случајот Ровер, во кој за нарачано убиство им се судеше на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, шефот на неговото обезбедување, Зоран Трајковски и уште неколку други обвинети, а во кој клучен сведок беше Нинџа, падна на Врховен суд, кој донесе ослободителна пресуда.

Во овој процес за кој претходно беа донесени две осудителни пресуди, Нинџа до детали раскажуваше за денот на убиството, иако од него беа поминати повеќе од 10 години.

Нинџа и претходно беше спроведуван до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поради наводни закани од обвинети во постапката за 27 април.

Последен пат неговото име на суд беше споменато пред неколку дена за време на завршните зборови на одбраната за нарачаните настани од 27 април. Одбраната му укажа на Судот дека не може повеќе да му веруваат на сведочењето на Нинџа отколку на доказите што ги има во папката за овој предмет.

За првата постапка за настаните од 27 април, Нинџа беше осуден на затворска казна од 8 години. Тој во текот на постапката со часови зборуваше за настаните пред и за време на „крвавиот четврток“ и ги спомена речиси сите обвинети лица во својот исказ.

К.Д.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе