Нова истрага на СЈО

Случај Пропаганда: Груевски и Божиновски потрошиле 30 милиони евра државни пари за купување партиски медиуми

Актуелниот директор на Македонската радио и телевизија Марјан Цветковски, поранешниот сопственик на порталот Курир Ацо Мисајловски, заедно со поранешниот премиер Никола Груевски и уште шест лица се осомничени за купување медиуми со 30 милиони евра државни пари. Специјалното јавно обвинителство, кое ја води истрагата, овој случај го нарече „Пропаганда“.

СЈО вечерва за овој случај објави дека Цветковски, Мисајловски, Груевски, Саше Стојановски од порталот Курир, Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на Владата... се сомничат за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување. Во овој случај осомничени се и Захарија Вулгаракис, поранешниот портпарол на Министерството за одбрана и уредник во МРТВ, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ и Елена Колишевска.

„Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомневање дека осомничените деветмина формирале злосторничко здружение на чие чело бил Груевски, кој заедно со осомничените Божиновски и Мисајлоски создал група што имала цел вршење кривични дела против службената должност.

Дејствувањето на групата било во две насоки: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

СЈО смета дека осомничените Божиновски и Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност, доделувале договори за набавка на услуги – купување термини за телевизиско и радиоемитување или, реемитување спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот за 5 години, од 2010 до 2015 година, истрагата на СЈО покажала дека од буџетот биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СЈО, Груевски и Божиновски, помогнати од останатите осомничени припадници на групата, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.

„Осомничениот Никола Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ-станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите. Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата, го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа. Целокупното дејствување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ“, вели СЈО.

За финансирање на овие медиуми, велат од СЈО, биле искористени буџетски средства (правни лица што имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми). Ваквиот начин на финансисрање бил овозможен токму од осомничените.

Цветковски е директор на МРТВ од 2012, а од февруари годинава е реизбран на истата функција. Мисајловски е брат на Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт од ВМРО-ДПМНЕ. Ацо Мисајловски го продаде сопствеништвото на порталот Курир на тогашниот главен уредник Саше Стојановски.

Емил Парнаџиски е вработен во МЕПСО. Неговата фирма „Емперијан визион“ поседуваше два медиуми - ТВ канал три – Дебар и Телеканал А1 – Струмица. Владислав Стајковиќ, еден од аболицираните од претседателот Ѓорге Иванов за криминали што произлегоа од прислушуваните разговори, беше првиот човек на фирмата НВСП, која беше замешана во добивањето на опремата за прислушување од Израел. Оваа фирма беше сопственик и на Радио слободна Македонија и на ТВ Три од Куманово. Стајковиќ беше и директор на „Физни“, а по него на негово место дојде Коста Крпач, кој по објавувањето на „бомбите“ се самоуби под неразјаснети околности.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе