Нова истрага на СЈО

Случај „Подарок“: Ставрески и Јанакиески за изградба на гасовод на руска компанија ѝ „подариле“ 33 милиони евра

Поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески за првпат се појавува како осомничен во истрага на Специјалното јавно обвинителство. Во случајот „Подарок" тој и Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт се осомничени дека за руската компанија Стројтрансгас прибавиле противправна имотна корист од 33 милиони евра.

Во овој случај осомничен е и Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје. Тројцата, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист на штета на Буџетот на РМ, велат од СЈО.

„Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.

Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница Клечовце – Блок станица 5 за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто“.

СЈО тврди дека истото Министерство за транспорт и врски поседувало готова физибилити студија за гасоводот на истата делница, Клечовце – Штип, подолга за речиси 36 километри од делницата Клечовце- Блок станица 5. Во оваа студија пишувало дека цената на чинење на изградбата на делницата Клечовце - Штип би чинела помеѓу 30 и 35 милиони евра.

„Осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва.

Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626,37 евра (за еден километар гасовод)“.

Според СЈО во ова учествувал и директорот на МЕР, Крсте Миладинов, кој ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија.

Со ова, постои основано сомневање дека осомничените Зоран Ставревски и Миле Јанакиески сториле по едно кривично дело злопупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со став 3 и 1 в.в член 22 од КЗ на РМ, а осомничениот Крсте Миладинов сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4, 3 и 1 в.в. со член 22 на РМ“.

За СЈО ова всушност значи дека Македонија фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал „подарок“ за Русија.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе