На денешноото рочиште ова мислење беше изведено како доказ од одбраната на Ненад Јосифовиќ, еден од обвинетите во случајот „Плацеви на Водно“.
Вештакот детално ги прикажа сите трансакции на сметката на фирмата Сирах лимитет од Белизе во периодот од 26 јули до 31 декември 2012 година. Во овој период не е регистрирана ниту една трансакција од Македонија, ниту пак имало уплати од Никола Груевски, покажа извештајот.
Во овој период, се вели во извештајот на вештото лице, имало регуларна исплата од Сирах лимитед кон Сирах инженеринг ДООЕЛ Скопје врз основа на налог за плаќање во склад со упатството за вршење платен промет со странство на Народната банка на РМ и преку корсподентски банки од земја членка на ЕУ со дозвола од Европската централна банка.
Извршената уплата била по основ на зголемување на основачки влог, регистриран во Централниот регистар на РСМ, во Регистарот на директни инвестиции на нерезиденти во РСМ и за дадениот износ е направено соодветно зголемување на капиталот на друштвото во тековната состојба, се вели во извештајот.
Лиле Стефанова е обвинителката на овој случај која ги терети осомничените за перење пари.
Од одбраната велат дека после ова вештачење се поставува прашањето за тоа која била основата за покренатиот обвинителен акт за „Плацевите на Водно“, случај очигледно базиран само на „сомневање“ без утврдени фактички докази.
„Во кој било друг правичен правосуден систем воопшто не би се дозволило покренување на ваков обвинителен акт и водење на истиот. Но, едно е сигурно, во кој било друг правичен правосуден систем после изнесување на ваков вид на фактички, независни и поткрепени докази кои денес беа презентирани на главната расправа од страна на одбраната, случајот „Плацеви на Водно’’ веднаш би бил отфрлен и би се сметал за „паднат“ и од истиот би останало само скандалозното фијаско на обвинителот застапник на случајот“, велат од одбраната.
Во случајот „Плацеви на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79.972.140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Во овој случај, покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.