Прочистување

Сите се за ветинг на судиите и обвинителите, ама никој не го почнува тој процес

Претставниците на речиси сите поголеми политички партии во земјава се за ветинг, велат дека конечно мора да се провери имотот, врските и влијанието на сите судии и обвинители, но сите секогаш додаваат едно но... но треба прецизно да се договори методологијата, но сега немаме време, но ионака немаме доволен број на судии и обвинители...

Очигледно е дека проветрувањето не само на судиите и обвинителите, туку и на сите јавни функционери ќе оди тешко во нашата земја. Тој процес почна и во Албанија, но не баш со посакуваното темпо и резуллтати, па сега нашите функционери прстот го вперуваат во нашиот западен сосед...

Како што се ближат изборите, заедно со сѐ поочигледните не баш правно издржани решенија на некои судии, ветингот станува сѐ почест дел од ветувањата на политичарите. Владејачката партија сѐ погласно зборува за проветрување во судството, најавувајќи дека сериозно се размислува за овој процес, ама и тоа дека најверојатно ќе мора да се почека на изборите, па после тоа.

Никој не нуди конкретна методологија за тоа како тој процес треба да се спроведе и кој треба да биде опфатен. Поделеност има и меѓу партиите, но и внатре во партиите.

За премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев овој процес е неопходен, но вели дека треба да бидеме подготвени на тоа дека може да дојде да немаме доволен број на судии и обвинители.

„Нашиот народ очекува протресување на судии, обвинители, политичари, директори… Тоа треба добро да се организира... Аргументите беа дека немаме доволен резервоар при евентуално анулирање на одредени судии и обвинители. Ако се случи стотина да не можат да го поминат ветингот, немаме како да го пополниме тоа. Ние по систематизација во правосудството имаме 750 судии, а во моментот има 520. И ако се случи стотина да не може да го поминат ветингот ние немаме од каде да ги надополниме тие стотина, а не пак другите 200. Академијата има „тесно грло" и не продуцира многу луѓе“, рече Заев.

За министерката за правда Рената Дескоска и тоа не е проблем затоа што „подобро е да имаме помалку, но квалитетни судии“.

И опозицијата е согласна дека на земјата ѝ треба процес на прочистување на функционерите, судиите и обвинителите. Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е за ветинг, но тој вели дека овој процес нема да ги реши проблемите, ако нема структурни реформи и принципиелни политичари.

„Ние треба да обезбедиме структурни реформи кои што ќе донесат навистина реформирано судство и реформирано обвинителство. Но, тоа треба да го направиме најпрвин ние како политичари, да се оградиме од какви било влијанија што потенцијално во иднина ќе ги направиме. Да понудиме методологија, а потоа да понудиме спреги и кочници кои што ќе вршат мониторинг на работењето на судиите и обвинителите. Тука голема работа и помош треба да очекуваме од невладиниот сектор кој континуирано ќе ја мониторира работата на обвинителите и судиите“, вели Мицкоски.

Демократската унија за Албанците уште од првиот дена е за ветинг. Партија веќе подготви и предлог закон за тоа како би се спроведувал ветингот на сите функционери, но и на секој кандидат за јавна или државна функција во иднина. Предлогот сѐ уште не е во собраниска процедура.

Претседателот на Здружението на судии и врховен судија, Џемали Саити во интервју за „360 степени“ вели дека ако веќе треба да се спроведе, тогаш ветингот е можен со веќе постоечките институции – Антикорупциската комисија и Судскиот совет.

Тој ја посочи како пример Албанија, каде, како што рече, по спроведувањето на ветингот граѓаните имаат проблеми со пристапот до правда и нефункционалност на правосудниот систем поради тоа што голем број на судии биле опфатени со ветингот.

Логичното прашање е дали сепак треба да му се дозволи на судија кој е корумпиран, има имот што незаконски го стекнал, има сомнителни врски, па и со сомнителни кругови во државата да суди за граѓаните да имаат пристап кон нешто што треба да се вика правда а де факто не е правда?

„Значи тука повторно се наоѓаме меѓу две зла, кое е помалото, кое да се избере. Се согласувам дека не треба да бидат во судниците судии кои имаат такви имотни состојби кои се необјасниви. Но, се поставува прашањето, дали треба целиот систем на судии да биде жртва на еден или двајца? Сепак, имаме судии кои чесно заработуваат и работат. Извештаите на Прибе и сите други не ја ставаат Македонија на исто рамниште со Албанија. И тука е прашањето, да, доколку треба проверка, но преку институциите на системот. Имаме Државна комисија за спречување на корупцијата, може многу лесно да се провери имотната состојба и имате Судски совет кој може да анализира во однос на стручност, совесност на судиите. Затоа сметам дека ова е прашање кое треба да се разгледа од повеќе аспекти, од правни, практични а може и политички аспекти. Дали можеби на некого му одговара да нема судии? Затоа што, свесни сте за позицијата која се створи во Албанија меѓу политичките партии во однос на непостоењето на Уставниот суд“, рече Саити.

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе

Перењето пари преку трансакции со недвижнини ги интегрира црните фондови во економијата, притоа обезбедувајќи сигурна инвестиција.

повеќе