Повеќе од една година ни трага, ни глас

Што крие бегството на Игор Спасов: Молк од ОЈО дали специјалецот бил лажно болен

Една година и три месеци нема ни трага, ниту глас од поранешниот специјалец, Игор Спасов, бегалецот осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски. Глас нема ниту од Обвинителството од Штип, кое исто толку време води постапка за бегството на Спасов. Редакцијата на МКД.мк две недели чекаше одговор на прашањата за оваа предистрага, која по допрен глас беше отворена во ноември, 2019 година, но наидовме на молк.

Од Обвинителството не испратија ниту одговор дека можеби предметот е во фаза во која во овој момент информациите не може да се споделат со јавноста, што е вообичаена практика.

Истите прашања ги испративме уште еднаш, со потсетување дека чекаме да ни биде одговорено бидејќи се работи за предмет што е од јавен интерес и за кој и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и премиерот Зоран Заев и тогашната министерка за правда, Рената Дескоска, бараа одговорност.

Но одговор не добивме, а од Канцеларијата за односи со јавноста од ОЈО Скопје кратко ни кажаа дека нема одговор.

Ова е првпат во годините колку што постои Одделението за односи со јавност во Основното јавно обвинителство во Скопје и покрај нашата упорност, да не ни биде одговорено.

Не го добивме ниту името и презимето на обвинителката што избегна да ѝ одговори на редакцијата на МКД.мк на прашањата за бегството на Спасов.

Според Член 8 став 1 од Законот за јавни обвинители, Јавното обвинителство е должно да ја информира јавноста за одделни случаи по кои постапува, особено ако се од таква природа што предизвикуваат поширок општ интерес во јавноста или се од значење за остварување на функцијата на јавното обвинителство заради заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

Случајот за бегството на Спасов за кој нашиот медиум редовно известуваше и по чие пишување се утврди дека тој не е вратен во затвор, а никој не дал известување, ниту пак беше распишана потерница, во октомври 2019 година тогаш ги крена сите на нозе и се бараше одговорност.

За министерот Спасовски клучното прашање во однос на бегството на Игор Спасов е одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои процени е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор.

Одговарајќи на новинарско прашање како побегнал и каде е Игор Спасов, Спасовски неколку дена по бегството на Спасов рече дека многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот.

„Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои процени е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор“, рече тогаш Спасовски.

За таквите прекини на издржувањето на казната затвор, според министерот за внатрешни, се известуваат веројатно Агенцијата за извршување санкции и казнено-поправните установи, а МВР не добива такви информации.

Изјава имаше и премиерот Зоран Заев, кој посочи дека истрагата треба да покаже каде е човекот.

„Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Институциите постапуваат согласно законот, секако и во делот на правото на кој било затвореник или човек кој ја извршува својата казна – правото на викенд и правото за одмор. Постапено е согласно сите процедури. Верувам дека истрагата многу брзо ќе соопшти што се случува односно каде е господинот Спасов“, изјави Заев во октомври 2019 година по посетата на реновираниот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Одговорноста за тоа каде е Игор Спасов побара и тогашната министерка за правда, Дескоска, која прстот го впери во судовите.

„Не може да слушаме гласност за тоа како тие ќе си ги делат парите внатре, туку самите треба да бидат свесни за сопствената одговорност. Дали станува збор за судија, кој го пуштил, не го пуштила Управата или кој било од Министерството надвор, го пушта судија во судска постапка“, рече тогаш Дескоска.

Обвинителството по допрен глас во почетокот на ноември 2019 година отвори предистражна постапка за овој предмет. Од тогаш, па сѐ до денес се испитува дали специјалецот користел лажна документација за болест за да го избегне одењето во затвор и на крајот на побегне.

„Основното јавно обвинителство Штип по допрен глас испитува постоење на евентуална кривична одговорност во врска со донесеното решение за прекин на издржување на затворската казна за осудениот Игор Спасов. Дадена е насока за проверка на лекарската документација и постапката во која е донесено решението“, соопштија од обвинителството по бегството на Спасов.

Тоа всушност е и последниот одговор до јавноста од ова обвинителство во врска со овој случај. Го нема Спасов, а нема ниту одговор за неговото бегство, ниту во која фаза е овој предмет во ОЈО Штип.

Кога Спасов не се врати во затвор, од Основниот суд во Штип до затворот во Идризово немаше испратено никакво известување, иако за сите претходни прекини на издржување на затворската казна затворот уредно беше известуван од судот.

Последниот пат пред да побегне известување од судот немаше. Известувањето од таму стаса по неколку дена. Но опфатени беа постапувањата откако затворот Идризово ги известил дека Спасов не се вратил на доиздржување на затворската казна, ниту пак го оправдал своето отсуство.

На 30 октомври МВР распиша потерница по Спасов и таа сѐ уште е активна.

Минатата година во акцијата „Бегалец“ беа фатени 517 осуденици, но Спасов не беше меѓу нив. Осудениот поранешен специјалец не е во Идризово од 18 август 2018 година.

Од тогаш е на слобода со документација дека е болен со која го одложуваше издржувањето на затворската казна.

Со медицинската документација што ја поднесуваше до судот од август, 2018 година, а оттаму ја прифаќаат, веќе втора година со здравствените причини го оправдуваше своето отсуство и не се враќа во затворската ќелија во најголемиот затвор во земјава.

Осудениот Спасов во затвор требаше да се врати откако ќе му заврши лекувањето, но тоа не се случи. Наместо тоа, тој побегна.

Прекинот на издржувањето на затворската казна не му се засметува во отслужувањето на затворска казна.

Поранешен припадник на „Тигрите“ беше осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Тој има досега отслужено шест години затвор.

Полицискиот поранешен специјалец тврдеше дека не го убил Нешкоски и дека е подготвен тоа да го докаже со полиграфско тестираше.

Спасов тврдеше дека на плоштадот бил службено и дека последен пат кога го видел Нешкоски тој бил жив.

Пред судот раскажа дека не го познавал Нешкоски и дека немал никаков мотив за да го убие.

Тој не негираше дека го удрил Нешкоски, но не со тупаници и шлаканици, туку само со клоци по половината, бидејќи мислел дека момчето симулира дека е во бесознание.

Откако се обидел да го крене од земја, сфатил дека момчето ја загубило свеста, па зел вода, го испрскал и му удрил неколку шлаканици за да го освести. Во меѓувреме таму дошле двајца униформирани полицајци и обезбедувач од фестивалот Баскерфест".

Поранешниот припадник на полициските тигри Игор Спасовски неколку пати беше на распит кај обвинителите на СЈО, каде што се водеше предистражна постапка за овој случај.

К.Додевска 

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе