По денешното разгледување на жалбите на првостепената пресуда

Шехтански: Скандал е да немаме покана за седницата за убиството на Саздовски! Судот вели: Немаме обврска да го викаме

Ванчо Шехтански, законскиот застапник на родителите на починатиот Никола Саздовски-Саздо вели дека за јавната седница на Апелацискиот суд во Скопје на која денес се разгледуваа жалбите на првостепената пресуда, дознал од медиумите. Тоа што Апелациските судии не му пратиле покана ниту нему, ниту на родителите на Саздовски, адвокатот Шехтански го оценува како скандалозен потег и преседан во судството.

„Денеска се случи скандал. Ниту е поканет оштетениот, ниту неговиот полномошник, што е преседан во судството. Ние за јавната седница дознаваме од медиумите. Ова што се случува во судството веќе нема смисла и ова денес може да го толкуваме како обид во јавноста да се пласираат невистини, што како одговор се дадени од страна на одбраната на осудените. Дека не се познавале и дека инцидентот се случил без претходни закани воопшто не е точно", вели Шехтански во изјава за МКД.мк.

Адвокатот појаснува дека во првостепената пресуда како доказ постои и разговор, односно комуникација преку социјалните мрежи помеѓу осудените Бесир Беља и Скендер Демири и починатиот Саздовски.

„Преседанот со тоа што ние не сме добиле покана за на јавната седница е обид за пласирање на спин во јавноста дека не се работи за убиство на свиреп начин, туку за насилство. Времето ќе покаже дали се работи за пропуст или за намерна реакција на судиите", додава Шехтански.

Одговор за ваквите обвинувања редакцијата на МКД.мк побара и од Апелацискиот суд во Скопје од каде ни беше одговорено дека оштетените не добиваат покана за јавна седница, односно не се повикуваат.

„Тие не се повикуваат на јавна седница, бидејќи тоа не е судење туку е јавна седница. Ние како второстепен суд немаме обврска да известуваме кога ќе се одржи јавната седница и се раководиме според календарот на судења кој е јавно достапен. На јавна седница се повикуваат обвинетите, нивните адвокати и Вашиот јавен обвинител", велат од Апелацискиот суд за МКД.мк.

Од второстепениот суд се повикуваат на членот 421 став 3 од Законот за кривична постапка кој вели: „За седницата на советот ќе се извести јавниот обвинител и оној обвинет и неговиот бранител, или приватниот тужител кој во рокот предвиден за жалба или за одговор на жалбата барал да биде известен за седницата или предложи одржување на расправа пред второстепениот суд".

Бесир Беља и Скендер Демири, неправосилно осудените за убиството на Никола Саздовски, денес пред Апелацискиот суд во Скопје побараа да се укине првостепената пресуда и предметот да се врати во повторна постапка.

Но, во таа постапка пред првостепениот суд, нивните барања во жалбите се дека требало да им се суди за насилство, а не за убиство на свиреп начин.

Нивната одбрана смета дека обвинетите на денот на настанот немале план за тоа што се случило.

Адвокатот Насер Рауфи рече дека немале умисла и дека се работи за класичен напад од три лица и тука е сторено кривично дело ,,насилство".
Според Рауфи текот на настанот се сменил откако имало протести и мешање на еден парламентарец. После овие случувања , вели адвокатот предметот се смени за 360 степени.

Обвинетите Бесир Бела и Скендер Демири, се осудени на затвор од по 19 години за убиство на свиреп начин.

Настанот меѓу обвинетите и Никола Саздовски се случи во јуни 2018 години во автобуската постојка во населбата Автокоманда.

Првично младиот Саздовски, беше однесен во Клиничкиот центар, но по десетина дена во кома им подлегна на повредите.

Освен казната по 19 години затвор, судот обвинетите ги задолжи да платат и парична оштета на семејството Саздовски, за претрпената душевна болка.

Апелацискиот суд треба да донесе одлука по поднесените жалби во најкус можен рок. 

                                                                                                                     К.Д.

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе