Кривичниот суд го прифати предлогот на одбраната

Седум години по смртта на Ангел ќе се реконструира убиството на матурантот

Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе одлука да се прифати предлогот на одбраната во случајот со убиството на Ангел Петковски и за истиот случај во наредниот период да се врши реконструкција. Судијката Диана Груевска-Илиевска, посочи дека оваа одлука е донесена по советување на Советот, а точниот датум кога ќе се реализира реконструкцијата ќе биде дополнително соопштен. Прифаќањето на реконструкцијата знаци дека целата судница, односно судиите, обвинител, обвинетиот, адвокатите... ќе треба да застанат на местото на убиството и според доказите со кои располагаат, да се обидат да го „оживеат" настанот и случувањата што завршија кобно за матурантот Ангел.

Настанот што од кражба на велосипед се претвори во бркотница, заврши со смрт со вознемирувачка снимка од последните мигови од животот на матурантот. Убиството на матурантот Ангел Петковски е подзаборавен, но многу трагичен настан за кој ќе се прави реконструкција која во напатствијата ја даде Врховниот суд откако ја укина пресуда за овој предмет. 

Во судското досие за предметот што се однесува на убиството во Ѓорче Петров, кое се случи на 19 мај 2014 година, постои видео, кое е дел од доказниот материјал и на кое се гледа како матурантот ја губи свеста и умира на рацете на својот татко.

Основното јавно обвинителство Скопје покрена обвинение против 19-годишниот Насер во ноември 2014 година. Осомничен е за кривичните дела тешка кражба и убиство со умисла.

Судењето за случајот со убиството на Ангел почна на 22 јануари 2015, беа испитани голем број сведоци и беа презентирани голем број докази, но ножот со кој е сторено убиството не е најден, иако според обвинителството теренот веднаш по трагичниот настан бил детално пребаран.

Обвинетиот тврдеше дека ножот веднаш по убиството го фрлил на самото место на настанот. Постапката за овој предмет ја водеше судијата Илија Трпков. Кога во јуни 2015 тој ја изрекуваше пресудата, појасни дека како совет внимателно ги ценеле доказите на двете страни, и на Обвинителството и на одбраната.

Олеснителна околност е тоа што се работи за млада личност, додека отежителна е тоа што веќе е правосилно осуден за кражбата на велосипедот, која му претходи на убиството, а кое кривично дело Ештрефи го призна во самиот почеток на судењето и доби условна казна. За убиството на Ангел пресудата беше затвор од 14 години.

Апелацискиот суд во Скопје одлучи дека жалбата на првостепената пресуда поднесена од бранителот на обвинетиот е неоснована и, како таква, ја одби. Со тоа Апелацискиот суд во Скопје се согласи со првостепената пресуда и на 18 февруари 2016 година одлучи да ја потврди. Со тоа таа стана правосилна

Ештрефи беше осуден за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик, па согласно со овој член, и членовите 3, 4, 7, 29, 30, 31, 32, 33, 35 и член 39.

По одлуките на првостепениот и второстепениот суд, осудениот Насер Ештрефи преку бранителот Ангел Ѓорѓиев, до Врховниот суд поднесе навремено барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на Кривичниот законик на штета на осудениот од членот 416 од Кривичниот закон. Причина за поднесеното барање, според адвокатот, е тоа што Ештрефи дејствијата ги презел во состојба на афект со висок интензитет, односно во состојба на силна раздразнетост, и неговата реакција била во заштита на неговиот телесен и психолошки интегритет.

Осудениот дејствијата ги презел во состојба на пречекорување на нужна одбрана, која е факултативна основа за поблаго казнување. Понатаму, не е утврдено постоењето на умислата, како облик на вина, т.е. субјективниот елемент за постење на битието на делото. Во барањето се предлага тоа да се уважи, првостепената и второстепената пресуда да се укинат и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно судење и одлучување.

Врховниот суд во совет составен од в.д. претседателот на судот Фаик Арслани -
претседател на советот и судиите: Џемали Саити, Цветанка Периќ, Мирјана Лазарова Трајковска и Наке Георгиев - членови на советот на 30 септември, минатата година на одржана седница одлучиле да го уважат ваквиот предлог.

Врховниот суд оценува дека во првостепената и второстепената пресуда, со кои осудениот е огласен виновен и осуден за предметното кривично дело, нема доволно образложени причини за сите решителни факти и околности во врска со кривично-правниот настан, поради што се доведува во прашање и правилната примена на материјалното право.

Во конкретниот случај реконструкцијата како процесно дејствие, предложена од страна на одбраната, а со цел да се утврдат правно релевантни факти во однос на вината и степенот на кривичната одговорност на осудениот, може да влијае на исходот на оваа постапка.

Врховниот суд смета дека првостепениот суд не дал релевантни причини за одбивањето на предлогот на одбраната за реконструкција на настанот.

К.Д.

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе