Македонското МНР од лани чека одговор за Демири и Исмаиловиќ

Седма година нема ни трага, ниту глас од бегалците од „Монструм“, Косово уште не одговара дали ќе одобри екстрадиција

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, бегалците кои се обвинети дека се директни извршители на масакрот кај Смилковското езеро сѐ уште се во бегство. Седум години нема ниту трага, ниту глас за нив до оние кои ги чекаат за да ги изнесат пред лицето на правдата. Потерница има, но нема известување за тоа каде се и дали ќе бидат екстрадирани во Македонија. МКД.мк одговор за постапката за екстрадиција на овие две лица обвинети за тероризам побара на македонското Министерство за правда. 

Од таму ни беше одговорено дека барањето до косовските власти е испратено уште во август, минатата година, но одговор сѐ уште нема.

„Ние од Министерството за правда испративме барање за екстрадиција до Косово за овие две лица уште во август, 2018 кое е проследено со целосната потребна документација. Чекаме одговор, но од тамошното Министерство за правда немаме добиено никаков одговор", ни беше одговорено од македонското Министерство за правда.

Истиот одговор постојано се чита и на судските рочишта во Основниот суд Скопје 1 за случајот „Монструм" во кој на шест лица, од кои двајца во бегство им се суди за тероризам. Тие во Македонија се водат како недостапни на органите на прогонот. Местата на Демири и Исмаиловиќ со години се празни, а судијата Огнен Ставрев го чита истото известување од Министерството за правда, односно дека нема ништо ново во врска со екстрадицијата на двајцата бегалци обвинети дека на 12 април, 2012 година ги ликвидирале четирите момчиња и рибарот од Црешево.

Лицата на Демири и Исмаиловиќ, до сега не успеаја да ги видат ниту Гордана Гешковска обвинителката која претходно го застапуваше обвинението за овој предмет, ниту судијата Ивица Стефановски кој ја водеше постапката. Бегалците Демири и Исмаиловиќ ги нема ниту сега кога постапката ја води обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, а предметот го суди Огнен Ставрев.

Еднаш Министерството за правда на Косово го одби барањето за екстрадиција за двајцата обвинети. Сега папката со доказите кои претходно обвинителите ги имаа за овие две лица, но и новите докази кои ги најави СЈО се повторно во рацете на косовските власти. Откако комплетно ќе ги разгледаат, ќе треба да кажат дали има доволно докази за Демири и Исмаиловиќ да бидат донесени во Македонија и да им се суди за тероризам.

А, овде ќе ги пречекаат решетките на притворската ќелија во Истражниот затвор во Шутка каде треба да ја издржуваат мерката притвор од денот на нивното пронаоѓање, како што стои во Решението на Основниот суд Скопје 1.
По ова, ќе треба да се најдат и во судница каде СЈО ќе им ги презентира доказите кои ги има против нив, за да му докаже на судот дека тие се директните сторители на петкратното убиство.

А начинот на кој што ги убиле, според досегашните сведочења на вештаците од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје и според обвинението е свиреп.

Според наводите на обвинителството, овие двајца бегалци откако ги легнале четири момчиња со лицата свртени кон земјата, а потоа им пукале од близу.

Македонското МВР во мај, 2012 година распиша потерница по овие две лица која до денес е активна. Двајцата бегалци во Косово беа осудени на затворски казни за трговија со оружје и откако ја одлежаа казната беа пуштени да се бранат од слобода.

Останатите обвинети во „Монструм" во своите искази пред судот кажаа дека преку вибер контактирале со двајцата бегалци.

Основниот суд Скопје 1 во август, минатата година соопшти дека добил известување од Министерството за правда во Скопје дека постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири е во тек.

„Добив известување од министерот за правда дека оваа постапка за екстрадиција од Косово е во тек. Министерството почнало сериозно да работи. Сега во прашање се правни процедури околу превод и штом ќе добиеме известување, ќе ви кажеме", рече тогаш судијата Ставрев.

Но, по ова, сите известувања за Демири и Исмаиловиќ од македонското Министерството за правда до Судот се исти, дека нови моменти нема. 

На рочиштата доаѓаат само роднини на обвинетите, а роднини на убиените на последните неколку рочишта во судница нема. 

Освен двајцата кои се во бегство, во постапката тројца се бранат од слобода, а обвинетиот Фејзи Азири се спроведува до судот од затвор каде одлежува казна за друго кривично дело.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм" го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Случајот сега се наоѓа во доказна постапка, а следното рочиште е закажано за 5 јуни. 

К.Д.

 

 

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе