Одбраната на обвинетиот Ивица Димитровски истакна дека се читаат докази за кои, како што рече адвокатката, Сузана Јошевска Анастасовска, „нема правосилна одлука во однос на приговорите воопшто да се изведуваат овие докази" и дополни дека не е јасно посочено на кого се однесува комуникацијата која ја предочи јавната обвинителка.
„Јавниот обвинител во ниту еден момент не го прочита зборчето 'unknown', кое што стоеше во секоја порака од Вибер комуникација, па не е јасно врз основа на што прочита дека ова е комуникација меѓу првообвинетиот и второобвинетиот“, рече адвокатката.
Првообвинетиот Рашковски дополни дека кога има „unknown" не станува збор за порака, туку, станува збор за некој друг запис, „сѐ освен СМС порака", рече тој.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување" и „Перење пари и други приноси од казниво дело". Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување" од Кривичниот закон.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а во улога на застапник на обвинението денеска е обвинителката Ивана Трајчева.