Како што информираат од ЈО, осомничениот на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди". Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска" и „Љубљанска", каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програма и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот.
Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомничениот управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница, соопштија од Јавното обвинителство.
Оттаму потенцираат дека осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа.