Кривичен суд

Сашо Миjалков до Фатиме Фетаи: Не се сеќавам на извештајот на УБК за „Монструм“

На денешното судско рочиште за случајот „Монструм“ поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи рече дека не се сеќава на анализата на УБК за убиствата на брегот на Смилковско Езеро.

Обвинителката Фетаи го праша каква анализа била направена во јануари 2013 година од УБК, за која преку телефон на Гордана Јанкулоска ѝ рекол: „Направив добра анализа”.

Мијалков одговори: „Не знам за која анализа зборувате. Не можам да се сетам на комплетниот разговор за кој зборувате. Управата прави анализи за сите случаи кои се од нејзин домен”.

За голем дел од снимките кои Фетаи ги цитираше, Мијалков рече дека не се сеќава.

„За 10 години, имаме разговарано за многу луѓе. Тоа е веројатно размена на информации со странски служби”, рече Мијалков запрашан дали се сеќава на разговорот меѓу него и Јанкулоска, каде се споменува некое лице именувано како Шукри Али.

Мијалков рече дека немале никакво сознание дека такво нешто може да се случи. „Немавме сонзнаија, ниту некој предочил дека тоа ќе се случи”, рече Мијалков.

Фетаи цитираше и уште еден прислушуван разговор од 10 октомври 2012 година: „Јас се слушнав со Али, го прашав дали е во тек, рече не, прашајте таму. Проверете го новиот случај таму”, му рекол Муса Џафери на Мијалков, по што овој рекол: „Стварно не сум во тек, тој е во судска постапка, ама ќе проверам”. Мијалков одговори дека и на овој разговор не се сеќава.

Тој на прашање на обвинителката, рече дека обвинетите од „Монструм” ги знае по физиономија од медиумите, но не и лично.

„Целата истрага ја водеше БЈБ, беа разменувани информации на дневна основа. Поминаа 8 години, мислам дека треба да ме разберете”, рече Мијалков на пршањето дали некогаш го видел исказот на загрозениот сведок.

Прашање до Мијалков постави и еден од родителите на убиените. Горан Наќевски го прашаМијалков дали е точно дека имало вмешаност на тајните служби во „Монструм”, како што Заев им кажал на мајките на убиените момчиња при средба во Владата.

„Јас можам да сведочам за она што сум го слушнал и видел. За каква вмешаност ви кажувал премиерот, јас стварно не знам”, рече Мијалков.

Мијалков за настанот дознал половина час после убиството. Случајот го воделе БЈБ, а Управата била вклучена со помагање во информации.

„УБК беше присутна во својство и улога на собирање на информации по однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и БЈБ“, појасни Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи.

По Мијалков треба да сведочат и поранешните министри Муса Џафери и Блерим Беџети.

Пред рочиштето Фетаи побара МВР да реагира и да го обезбеди сведокот Зоран Трајковски кој двапати добил покана за сведочење, а има и наредба за негово и за присилно спроведување.

На последните рочишта за овој предмет сведочеа повеќе сегашни и поранешни функционери од извршната власт, меѓу кои и Гордана Јанкуловска, Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи, Џелал Бајрами и Љупчо Тодоровски-Радникот. 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе