„Отворена е истрага во која сум осомничена за злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправа. Обвинителот беше фер и професионален. Ми беше кажано дека има извештај на колешката Лиле Стефанова во кој било наведено досегашното постапување и евентуално нешто од тие 380 анонимни пријави што се доставени од Управата за финансиска полиција. Ми беше даден на увид записникот од исказот на поранешниот директор на управата, Арафат Муареми, но не бев заинтересирана да го прочитам. Ја прочитав само кривичната пријава. Очекувам пријавата да биде отфрлена", изјави по распитот Русковска.
Што се однесува до дисциплинската постапка што беше покрената против неа и уште две други обвинителки, Русковска кажа дека таа согласно законот доставила изјаснување во врска со постапката и оцени дека на тој начин но и со кривичната пријава се врши притисок врз обвинителите.
На новинарско прашање дали снимката на која се слуша нејзиниот глас дека заборавила во притвор осомничен за случајот „Организатори на 27 април" може да го смени текот на судењето, Русковска кажа дека тоа е невозможно.
„Таа снимка излезе некаде на крајот на јули или почетокот на август месец и тоа е извадено од контекст. Во првите два месеци собирав докази и истрагата се прошируваше, а Владимир Атанасовски не беше повикан на распит и тоа е тоа наводно заборавање на осомничениот. Но законот е така поставен што никој никого не може да заборави во притвор затоа што на секои триесет дена обвинителот мора да бара или продолжување или укинување на притворот и за тоа одлучува судот", изјави Русковска.
Русковска ги потврди информациите дека се пријавила на огласот за избор на шеф на ОЈО ГОКК и дека очекува колегите да ја поддржат.