Прашања до сведокот

Родителите на убиените момчиња до Ахмети: Знаете ли дека пријателот обвинет во „Монструм“ е во затвор за 5 автоматски пушки?

За лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес, освен обвинителството и одбраната, прашања имаа и родителите на убиените момчиња.

Горан Наќески, таткото на убиениот Александар, го праша Ахмети дали се познава со некого од обвинетите. Лидерот на ДУИ одговори дека лично го познава Фејзи Азири, и тоа од ‎2002-2003 година. Следното прашање на Наќески беше дали на Ахмети му е познато дека обвинетиот Фејзи бил главен логистичар за време на конфликтот во 2001 во Брест, Малино Маало и Танушевци, но судот ова прашање не го дозволи, бидејќи не се однесува на петкратното убиство.

Во дел од прашањата Наќески се обидуваше да добие одговор и околу екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и го праша Ахмети: „Под чија директива Министерството за правда не потпишува за екстрадиција на бегалците и дали со Вашето политичко влијание и моќ можете да извршите влијание да се екстрадираат убијците?“. Ахмети како сведок во „Монструм“ на ова одговори дека направени биле напори за екстрадицијата и дека за него петкратното убиство е трагичен настан.

„А дали стоите на изјавата дека овој настан е срам за Албанците?“, праша Наќески. Ахмети одговори: „Ќе ви го кажам тоа што го мислам и денес, дека нема Албанец што би го правел тоа, но ако извршителите на ова се Албанци, Албанците со плукање ќе ги казнат“. Ахмети посочи дека му верува на судот и на обвинителството.

За обвинетиот Фејзи Азири, сведокот Ахмети доби прашање и од адвокатот Насер Рауфи. „Го познавате ли Фејзи како хуман човек и чесен земјоделец? Ви личи ли тој на човек што би пукал во деца?“, праша Рауфи.

Ваквото прашање предизвика жестоки реакции кај родителите на убиените деца, а Наќески возврати со зборовите: „А знае ли господинот Ахмети дека неговиот пријател Фејзи е во затвор за 5 автоматски пушки?“.

Следното рочиште за „Монструм“ е закажано за 27 февруари.

К.Д.

Фото: Роберт Атанасовски

 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе