Сериозност на минимум, шоу на максимум

„Рекет“ снимки и судска „претстава“ со реторика за над 18 години

Бојан Јовановски ја нарече обвинителката Вилма Русковска „оперска пејачка", обвинителката Лиле Стефанова беше наречена „ороспија" и „гомнарка" од Катица Јанева, Русковска го оквалификува Боки 13 како „фукара", Стефанова и Јанева според Орце Камчев се „хиени гладни за пари"...

Ова се вокабуларот и „етикетите“ што во текот на судскиот процес за „Рекет“ ги добија дел од учесниците. Едни веќе ги знаеме, а другите се нови...

Еден од најголемите случаи во државава, „Рекет“, се чини дека се претвори во театарска претстава, во која се најавува едно, а се случува нешто сосема друго.

„Сериозната“ болест на обвинетиот Бојан Јовановски за која се држеа и прес-конференции и од која „можеше да почине“ ја снема како меур од сапуница. Како што сè уште го нема ни милионот од торбата Луи Витон.

Ако првите неколку рочишта почнуваа со жалбите на Јовановски, по кои речиси секогаш се повикуваа лекари и судницата се претвораше во амбуланта, како што минува времето, болниот оздравува, ама сега судницата е сцена за претстава во која се користат термини за над 18-годишни.

Прво беа „ороспија“ и „гомнарка“, а сега „фукара“ и „ороспија“.

И не се овие зборови наша измислица, туку реалност, и тоа онаква каква што не смее да си дозволат учесниците во една судска постапка.

Речникот е за над 18 години, но медиумите ги пренесуваат вулгаризмите бидејќи тие се употребуваат во судница, а не секогаш вестите ги гледаме само ние возрасните. Гледаат и деца.

„Рекет“ беше актуелен и на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“. И ако минатата година главна тема беа СЈО и триото Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, за кои беше направена и песна, оваа година таа „чест“ ѝ припадна само на Јанева.

Во песната за „Рекет“ се пееше за одземената гарнитура што е дел од оние наводи на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во обвинителниот акт за овој предмет.

А триото Јанева, Ристовска и Фетаи остана само во воведниот говор на Русковска, која на почетокот на судењето за „Рекет“ ги спомна обвинителките како „Чарлиевите ангели“.

Дел од сатирата од манифестацијата за која народот плаќа карти за да ја гледа има бесплатно во судница во „Рекет“.

Парадоксално е тоа што токму во предметот во кој судијката Васка Николовска - Масевска е пример за транспарентност кон медиумите и е првата што воспостави практика да седне на иста маса со куп новинари и да им одговори на сите прашања, се случува театар во судницата.

Но никој, па ниту судијката, не може да знае со каква реторика се „вооружиле“ денес странките во постапката, како и до која мера тие се трпеливи, разболени, толерантни...

Николовска - Масевска пред судот со помош на куп медицинска документација ја реши дилемата за болеста на Боки 13 и официјално потврди дека тој нема рак, туку има воспаление на желудникот.

Обвинетиот Јовановски среќно ја дочека оваа вест и престана да се жали дека не му е добро во почетокот на секое судско рочиште, не бара по неколку пати да оди во тоалет, ниту пак, бара да биде прегледуван од лекари.

Николовска – Масевска треба да ја реши и дилемата за „Рекет“ и во скоро време да го заврши со првостепена пресуда.

Засега го осуди само Зоран Милевски, кој призна вина и кој уште еднаш требаше да го видиме во судница како сведок.

Но најавата на Јовановски за неговото сведочење не се исполни, од кои причини, не се знае, но Милевски нема да биде сведок.

Сведоци на Јовановски нема да бидат ниту Дејан Панделевски, син на газдата на „Пелистерка“, ниту Владимир Тодоровиќ, сопственик на Тинекс и поранешен градоначалник на општина Центар, и Јовче Ременски, сопруг на Фросина Ременски.

На Јовановски му останува уште еден сведок што во судот ќе треба да се појави утре.

Јанева, односно „Мајка“ од пораките на Боки 13, избувна еднаш, и тоа пред својата колешка Лиле Стефанова, на која претходно најмногу ѝ веруваше.

Ја нарече „ороспија“ и „гомнарка“. Ама секое чудо за три дена, па така и ова.

Го подзаборавивме ова, па сега следни вулгаризми употреби Јовановски, кој цитирајќи го Иво Андриќ рече дека „фукарата се збогатила“.

На ова не му остана должна ниту Русковска, која ѝ се обрати на судијката Васка Николовска - Масевска да го праша Јовановски дали кога споменува фукара, мисли на себе?

Јовановски ѝ рече на Русковска дека не може да го деконцентрира со нејзиниот оперски глас и постојано ѝ вели да не се дере.

Таа, пак, му укажува на адвокатот Сашко Дуковски да не се дере и така топката се префрла...

Дерење, превирања, кавги, навреди, снимки или нејасни или полни вулгаризми и докази прво на обвинителката Русковска, па следно на Јовановски и на крајот на Јанева.

Материјалните докази на Јовановски ќе следат по последниот сведок, кој пред судот ќе треба да се појави утре.

Во нив, според најавата на овој обвинет, ќе треба да биде презентирана и снимката од безбедносната камера од домот на Јовановски, со која, како што претходно најави обвинетиот, ќе се открие каде завршиле парите од торбата Луи Витон.

Па по него следат сведоците на Јанева, кои според најавите, ќе бидат вработени во СЈО. По ова се доказите на Јанева.

По вербалните и материјалните докази на обвинетите, тие пред судот ќе треба да дадат одбрана. Претходно само кусо рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Што ќе покажат, ќе откријат и ќе кажат ќе се знае на наредните рочишта.

Засега со своето однесување и ораторски вештини на случајот „Рекет" му даваат друга димензија, онаква што не ѝ оди во прилог на сериозноста на предметот, ниту пак на начинот на кој истиот овој предмет треба да биде прикажан пред јавноста.

„Рекет" продолжува утре, кога со нови информации ќе продолжи серијата од извештаи. Какви ќе бидат зависи од она што ќе биде понудено во турата наменета за докази на одбраната.

А чии докази ќе натежнат ќе ценат судиите, прво оние од основниот, па потоа од повисоките судови доколку има жалби.

Засега жалби има многу, ама само сценски, кои најчесто завршуваат со кавги, навреди и етикетирања што не одат во прилог ниту на правосудството, ниту на постапката.

А за нив, немало казни, само опомени и отстранувања од судница...

К.Д.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе