Театрален почеток на крајот, но чиј?

„Рекет“: Глумци, сценаристи, хиени, ангели, криминалци, ама сите тврдат исто, дека се невини

На почеток на последниот месец од оваа година главна тема во јавноста е судскиот процес за случајот „Рекет". Глумци, сценаристи, хиени, ангели, криминалци, касапи, жртви...Има и театар, а и судски процес. Има и улоги, ама дали се вистинските ќе покажат времето и доказите. Дрвените столчиња во судницата во новиот Основен кривичен суд го чекаа Орце Камчев да седне на нив и како обвинет да се соочи со судиите, но тој денес им се насмевна на сите застанат од спротива, во иста линија со двете судијки и судиите-поротници.

Исправен, на моменти ироничен, па нервозен, па насмеан, со часови зборуваше. Тој за себе вели сведочел емотивно, но емоции не покажа. Смирен, се појави како клучен сведок во постапката за „Рекет“.

Можеби повеќе бура од измешани реакции имаше кај Бојан Јовановски кој подготвен со членови од законите, со кривична пријава за шпионажа и со серија прашања го „бомбардираше“ сведокот Камчев.

Но, и Камчев возврати, бил изненаден што Јовановски немал диплома за завршено високот образование, туку бил студент, иако му тврдел дека е магистер.

И додека се расправаше за тоа кој каква диплома има, и кој колкаво искуство имал во бизнисот, тука е и Катица Јанева која мудро молчи. Но, таа беше онаа која претходно даде позитивно мислење за на Камчев да му биде издадена патна исправа која му била потребна за едукација, а потпис во нејзино име стави обвинителката Елизабета Јосифовска.

И додека Камчев се надоградува, Јовановски студира, а Јанева е невработена... она што ги спојува се два предмети „Имерија“ и „Рекет“, а и делат и ист став, дека се невини.

Сметките им ги „помати“ Зоран Милевски Кичеец кој уште на старт на судскиот процес реши да ги изненади сите и се одлучи да признае вина. Свесно и по своја волја Кичеец доби 3 години затвор. Но, ќелијата во Истражниот затвор во Шутка каде се издржуваат овие казни, ќе го почека бидејќи има право на жалба во делот на висината на казната. И ќе се жали оти очекувал условна казна.

Е сега, се чини дека за да влезете во судница ви треба да сторите кривично дело, но овие тројца, Јанева, Кичеец и Боки 13 тврдат дека не сториле ништо.

Но лицето на правдата како да има две страни, бидејќи онаа жена, Јанева која пред неколку месеци газеше цврсто на земја, беше надеж за подобро правосудство и ги победуваше вратите со едно „Отвори“, денес од почетоков на месецот си ја отвори вратата зад решетките и седна на местото каде ги испраќаше оние кои го погазиле законот.

Во нејзино име зборуваат нејзините бранители и тврдат дека сите дејствија, мислејќи на определувањето на куќен притвор, па потоа издавање на времена патна исправа за Камчев биле законски.

Но, Камчев вели дека приказната за „Рекет“ има и друга страна, односно дека му биле барани пари за да излезе од притвор, како и дека бил неправедно вмешан во „Империја“ каде е осомничен. Тврди дека вториов предмет е почеток за да настане првиот.

Себе си се нарече жртва, а ги уверуваше присутните во судница дека ќе го докаже тоа.

А во „Рекет“ има многу докази, има снимки, видео и аудио, има брендирана и скапа облека која во 71 црна вреќа беше запленета од Боки 13, а можеби и парче по парче ќе се чита кој бренд е, каде била купена и колку чинела.

Еден милион евра Камчев рече дека поради мајтап му ги спакувал на Боки 13 во чанта Луи Витон, на Јанева пак, 350.000 и ги дал малку поедноставно, во кутија за чевли.

А обвинителката Вилма Русковска доказите не ги спакува ниту во торба, ниту во кутија, туку во папки кои се наоѓаат во судот.

Во театралната судница треба да се гледаат снимки, да се слушаат разговори, да се презентираат вештачења, да се изведуваат материјални докази, како и да се чујат исказите на Јанева и Јовановски.

За разлика од ексспецијалната јавна обвинителка која е тивка, Јовановски гласно тврди дека ќе зборува многу и има што интересно да каже.

И додека јавноста, а и медиумите кои со внимание и во голем број чекаат да се размота случајот, се чини дека со почеток на новиот месец почна и судскиот процес, но почна и крајот. Но чиј, допрва ќе видиме. Едно е сигурно, овој случај стави крај на блескавата кариера на Јанева, но и на блескавите и скапи парчиња облека на Јовановски кои постојано беа презентирани на социјалните мрежи.

Но, во Истражниот затвор во Шутка каде сега е Боки 13 нема ниту брендирана гардероба, ниту социјални мрежи. Има тишина во која Јовановски ќе може да размисли што ќе ја праша Ана Камчева в вторник кога треба да се појави на суд како сведок, како и во која насока ќе даде исказ понатаму во постапката.

Тој тврди дека е невин, а и Јанева исто така, но бидејќи се обвинети имаат право и да не ја зборуваат вистината.

За разлика од нив, клучниот сведок Орце Камчев мора да ја зборува вистината бидејќи подлежи на кривична одговорност за лажно сведочење.

Вчера даде и заклетва и се заколна во својата чест дека ќе ја зборува вистината. И зборуваше да, и тоа со часови, но дали вистина или не ќе цени судот.

Наше е будно да зебележуваме што се случува во судница и да запаметиме дека „Рекет“ е две во едно, и театар и процес, и по случувањата, но и по квалификациите кои за личности се даваат во судница.

Главниот збор ќе го имаат првостепените судии, па потоа може и второстепените... Не знаеме, но следиме... 

К.Додевска 

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе