Сексуална злоупотреба на децата

Растат бројките на насилство ама се множат и пријавите против педофилите

Страв, вознемиреност, чувство на вина и срам, пост-трауматски стрес, нарушено ментално здравје се само дел од заедничките последици на децата жртви на сексуално насилство, велат од Правата детска амбасада Меѓаши. Според нивните податоци со секоја наредна година се зголемува бројот на пријави за сексуална злоупотреба и друг вид насилство врз децата. Во последните пет години во Меѓаши се пријавени 27 случаи на сексуално насилство врз дете.

Фото: Пиксабеј

Со секоја наредна година се зголемува бројот на пријави за сексуална злоупотреба и друг вид насилство врз децата, покажуваат последните податоци на Првата детска амбасада Меѓаши. Во последните пет години се пријавени 27 случаи на сексуално насилство врз дете. Во периодот од 2018 до октомври 2022 година најкритична била пандемиската 2020 година. Во време на корона криза биле пријавени четири случаи на сексуална злоупотреба на дете преку интернет и 13 случаи на сексуално насилство. Во 2021 биле пријавени осум случаи. Најдобра била 2019 како и првите десет месеци од 2022 година кога не е пријавен ниту еден случај. Тоа не значи дека ова е вкупниот број на вакви случаи туку дека толку се охрабриле да го пријават случајот, велат од Меѓаши.

Бројките не одат во полза на децата

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи најмногу кривични дела против половата слобода и моралот во кои спаѓа и педофилијата имало во пандемиската 2020 година, 113 а биле регистрирани 107 сторители на ваквите кривични дела. Во 2017 година биле пријавени 102 кривични дела а биле пријавени 80 сторители. Во двете последователни години, 2018 и 2019 бројот на овие кривични дела забележал благ пад од 91 односно 87 пријавени дела со регистрирани 90 односно 87 сторители. Минатата 2021 година пак биле регистрирани 94 кривични дела против половата слобода и морал со 86 пријавени сторители.

Според Извештаите за работа на јавното обвинителство, во 2021 година вкупно биле пријавени 37 силувачи биле поднесени 12 обвиненија а биле изречени 18 пресуди. Истата година за полов напад на дете биле пријавени 25 луѓе биле поднесени 13 обвиненија и биле донесени идентични како и за силување, 18 пресуди. Една година претходно, во 2020 година биле пријавени 48 силувачи за кои биле поднесени 16 обвиненија и имало 11 пресуди. За полов напад на дете биле пријавени 43 луѓе, биле поденесни 25 обвиненија а донесени биле шест пресуди.

Во 2019 година бројот на силувачи бил за дваесет луѓе помалку. Имено оваа година биле пријавени 28 силувачи за кои биле поднесени 13 обвиненија а биле изречени 20 пресуди. За полов напад на дете биле пријавени 20 луѓе за кои биле поднесени 12 обвиненија а биле изречени 11 пресуди. Според податоците на обвинителството се чини дека 2018 година имало најмногу пријавени силувачи, 48. Обвинителството поднело 28 обвиненија а биле донесени 23 пресуди. За полов напад на дете пак биле пријавени 30 луѓе, биле поднесени 26 обвиненија а биле изречени 31 пресуда. Од анализираниот период во 2017 година за силување биле пријавени 47 луѓе биле поднесени 18 обвиненија а биле донесени 21 пресуда. За полов напад на дете биле пријавени 27 луѓе биле поднесени 19 обвиненија а биле донесени 21 пресуда.

„Зголемен број на овие кривични дела може да биде резултат на девијација, пад на моралните, семејните вредности и отсуство на родителска контрола или поддршка, достапноста на експицитни компромитирачки содржини, прерано стапување во сексуални односи, недоволно сексуално образование и недоволна образование за превенција од сексуални предатори", велат од Меѓаши.

Ниту имаме судии ниту имаме европски закони за заштита на децата

Истражувачки тим од Здружението на млади правници во Компаративната анализа на законодавството за заштита на детето констатирал дека во македонскиот кривично-правен систем во случаите во кои жртвите од насилство се деца, а сторителите се полнолетни, постапуваат општи судии и судски совети без притоа да се бара специјализираност и знаења од нив на тема заштита на права на деца.

„Пристапот до правен совет и адвокат за децата жртви на
насилство кои живеат во сиромаштија е ограничен во текот на сите фази од постапката. Во јавното обвинителство не постои одвоен регистар за случаи кои се поврзани со кривични дела за насилство врз деца. Принципот на само едно сослушување на дете жртва на насилство во текот на целата кривична постапка не е имплементиран во пракса. Поголемиот број на судови и јавни обвинителства не ја поседуваат потребната техничка опрема, ниту пак просториите каде се сместени се адаптирани во согласност со пропишаните стандарди", пишува меѓу другото во анализата на Здружението на млади правници.

Од Судскиот совет признаваат дека во Македонија не постојат специјализирани одделенија за постапување по предмети во кои децата се жртви на педофили.

„Судиите посетуваат специјализирани обуки во врска со предметите во кои има деца жртви на педофилија. Македонското законодавство не е усогласено со европското во врска со оваа тема, а дали, кога и како тоа ќе се направи не зависи од Судскиот совет, туку од институциите надлежни за измени во законите или носење нови закони", велат од Судскиот совет.

А надлежно за предлог измени или предлагање на нови закони од оваа област е министерството за правда. Од таму вела дека специјализирани одделенија во судовите кои судат исклучиво предмети во кои деца се жртви на насилство односно жртви на педофилија нема туку по тие предмети постапуваат судии за деца, совети за деца и советници за деца во специјализираните судски оддели за детско престапништво формирани во основните судови и тоа само во оние судови кои имаат проширена надлежност.

„ Но затоа во Законот за правда за децата е предвидено дека во постапката што се води за дејствија што со закон се предвидени како кривични дела во кои детето се јавува како жртва судовите, јавните обвинители и службените лица на министерството за внатрешни работи можат да постапуваат само доколку поседуваат соодветно образование и имаат посебно познавање и искуство од областа на правата за детето и за кривично-правната заштита на децата", велат од министерството за правда.

И постарите од 14 години се жртви на сексуално насилство ама не и жртви на педофилите

Педофилија е сексуална склоност на возрасен човек кон деца во
предпубертетска возраст. Според Кривичниот законик на Македонија деца жртви на сексуално насилство се оние до 14 години иако за малолетно лице се смета секој оној кој не навршил 18 години. Половиот напад врз дете кое не наполнило 14 години се разликува од силувањето по тоа што кај силувањето, секогаш е потребна употреба на сила при извршувањето на обљубата. Сепак, правниот систем претпоставува присуство на принуда, бидејќи малолетник кој не наполнил 14 години или лице со посебни потреби, правно не е способен да даде согласност за пристапување кон сексуален чин. Во различни законодавства обљубата на дете и границата на предпубертетскиот период различно се дефинира. Затоа Македонската коалиција за правата на детето во препораките од последниот извештај предлага законите да обезбедат еднаква заштита за сите деца помлади од 18 години од кривичното дело сексуална злоупотреба на дете, велат од амбасадата Меѓаши.

Иако истражувањето на Здружението на млади правници констатирало дека остварувањето на правото на надомест на штета за децата жртви на насилство е значително отежнето во пракса, од министерството за правда велат дека Министерот за правда донесува, Програма за обесштетување на децата жртви на насилство. Според податоците за оваа програма за 2020 година и 2021 година одвоени се еден милион денари и три милиони денари за 2022 година од Буџетот на ова министерство. Од јануари до јуни 2021 година донесени се и исплатени четири решенија за обесштетување на дете жртва во вкупен износ од 1.500.000,00 денари.

Од Меѓаши препорачуваат децата уште од градинка да се едуцираат за нивната сексуалност, како да се заштитат од сексуална злоупотреба, како да постапат доколку бидат жртви. За родителите, исто така, е потребна едукација за да знаат како да ги советуваат своите деца да се заштитат и како да постапат, доколку во случај нивното дете е жртва. Од таму уште препорачуваат формирање на прифатилишта, сигурна куќа или децата да бидат сместени во згрижувачки семејства, а отворањето советувалишта за третман на децата-жртви и на нивните семејства да не бидат единствени алтернативни решенија за заштита на децата.

 Искра Опетческа

 

Легенда под Главна слика

Фото: Пиксабеј

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе