Околу случајот „Рекет“

Раскол во СЈО, Фатиме незадоволна од наредбата на Јанева за претрес на обвинителите

Полицајците вработени во Специјалното јавно обвинителство денеска почнале да ги претресуваат обвинителите кои влегуваат и излегуваат од зградата. Наредбата била дадена од шефицата на СЈО Катица Јанева. На ова бурно реагираше обвинителката Фатиме Фетаи.

„Сочно опцув и тргнав во нејзината канцеларија за да видам зошто како обвинители кои четири години се бориме за СЈО, сега по нејзина наредба треба да бидеме претресувани. Таа беше излезена, а мене ми беше тешко и дури почнав да плачам поради таквото нејзино однесување“, изјавила за Телма телефонски обвинителката во СЈО Фатиме Фетаи, која по враќање од пауза била сопрена од полицаец на влезот во Специјалното обвинителство за да и ја претресе торбата.

„Не може да сфатам како почна да се наредува такви работи откако ние 4 години по судници и секаде се бориме за СЈО“, вели Фетаи.

Утрово, според извори од СЈО, кога обвинителот Бурим Рустеми заминал на судењето за ТНТ, Јанева проверувала и кои документи тој ги зел со себе. Рустеми денеска требаше да даде исказ во обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“, но поради рочиштето за ТНТ, тоа е одложено за утре.

Досега во Јавното обвинителство исказ дадоа две обвинителки, Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска. Се очекува и поканата за Катица Јанева и нејзината вмешаност во случајот „Рекет“. Кај обвинителката Вилма Рускоска денеска исказ дала и шефицата на кабинетот на Јанева. 

Во понеделникот, според извори од СЈО, Јанева на состанок ги повикала обвинителите, признала дека била во контакт со Бојан Јовановски, но дека тоа го правела за „добро на институцијата“. Таа ништо повеќе не кажала за случајот „Рекет“ и за нејзината улога во сето тоа. Јанева побарала од обвинителите да застанат на нејзина страна, „за доброто на институцијата“, оти ако потоне таа, ќе потонат и тие со неа. Состанокот траел повеќе од два часа.

А.Д.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе