Кривичен суд

Продолжуваат судењата за случаите „Талир“ и „Тарифа“ на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Талир" и „Тарифа" на Специјалното јавно обвинителство.

Предметот „Талир“се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ за кое се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.

Првото рочиште за случајот Талир се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес сѐ уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува поради неприсуство на некој од обвинетите или Судскиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе