Поради неразјаснети дејствија

Наместо пресуда за Мијалков, Судот ја преотвора постапката за „Тортура“

Поради неразјаснети околности околу фактичката состојба, Судот не може да донесе пресуда за случајот „Тортура" и одлучи постапката да биде преотворена и да продолжи на 8 јули. Ова е одлуката што денес ја донесе судијката Александра Ристеска за случајот со апсењето на Љубе Бошкоски, со образложение дека останале неразјаснети околности кои се клучни за донесување на мериторна одлука за овој предмет. 

„Во конкретниот случај на обвинетите им се ставаат на товар неколку специфични дејствија, но и намерата без која кривичното дело не може да постои. Неспорно е дека се случил настан, но не е јасно кој од обвинетите кое дејствие го презел и за Судот нејасно е кој од обвинетите кое дејствие и со кој интензитет го презеле. Согласно член 397 став 1 од ЗКП, Судот оцени дека е потребно дополнување на постапката и разјаснување на одделни прашања и затоа постапката ќе се преотвори. При изведување на сите докази, за членовите на советот е неразјаснето прашањето за употребената сила, закана и отпор. Останаа неразјаснети одредени околности и во моментот постои фактичка пречка за донесување на одлука од судот. Неопходно е да се преотвори главната расправа заради овие причини и затоа следното рочиште се закажува за 8 јули", рече судијката Ристеска на денешното закажано изрекување на пресудата.

За одбраната на Сашо Мијалков обвинението за „Тортура" претставува гола формулација непоткрепена со докази. Адвокатот Љупчо Шврговски, кој го застапува Мијалков, во завршни зборови нагласи дека ниту теоријата ниту праксата познаваат стек односно спој, каде едно лице може да се јави и во улога на извршител и поттикнувач, односно не може да постои квалификација во која Мијалков може да биде поттикнувач на извршување на кривичното дело.

„Обвинението е гола формулација непоткрепена со докази. Обвинителот не само што не презентираше доказ, туку нема наведено ниту еден факт дека Мијалков ги поттикнал другите да го извршат кривичното дело. Кога обвинетите беа прашани дали имале телефонски контакт или дали го познавале обвинетиот, тие беа децидни, дека ниту го познаваат, ниту пак зборувале телефонски. Ако имаше контакт, тоа ќе го имаше во листите на телефонски повици, но тоа го нема како доказ и тоа се само голи претпоставки", рече на 26 мај адвокатот Шврговски.

Тој ги појаснуваше и аудио снимките, односно „бомбите" кои се дел од доказите и во кои Мијалков зборува телефонски со соговорници за чинот на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски и за тоа како бил легнат долу на земја.

Обвинителот Лапе на 12 мај, кога даваше завршни зборови за овој предмет, пред судиите во Основниот суд изврши прецизирање на обвинителниот акт од каде ги избриша зборовите „Бел ден да не видиш", бидејќи како што кажа, не се докажало дека овие зборови биле употребени и тој не бил убеден дека се користеле, а и Бошкоски не ги повторил во текот на судењето.

Ставот на обвинителот бепе дека Бошкоски е мачен поради политички причини и дека ова кривично дело мачење е слично со малтретирање во служба и дека и двете дела се извршуваат со злоупотреба на службената положба.

„Легнување на земја на оштетениот Бошкоски, малтретирање и прикажување пред камера било со намера да се наруши угледот на оштетениот. Се бришат зборовите „Бел ден да не видиш" бидејќи не сум убеден дека овие зборови биле кажани и Бошковски не ги повтори. За време на апсењето и потоа Бошкоски доживеал душевно страдање, што се докажа од медицинска документација и имал здравствени тешкотии. Врз основа на медицинска документација, направено е и вештачење од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Биле констатирани видливи крвни подливи, поради инфузија, но не е точно опишано кога тој примал инфузија. Вештаците во оваа постапка утврдиле пост-трауматско стресно растројство, анкзиозност и депресија. Душевното страдање се манифестирало со потење, страв, несоница.. Утврдена била поврзаност и причинско последична врска со чинот на апсење и психичкото страдање кое траело неколку месеци", рече тогаш во завршен збор обвинителот Лапе кој побара затворски казни за ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков и за шестмината припадници на полициските „Алфи". 

Обвинетиот Сашо Мијалков е во притвор. Тој понуди гаранција од безмалку 11 милиони евра во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.

Ова беше прва толку голема сума што е понудена до сега во Обвинителството како гаранција дека ако обвинет излезе од притвор, нема да бега.

 Оваа сума ја прифатија од ОЈО ГОК, но Судот ја одби и Мијалков остана во притвор до правосилност на првостепените пресуди. 

Денешната пресуда требаше да биде четврта по ред за Мијалков. Тој претходно беше осуден за случајот „Таргет-Тврдина" каде доби 12 години затвор, а за „Трезор" му беше изречена затворска казна од 8 години.

Двете пресуди не се правосилни односно се во жалбени постапки пред Апелацискиот суд во Скопје.

Мијалков, заедно со Мендух Тачи и тројца поранешни членови на ДИК, е обвинет и во случајот „Титаник 2", каде во 2019 од Основниот кривичен суд беше осуден на 3 години затвор.

Оваа пресуда беше укината од второстепениот суд и случајот се врати на повторно судење.

Ексдиректорот на УБК е осомничен и во „Империја" и „Плацови на Водно" .

К.Д.

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе

(Овој труд беше презентиран на конференцијата „Геноцидот и неговата превенција во дигиталното доба: предизвици на 21 век“, 19- 23 јули, Барселона, Шпанија.)

повеќе