Пресуда за случај „Трезор“

Затвор од 8 години за Сашо Мијалков за набавка на опремата во УБК

Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена казна затвор од 8 години на бившиот шеф на УБК Сашо Мијалков за злоупотреба на службената положба во случајот „Трезор“. Поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски е осуден на единствена затворска казна од 5 години, а исто толкава казна доби и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ. Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, кому му се судеше во отсуство, Горан Грујевски, доби единствена затворска казна од 15 години. 

Обвинетите, според судот, се виновни за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија. Судијката Џенета Бегтовиќ нагласи дека обвинетите умислено ги сториле кривичните дела и дека приватниот интерес им бил пред државниот.

Тогашното Специјално јавно обвинителство поднесе обвинение за случајот „Трезор" на 26 јули, 2017 година, а обвинителниот акт во целост беше прифатен на 29 ноември, истата година.

Судењето за случајот „Трезор" почна на 17 јануари, 2018 година. Според судијката Џенета Бегтовиќ, во текот на постапката биле изведени вкупно 714 материјални докази, сослушани 17 сведоци, беше изведено едно вештачење и сослушани беа двајца технички советници.

Судијката нагласи дека во текот на постапката во целост се почитувани правата на одбраната, како и предвид се земени сите докази, за да се дојде до материјалната вистина за овој случај.

Во текот на 2019 година закажани беа неколку рочишта, но, како што појасни судијката овие судења се одложувале бидејќи се чекала одлуката од Грција за екстрадицијата на Горан Грујевски. Откако завршила постапката пред Врховниот суд во Грција, Основниот кривичен суд во Скопје во јуни, 2019 година одлучи на Грујевски да му суд во отсуство и судењето поради истек на повеќе од 90 дена, почна од почеток.

Дел од рочиштата поминаа без присуство на јавност, а како што појасни судијката, тоа било така, со оглед на тоа дека сведочеа вработени во УБК.

Судијката пред соопштување на пресудата нагласи дека уште еден предмет од СЈО доби завршница. Истата судијка му судеше на Мијалков и во случајот „Таргет-Тврдина". За овој случај, Мијалков доби затворска казна во траење од 12 години. По пресудата за овој предмет, на поранешниот шеф на УБК му беше изречена мерка притвор која не смее да биде поголга од 2 месеци и која завршува на 26 април.

Тој за денешното изрекување на пресудата беше спроведен од Истражниот затвор во Шутка. 

Пред изрекување на пресудата, судијката Бегтовиќ прочита и дел од „бомбите" кои беа дел од доказите во случајот „Трезор". Според разговор од 9 март, 2013 година, Мијалков влијаел кај брат му, Владимир Мијалков вработен во Царинска управа, за стоката која се увезува да има привилегии, односно да не се врши никаква проверка и дека таа била за потребите на УБК.

„Трезот е еден од поголемите предмети по однос на кривичните дела, како и по фактот што сторители на тие кривични дела се високи функционери во УБК и МВР. Набавката била извршена од анонимна фирма ФИНЗИ и тоа всушност била прва голема зделка на оваа фирма", нагласи судијката Бегтовиќ.

За да набават опрема за МВР и УБК, обвинетите во Велика Британија, во 2010 година оствариле состанок со претставници на ГАМА и договориле набавка на опрема. Одлучиле, наместо набавката да оди преку ГАМА, како најекономичен начин, набавката да биде преку Финзи, а ова правно лице го користеле за свои зделки.

Судот ја ценеше и одбраната на Мијалков, дека бил во Лондон, но негира дека бил таму за да набави опрема, како и дека УБК не учествувала во набавка на опрема.

Судот не ги прифати ваквите наводи како основани, бидејќи беа спротивни на доказите кои ги има во оваа постапка, рече судијката Бегтовиќ. Таа додаде дека Мијалков ниту еднаш не изготвил извештај за патувањата во Лондон, бидејќи сакал да останат тајна. 

Во завршниот збор, Обвинителството истакна дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

Одбраната, пак, во завршниот збор наведе дека обвинението за случајот е засновано врз претпоставки, дека постапката ја води неовластен тужител и на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда, со оглед дека јавните обвинители не го докажале обвинението.

Против оваа одлука на првостепениот суд странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по приемот на писмената пресуда. 

К.Д.

Фото: Роберт Атанасовски

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе