По даденото позитивно мислење од ОЈО ГОК

Поради можност за бегство, Судот ја одби гаранцијата од речиси 11 милиони евра и не го пушти Мијалков од притвор

Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, останува во притвор. Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 одлучи дека можноста за бегство сè уште постои и одлучи да не ја прифати понудената гаранција од 10,8 милиони евра. 

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна", соопштуваат од Судот.

Сашо Мијалков понуди безмалку 11 милиони евра во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Ова е прва толку голема сума што е понудена до сега во Обвинителството како гаранција дека ако обвинет излезе од притвор, нема да бега.

Мијалков во моментов има вкупна затворска казна од 20 години за два предмети, но ниту едната, ниту другата не се на сила.

Поранешниот прв човек на УБК, е во Истражниот затвор во Шутка каде ја издржува мерката притвор која што му е определена по изречените пресуди, прво за „Тврдина-Таргет", па потоа и за „Трезор".

Сашо Мијалков во февруари годинава доби 12 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина", ( 5 години се за злосторничко здружување, 5 за злоупотреба на службената положба и овластување и 3 за примање награда за противзаконито влијание).

За случајот „Трезор" во април, годинава Мијалков доби затворска казна од 8 години за злоупотреба на службената положба и овластување.

И двете пресуди со кои поранешниот шеф на УБК треба да одлежи казна затвор во траење од 20 години не се правосилни. За овие одлуки на првостепениот суд се чека примерок во писмена форма. По добивањето на хартиена форма на пресудите, странките во постапката во рок од 15 дена можат да поднесат жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Овие две пресуди со кои Мијалков доби 20 години затвор се неправосилни, односно за нив течат роковите за жалби.

За пресудата за случајот „Титаник 2" која всушност беше и прва пресуда од предметите на СЈО отворени против Мијалков, поминаа роковите за жалби и овој предмет повторно се врати во Основниот суд Скопје 1. Оваа пресуда Мијалков ја доби на 8 март, 2019 година, а со неа доби казна затвор од 3 години. Но, второстепените судии одлучија дека оваа постапка треба да почне одново.

Апелациониот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна.

Во таа насока, Апелациониот суд констатирал дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

Пред пресуда е и случајот „Тортура" во кој обвинет е и Мијалков и овој предмет е во фаза на завршни зборови, односно се ближи кон пресуда.

Пред околу една недела против Мијалков е поднесено ново обвинение, овој пат за плацевите на Водно каде е обвинет за перење пари.

Основното јавно обвинителство за гонење на организаран криминал и корупција, освен против Мијалков, обвинениет поднесе и против поранешниот премиер, Никола Груевски, неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев и Ратка Камчева.

К.Д.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе