За лична карта дневно се сликале по 50-60 непознати лица

Полицаец сведочеше во „Титаник“: Проверував 100 луѓе од Пустец, ги немаше на дадените три адреси во Ресен

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ на СЈО сведочеше полицаецот Агрон Кранлиевски вработен во полициска станица во Ресен кој раскажуваше како жители од Пустец, Албанија, се нашле на избирачкиот список за изборите во 2013 година, а не живееле во Ресен. Тој сведочеше дека во 2012 година правел проверки на живеалишта на лица на неколку адреси во градот и утврдил дека лицата ги нема на адресите.

„Во 2012 година ми дадоа на проверка документи на 100 луѓе на три адреси. Од командирите добивавме барања да извршиме проверки на адресите наведени во барањата. 45 барања имав да извршам на адресата кај Љупчо Попгошев, на ул. ‘Мите Богоевски‘ дали имаат извод, договор за закуп или имотен лист на куќа и потоа одевме на теренска проверка. Кај Љупчо немаше никој од тие 45 лица. Кај Сандре Темелковски имаше 25 до 30 луѓе, кои исто така, во првиот обид не беа најдени ниту еден. И на третата адреса, во куќа во Ресен на улица ’Борис Кидрич‘, каде имаше пријавено 25 лица, не најдов никое од нив. И во другите два обида, истите лица, од трите адреси, не беа пронајдени. По извесен период во увид на Избирачкиот список, видов дека 78 луѓе се внесени, а јас имав напишано негативно за нив, дека во 3 обиди ниедно од тие лица не беше најдено на тие адреси““, го пренесува порталот СДК.мк сведочењето на полицаецот Кранлиевски.

Тој пред судот го опишал начинот на кој била изведена оваа операција пред локалните избори во 2013 година.

„Секојдневно во полициската станица доаѓаа на сликање 50-60 непознати лица кои не беа од нашето подрачје. Од командирот Милорад Ѓорѓиевски добивме наредба да ги тргнеме на паркингот, да не прават гужва за останатите странки. Одбија да излезат. Рекоа тука сме со нашите пасоши да се сликаме за лични карти по наредба на нашиот градоначалник Едмонд Темелко“, одговараше сведокот во судницата во Основниот суд Скопје 1.

Обвинетиот пратеник Илија Димовски се обидел да го дескридитира сведокот, па го прашал дали е точно дека бил во блиски релации со високи функционери од сегашната власт. Судијата Осман Шабани не го дозволи прашањето по приговор на обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи не е вкрстено, односно не произлегува од дадениот исказ на сведокот.

Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

повеќе

Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

повеќе